БЕЗБЕДНИ ПАТЕКИ ЗА БЕЗБЕДНИ ВЕЛОСИПЕДИСТИ

Со цел поголема безбедност на велосипедистите, како една од најранливите категории на учесници во сообраќајот, од клучно значење е безбедна велосипедската инфраструктура.

Проектот „Безбедни велосипедски патеки за безбедни велосипедисти“, на кој АМСМ во соработка со сите заинтересирани страни работи овој период, се однесува на имплементација на CycleRAP методологијата која овозможува објективна проценка на безбедноста на велосипедските патеки согласно меѓународни стандарди.

CycleRAP методологијата се одвива во неколку фази:

  • Проценка на велосипедските патеки – геолоцирани фотографии >140º на секои 20м
  • Кодирање на атрибути – обработка на фотографиите во специјален софтвер и проценка на вкупно 40 параметри на патеката, како пристап, ширина на лента, раскрсници, интеракција со сообраќај и сл.
  • Рангирање на безбедноста со ѕвездички – од 1 до 5 ѕвезди зависно од безбедноста на патеката од различни аспекти
  • Извештај со препораки за подобрување и потребни инвестиции

Притоа, методологијата користи информации за физичките карактеристики на инфраструктурата, брзината и бројот на учесници во сообраќајот за да го пресмета степенот на ризик за различни типови на несреќа:

  • велосипедист со пешак,
  • велосипедист со возило,
  • велосипедист со велосипедист и
  • велосипедист со објект на велосипедска патека.

За потребите на проектот, а во соработка и со поддршка на НаТочак – NaTochak, во првата фаза од проектот ги мапиравме сите велосипедски патеки и ленти на територијата на Скопскиот плански регион или вкупно 130км велосипедска инфраструктура која е дел од проценката.

Со цел соодветна имплементација на CycleRAP методологијата, АМСМ како партнер во проектот ја вклучи шпанската компанија FACTUAL, која е воедно и советодавен член на CycleRAP. Претставник на FACTUAL во периодот од 11-15.03.2024 го направи снимањето на целокупната велосипедската инфраструктура, со што нашата земја не само што се позиционираше како прва во регионот која ја имплементира CycleRAP методологијата, туку се позиционираше и меѓу ретките земји од Европа по должината на велосипедските рути кои се дел од проценката. Повеќе на мапата на CycleRAP.

Врз основа на ова, предвидено е да се направи рангирање на секоја велосипедска патека од аспект на безбедноста со ѕвезди, а по завршување на проектот, ќе биде подготвен Извештај, кој покрај анализата и рангирањето на безбедноста велосипедските патеки, ќе содржи и препораки за подобрување на безбедноста на велосипедските патеки со помалку од 5 ѕвезди, кој ќе биде доставен до сите заинтересирани страни и надлежни институции.

Проектот се реализира во партнерство со неформалната заедница на велосипедисти НаТочак – NaTochak и со поддршка на РСБСП.

Проектот е ко-финансиран од ФИА Грант програмата за поголема безбедност на патиштата и ФИА Фондацијата, до кои АМСМ има пристап како единствена мобилити членка на ФИА од нашата земја.

 

 

 

Click outside to hide the comparison bar
Спореди