Идејата на оваа статија е да поразговараме со вработените малку поинаку…неформално…интересно…
Овој пат бевме во друштвото на СПИ. Си муабетевме со Радмила (Пешко) Попадиќ од контат центарот и Тони Ристов од СПИ Помош на Пат.
АМСМ МЕГАФОН:: Како го помина минатиот викенд?
Тони: Моето работно време во смени не секогаш остава простор за слободен викенд меѓутоа последните слободни денови ги поминав во природа на Водно и во вечерни дружења со најблиските пријатели.
Раки: Новогодинишна желба ми е да не работам за викенди за да можам убаво да ти одговорам на ова прашање. 🙂
АМСМ МЕГАФОН:::Што те донесе во АМСМ? Што работеше претходно?
Тони: Авторитетот и стабилноста на нашата компанија и работната позиција која ми беше понудена беа поврзани со моето претходно работно искуство како возач на ТТВ па така професионално се пронајдов тука.

Раки: Мајка ми. 🙂 Таа работеше во Амсм. Ова ми е прво вработување.
АМСМ МЕГАФОН:::Каква личност има тенденција да биде најсреќна овде во АМСМ?
Тони: Да се надоврзам на претходниот одговор, личност која може своето претходно работно искуство да го примени на позицијата која ја работи и за истото да му бидат овозможени работни услови за тоа да го прави професионално и достоинствено, добар колектив за соработка, лично задоволство од работата која ја работам и тоа се предуслови за задоволен работник.
Раки: За Алармен конкретно: вредна, трпелива и истрајна личност.
АМСМ МЕГАФОН::Со кого го пиеш утринското кафе?
Тони: Најчесто тоа го правам сам, ама сакам кога сум во можност и да испијам едно убаво утринско кафе и со луѓето кои ги сакам и имам убав лаф муабет.
Раки: Не пијам кафе 🙂 Ако пиев, друштво ќе ми правеше мојот мачор – Лаки, кој откако ќе станам од кревет оди насекаде по мене 🙂
АМСМ МЕГАФОН::Од кога си во АМСМ?
Тони: Во нашата компанија сум речиси 15 години, и имам убаво искуство до сега.
Раки: Одамна 🙂 Јули 2008.
АМСМ МЕГАФОН:: Кажи виц?
Тони: Си биле Мујо и Хасо…
Раки: На царина:
- Што имаш во вреќата?
- Храна за канаринци.
- Дај да видам?
- Абе ова се рачни часовници!
- Ако ги јадат арно, ако не ќе ги продадам…

АМСМ МЕГАФОН::Опиши една пријатна/непријатна ситуација од претходната недела
Тони: Секогаш како личност се концентрирам на убавите нешта така да и да имало нешто непријатно веќе сум го заборавил.
Раки: Непријатна мислам дека немав. А пријатни ги има повеќе, сите се поврзани со мојата Петра која има 15 месеци и секој ден ми го развеселува со некој нејзин нов, интересен напредок.
АМСМ МЕГАФОН:: На што си посебно горд/а?
Тони: Секој различно ги дефинира своите успеси,меѓутоа во суштина сум задоволен од постигнатото до сега,лично и професионално.
Раки: На себе. На мојата позитивна енергија, што останува таква и покрај многу обиди да се промени тоа и на силната волја што ме води само напред.
АМСМ МЕГАФОН:: Како се справуваш со конфликтни ситуации?
Тони: Со трпение најчесто, ама и добра пцовка во себе ќе заврши работа.
Раки: Дишам длабоко, бројам до 10.

АМСМ МЕГАФОН:: Совет за помладите колеги…
Тони: Да се надоградуваат на искуството кое го имаат стекнато од постарите колеги и секако да остават и свој личен печат во работата.
Раки: Почитувајте ги постарите колеги 🙂
АМСМ МЕГАФОН:: Опиши го својот претпоставен со еден збор
Тони: Флексибилен и коректен, добра личност.
Раки: Одличен.