На 25.09.2015 година, со почеток во 19:00ч., во просториите на „Македонски народен театар“, а под покровителство на Претседателот на Собранието на Р.Македонија, беше одбележан јубилејот „70 години АМСМ“.
На наше огромно задоволство, на одбележувањето присуствуваа голем број домашни, но и гости од странство како Претседателот на ФИА Регија I, г-дин Тери Вилмарк, г-дин Краус (Австрија), г-дин Лека (Република Албанија), г-дин Кадиќ (Република БиХ), г-дин Панчев (Република Бугарија), г-дин Брежник (Република Словенија), г-дин Ѓурѓев (Република Србија), г-дин Тушек (Република Хрватска), г-дин Бакрач (Република Црна Гора) и г-дин Олдрих (Република Чешка), како и членови на делегациите на клубовите од Координативниот Форум за Централна и Источна Европа (COFU) и г-динот Хосаин (Народна Република Бангладеш).
Одбележувањето на јубилејот „70 години АМСМ“ започна со официјален дел, во рамките на кој, свое обраќање имаа Претседателот на АМСМ, проф.д-р Спасе Јовковски, Претседателот на Собранието на Република Македонија, г-дин Трајко Велјаноски, Генералниот Секретар на АМСМ, г-дин Димитар Миновски, како и Претседателот на ФИА Регион I, г-дин Тери Вилмарк, кој истакна дека АМСМ е пример за Дарвиновата теорија на еволуцијата, според која не опстанува оној кој е најсилен, туку оној кој успева навреме да се прилагоди на настанатите промени.
Со свое видео обраќање, гостите на одбележувањето на јубилејот „70 години АМСМ“ ги поздрави и Претседателот на ФИА, г-дин Жан Тод, кој ја потенцираше важноста на залагањата на АМСМ за промоција на мобилноста и безбедноста на патиштата. Видео обраќањето на Претседателот на ФИА можете да го погледнете тука.
Во рамките на официјалниот дел од одбележувањето на јубилејот премиерно беше прикажан и документарниот филм „70 години АМСМ: Наша успешна приказна“, во кој сосема накратко се опфатени најзначајните моменти од историјата на АМСМ, а беше промовирана и монографијата „70 години АМСМ“.
Покрај ова, во рамките на официјалниот дел, посебни признанија им беа доделени на Претседателот на Собранието на Р.Македонија, г-дин Трајко Велјановски, како покровител на јубилејот, на Генералниот Секретар на АМСМ, г-дин Димитар Миновски за посебен придонес во развојот на АМСМ, на г-дин Димитар Николовски, како почесен Претседател на АМСМ и на Претседателот на ФИА Регион I, г-дин Тери Вилмарк. Признание му беше доделено и на г-дин Наумовски, Секретар на авто-мото друштвото „Прилепец“ од Прилеп, за најдолг (33 години) работен стаж во АМСМ.
Посебни признанија беа доделени и на АМСМ членови, кои изминатата година се пријавија во различни категории на отворениот повик во членското списание „АМСМ Клуб Мобилити“. Па така, во категоријата највозрасен АМСМ член, признание му беше доделено на г-динот Спиро Николовски, кој со своите 79 години е нашиот највозрасен активен член. Во категоријата, пак, АМСМ член со најстара членска картичка, кој сеуште е активен член, признание им беше доделено на г-дин Драги Ацковиќ, со активно АМСМ членство до 1983 година и г-ѓа Кики Мангова – Поњавиќ, со активно членство од 2004 година. Во категоријата АМСМ член со најстаро возило или мотоцикл, признание му беше доделено на г-дин Трајко Базерко, сопственик на Mercedes 170DS, од 1953 година.
По завршување на официјалниот дел, одбележувањето на јубилејот „70 години АМСМ“ продолжи со коктел забава со звуците на светски познатите хитови, изведени од скопскиот музички бенд „Dayoff“.
Видеото од прославата можете да го погледнете тука.
Датум на одржување: 25.09.2015год