ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ

Република Македонија e сместена на Балканскиот Полуостров. Географски земјата граничи со Србија и Косово на север, Бугарија на исток, Грција на југ и Албанија на запад. Релјефот на државата е главно планински. Иако континентална држава, таа има повеќе од 50 езера и шеснаесет планини повисоки од 2.000 метри.

Главен град на државата е Скопје со население од 506.926 граѓани (проц. 2004). Други поголеми градови се: Битола, Куманово, Прилеп, Тетово, Велес, Штип, Охрид, Гостивар, Струмица, Кичево, Кавадарци и Кочани. Македонија има вкупно 25.713 километри квадратни во кои живеат околу 2.114.550 жители (проц. 2009).

Локално време

Стандардно време: GMT + 1

Летно време: GMT + 2                      (крајот на март до крајот на октомври)

Клима и температури

Климата е континентална медитеранска, со долги, суви и топли лета и кратки, но ладни зими.

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Телефонски систем

Меѓународен код за избор: 00

Код на држава: 389

Броеви за итни случаи:

 Пожарникарска бригада 193

 Полиција 192

Прва помош 194

Помош на пат (од Македонија) 196

Состојба на патишта (од Македонија) (02) 155 55

Помош на пат и информации ( од странство) +389 2 3181 197

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ

Сите странски граѓани, независно дали за нивниот влез во Република Македонија е потребна виза или не, имаат обврска да се регистрираат во најблиската полициска станица во рок од 24 часа од влез на македонска територија.

ПРИ ВЛЕЗ ВО Р. МАКЕДОНИЈА ВО МОТОРНИ И ПРИКЛУЧНИ ВОЗИЛА

1. Сите лица кои влегуваат на територијата на Р.Македонија со моторни и приклучни возила со странска регистрација задолжително треба да имаат:

– важечка зелена карта за територијата на Р.Македонија (ознаката„МК„ да не е прецртана), освен за грчките возила.

– друг признат доказ за постоење на осигурување од А/О (склучени посебни спогодби меѓу Националото биро за осигурување на Р. Македонија и други национални бироа) и тоа :

-регистарската ознака на возилата од,Словенија и Унгарија се смета како доказ за постоење валидно осигурување

-зелените карти на возилата кои имаат грчки регистарски ознаки, важат во Р.Македонија иако во нив нема ознака „МК„

– важат полисите за осигурување од Косово кои носат назив ТПЛ „Косово плус.

Во сите поединечни случаи,кога ќе се утврди невалидност на странска зелена карта односно полиса или регистарските броеви, мора да се купи полиса за гранично осигурување која странец може да ја купи во едно од осигурителните друштва кои продаваат осигурувања на граничните премини.

НАЈВИСОКА ДОЗВОЛЕНА БРЗИНА

На јавен пат во населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од 50 km/h, односно со брзина поголема од брзината дозволена со поставениот сообраќаен знак за целото населено место или за определен негов дел.

На јавен пат надвор од населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од:

– 130 km/h на автопат;

– 110 km/h на пат резервиран за сообраќај на моторни возила и

– 90 km/h на други патишта.

На патот надвор од населено место возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од брзината определена со сообраќајниот знак поставен на патот.

Моторно возило кое на пат влече друго неисправно моторно возило, не смее да се движи со брзина поголема од 40 km/h.

Возачот на велосипед со помошен мотор, мопед не смее да се движи по велосипедска патека, односно лента со брзина поголема од 25 km/h.

На автопат, експресен пат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила, не смеат да се движат ниту моторни возила, кои според своите конструкциски својства не можат да се движат со брзина од најмалку 60 km/h.

млади (под 18) и возач-почетник:

? 60 km / ч за обични патишта ? 80 km / ч на експесни ? 100 км / ч на автопат

УПОТРЕБА НА МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН

Возачот на моторно возило, за време на управувањето со возилото не смее да користи мобилен телефон, ниту други уреди, на начин кој би ја намалил можноста за реагирање и сигурно управување со моторното возило.

Мобилен телефон и други уреди можат да се користат за време на управување со моторно возило, ако притоа се употребува направа која овозможува нивно користење без употреба на раце.

ДОЗВОЛЕНО КОЛИЧЕСТВО АЛКОХОЛ

Возачот не смее да управува со возило во сообраќајот на патот, ниту да започне да управува со возило ако е под дејство на алкохол.

