Владо Исјановски 16 години во системот на АМСМ

На работна позиција оперативен директор на Мобилити Брокер, вели дека бројките се оние кои ќе те расположат или за момент ќе те потсетат дека нема откажување…

Ти благодариме Владо

 

Моментално си на работна позиција оперативен директор на Мобилити Брокер. Која е твојата прва работна позиција? Раскажи…

Со работа започнав во август 2008 година, 2 месеци по стартот со работа на друштвото. Првата доделена работна обврска беше креирање на фактури за издадените полиси од подружниците на друштвото низ Македонија. Мобилити Брокер тогаш предничеше во продажбата на автоодговорност и зелена карта ( по број и премија) пред останатите 6 брокерски друштва кои функционираа во РМ и можам да кажам дека дневно се справував (заедно со колегите) со сериозна бројка на фактури кои требаше да се изработат и пратат до сите физички и правни лица корисници на услугите. После краток период бев назначен за раководител на службата за строга евиденција, што подразбираше управување со процеси поврзани со евиденцијата на издадените полиси и фактури, како во интерната продажна мрежа, така и во соработката со службите за строга евиденција со сите друштва за осигурување со кои Мобилити Брокер остваруваше соработка. Ова искуство ми даде напредно разбирање на операциите во продажбата, навиките на клиентите, како и моќта на интерната продажна мрежа одблиску.

Што е она што најмногу те исполнува во однос на работењето сега и некогаш?

Бројките се оние кои ќе те расположат или за момент ќе те потсетат дека нема откажување. Во секој случај, задоволни акционери и задоволни вработени покажува дека се грижам за резултатите, како и за благосостојбата на луѓето со кои работам. Верувам дека ваквиот придонес/пристап е вреден и значаен за сите страни.

 

Што најмногу ти помага во успехот, што би издвоил како најбитен предуслов за да се биде успешен?

Изгледа дека соработката со колегите од системот и од друштвата за осигурување е важен аспект. Тоа значи дека се трудам да градам добри професионални односи, кои носат успех во бизнисот, а тоа дава чувство на задоволство и мотивација за понатамошни успеси. Оваа дејност е многу динамична, бара голем ангажман, време и енергија.

Која е твоја највпечатлива година во АМСМ во однос на успех и останато?

Секако тоа е крајот на 2012 година кога бев назначен за оперативен директор на друштвото и наредните 2 години кога работевме напорно за да го прилагодиме работењето на друштвото во услови на променета деловна политика, направена во вистинско време. Така, по целосна консолидација, успесите доаѓаат сите наредни години во контекст на зголемена бруто полисирана премија, одлична ликвидност и задоволни акционери.

 

Присети се на една анегдота која се уште ја раскажуваш…

Со оглед на мојата работна позиција, има многу анегдоти, но остануваат строго доверливи 🙂

Click outside to hide the compare bar
KRAHASO
Споредба ×
KRAHASO Continue shopping