Во септемврискиот број ја имаме особената чест да поразговараме со Маргита Поповска, уредник на списанието Клуб Мобилити. Но не само заради тоа…
Меги накратко ни го раскажа 30 годишното искуство во АМСМ.
Ти благодариме Меги…

АМСМ МЕГАФОН: Долги години си на позицијата управител во АМСМ, како уредник на членското списание „Клуб Мобилити“. Да слушнеме нешто и за почетоците на кариерата имајќи предвид дека работниот стаж го стекнуваш во иста организација.
МЕГИ: Да, веќе 17 години сум уредник управител и на членското списание „Клуб Мобилити“. Првите 14 години од работниот стаж, од далечната 1991 година па сѐ до 2007 година, ги поминав во тогашниот Информативен центар (сега Контакт центар) како референт.
Студиите ги завршив на Филозофскиот факултет и се здобив со звање дипломиран професор по филозофија. Иако многу млада, многу брзо сфатив дека нема да успеам лесно да најдам работа во мојата струка поради промените што ги доживуваше нашата држава. Па и јас сум пример дека случувањата и животот умеат добро да ти ја скројат судбината и да те насочат во непланирани текови. И се случи на 30 април 1990 година, преку студентска задруга, да почнам да работам во тогашната туринг служба. По неколку месеци, поради недостиг на кадар, ме префрлија во Информативниот центар, каде што, за среќа, како колеги имав извонредни луѓе, професионалци од кои навистина многу учев не само за мојот дел од работата туку и за целиот систем. Тоа беа години на осамостојување на нашата држава, но и на АМСМ, кој лека полека ги имплементираше речиси сите дејности што ги вршеше дотогашниот АМСЈ.
Тоа беше период исполнет со многу работа, но и со дружба со беспрекорни колеги. Бевме добра екипа, со висок степен на едуцираност, со голема работна дисциплина и посветеност на работата издигната на највисоко можно ниво.
АМСМ МЕГАФОН: Што би го издвоила како сегмент што најмногу те исполнува во однос на работењето сега и некогаш?
МЕГИ: Незаменливо е чувството дека како професионалец во работата и како личност во текот на овие години успеав да научам многу, но не само за мојата работа туку се стекнав сознанија и се дообразував за области што се надвор од мојот домен… Никогаш не се откажав и сметам дека максимално ме исполнуваат дополнителната едукација и новите осознавања…
Луѓето, генерално, имаат страв од непознатото, од новите комуникации, едноставно од излегувањето од својата комфорна зона во секој поглед… Во првиот момент, но само накратко, и јас имав такво чувство. Но веќе очеличена со текот на годините, не можев да си дозволам новата работа, опкружувањето, задачите, обврските, правилата да ми внесат немир и да ме запрат во напредувањето. Едноставно се соочуваш со тоа, го следиш чекорот на времето и најбитно не си дозволуваш да ја испуштиш можноста што ти е дадена. Подготвеноста да битисуваме на свој начин и храброста да бидеме свои, да ја истакнеме својата индивидуалност и притоа да не повредиме никого е клучна. Тешко е да се „преживее“ без флексибилност, трпение, неразбирање на психологијата на луѓето. Многу е важно да не ги сфаќаме работите лично, да бидеме убедени дека туѓите мислења за нас не ни се важни бидејќи тие се токму тоа – туѓи мислења за нас.

АМСМ МЕГАФОН: Што најмногу ти помага во успехот, односно што би издвоила како најбитен предуслов за да се биде успешен?
МЕГИ: Ентузијазам, радост, дисциплина, енергија, љубов… Овие емоции секогаш преовладуваат во мојата работа, без разлика дали кога бев на почетокот на работниот век или сега.
Кога имате услови да се реализирате, кога работите на некоја позитивна промена, кога правите планови, па дури и кого мечтаете… имате можност да станете не само добар и исполнет работник, туку и добар човек. Секогаш кога работиме и живееме во согласност со тоа што најмногу го сакаме или кое ви помага да ги остварите повеќето наши желби, самостојно, не може да не сте успешни.
Се чувствувам исполнето и живо само кога се стремам кон некаков успех, кон постигнување цел, во поголем случај во „успешно трчање по рокови“ 🙂 Имам среќа со можноста да уживам во работата најмногу во терминот кога го издавам списанието што секако не е резултат само на мојот труд туку и на колегите со кои тесно соработувам, но и со надворешните соработници, кои се со мене од првиот број на списанието АМСМ Куб Мобилити.

АМСМ МЕГАФОН: Која е твоја највпечатлива година во АМСМ во однос на успехот и постигнувањата?
МЕГИ: Секако би ја издвоила првата година, но и тие по неа, кога ми беше дадена можност и доверба да бидам дел од Редакцијата, прво како технички уредник, потоа како главен и одговорен уредник и управител. Станав дел од нешто големо што има смисла, нешто што првпат се имплементираше во системот на АМСМ, како одговор на желбите на нашите членови. Членско списание што требаше да биде презентер на дејностите, услугите и погодностите на портфолиото на АМСМ. Низ сите овие години се покажа дека списанието е вистински погодок.
АМСМ МЕГАФОН: Може да ни кажеш некоја анегдота што сѐ уште ја раскажуваш…
МЕГИ: Анегдоти, случки има безброј… 1994 година зимско утро. Во 5 часот добро премрзната пристигнав на работа во Информативниот центар и веднаш тргнувам кон радијаторот, но што да видам – мојата колешка со лисици е врзана за него… зошто и како заврши случката во некое друго издание 🙂