Ќе се смета дека е под дејство на алкохол лицето за кое со анализа на крвта или на крвта и урината или со друг метод за мерење на количеството на алкохол во организмот, ќе се утврди дека содржината на алкохолот во крвта изнесува повеќе од 0.50 g/kg или ако присуството на алкохол во организмот е утврдено со соодветни средства или со апарати за мерење на алкохолизираноста (алкометар и друго), што одговара на количества поголеми од 0.50 g/kg или кај кое без оглед на содржината на алкохол во крвта, со стручен преглед ќе се утврди дека покажува знаци на алкохолна растроеност.

Не смее да управува со возило, односно да започне управување со возило, ако во организмот има алкохол повеќе од 0,09 g/kg или ако покажува знаци на алкохолна растроеност:

– возач-почетник,

– возачот на моторно возило од категориите: ,,БЕ“, „Ц1“, „Ц1Е“, „Ц“, ,,ЦЕ“, ,,Д1“, ,,Д1Е“, „Д“ и ,,ДЕ“ – додека управува со возило од таа категорија,

– возачот на возило со кое се врши јавен превоз – додека со тоа возило врши јавен превоз,

– возачот на возило на кого управувањето со возило му е основно занимање – додека управува со возилото вршејќи ги работите од ова занимање,

– возачот инструктор и кандидатот за возач – за време на оспособување во практичното управување со возило и

– претседателот и членовите на испитната комисија – додека спроведуваат практичен дел на возачкиот испит.

ЗАДОЛЖИТЕЛНА ОПРЕМА ЗА БЕЗБЕДНОСТ

Задолжителна опрема за патнички возилото во сообраќајот на патиштата е:

1) резервно тркало;

2) знак за означување запрено возило на коловоз – сигурносен триаголник;

3) опрема за укажување прва помош (кутија за прва помош);

4) јаже, сајла или телескопски лост за влек;

5) зимска опрема;

6) сигурносен-рефлектирачки елек;

7) сигурносни појаси и наслони за глава;

Противпожарен апарат за гасење пожар

Патнички моторни возила опремени за користење на алтернативни горива (течен нафтен гас (ТНГ), копримиран нафтен гас (ЦНГ), возила за јавен превоз, автобуси, како и товарни моторни и приклучни возила треба да имаат противпожарен апарат за гасење на пожар поставен на видно место или на место лесно за дофат, при што во случај на опасност може да се употреби.

Треба да имаат еден противпожарен апарат од минимум два килограма наполнет со прашок АБЦ.

Резервни сијалици и осигурачи

Во моторните возила, освен во мопед, лесен трицикл, лесен четирицикл, трицикл, четирицикл, мотоцикл, трактор, автобуси за градски и приградски сообраќај, може да има на видно место, резервни сијалици и осигурувачи најмалку за половина од сијаличните места на удвоените уреди за осветлување на патот и за давање светлосни знаци и по една сијалица за неудвоените сијалични места за кои е можна замена, само на сијалиците.

Во моторните возила кои се опремени со нови светлосни тела без жарната нитка (ксенон, неон, лед светла и сл.), не треба да има резервни сијалици за тие расветни тела.

Зимска опрема

(1) Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 kg се подразбира:

– зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од четири mm.

– пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку четири mm. ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Како зимска опрема за моторни возилата со погона на четири тркала (4 х 4) се подразбира:

– зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од шест mm.

– пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку четири mm. ако возилото во приборот има синџири за снег, и во случајот кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.

Превоз на деца со возило

Во патнички автомобил, на предното седиште не смее да се превезува дете помало од 12 години, ниту лице кое очигледно е под дејство на алкохол, дрога или други психотропни супстанции.

Во патнички автомобил на задното седиште, смее да се превезува дете помало од пет години, во поставено посебно детско седиште кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин.

Во патнички автомобил на предното седиште, смее да се превезува дете до две години, ако возилото нема заштитно воздушно перниче, ако воздушното заштитно перниче е исклучено и ако детето се превезува во посебно детско седиште поставено спротивно од правецот на движење, при што истото е прицврстено на седиштето на возилото со помош на сигурносен појас со три точки на поврзување.

Click outside to hide the comparison bar
Спореди