Стапува на сила обврската за задолжителна зимска опрема

25/10/2019

Согласно Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата од 15 ноември до 15 март, задолжително е поседување на пропишана зимска опрема во возилата.

Притоа, според Правилникот:

  1. Задолжителна зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 kg претставува:
    – Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 4mm или доколку возилото поседува летни пневматици со минимална длабочина на шарата од 4mm да поседува синџири за снег кои одговараат на големината на погонските тркала.
  2. Задолжителна зимска опрема на моторни возила со погон на сите тркала (4×4) претставува:
    – Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 6mm или летни пневматици со минимална длабочина од 4mm, доколку возилото поседува синџири за снег најмалку за задната осовина во случај кога возилото има постојан погон на сите тркала, или синџири за снег најмалку за погонските тркала кога возилото има преклопив погон.
  3. Задолжителна зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 kg претставува:
    – Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 6mm или доколку возилото има летни пневматици со минимална длабочина на шарата од 4mm, да поседува синџири за снег соодветни на големината на пневматиците.
    – Автобусите и товарните возила кои не можат да постават синџири на тркалата задолжително треба да поседуваат зимски пневматици на погонските тркала како и прирачен алат.

Според Правилникот, зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака „MS“, „M+S“, „М&S“ како и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Исто така според Правилникот, во патниот сообраќај не се поставуваат пневматици со клинци.

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, полициски службеник може да му нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Исто така, полициски службеник може да нареди на возач да го прекине натамошното движење и тогаш кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно полицискиот службеник може да му нареди на возач задолжително да ја постави на возилото зимската опрема.

Обврската за задолжителната зимска опрема трае до 15 март следната година.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