Женски вечерни аксесоари-ВО КОМБИНАЦИЈА НА ЦРН ФУСТАН, ОТМЕНОСТА Е ЗАГАРАНТИРАНА

27/03/2024

КОГА ВО ПРАШАЊЕ СЕ ВЕЧЕРНИТЕ ИЗЛЕГУВАЊА, ВКЛУЧИТЕЛНО И СВЕЧЕНАТА ОБЛЕКА ЗА ЖЕНИТЕ, СЕ ЧИНИ ДЕКА ИЗБОРОТ НА ЦРНИОТ ФУСТАН СО ПРИДАВКАТА „МАЛ“ Е НЕПОГРЕШЕН, ИАКО НЕ И ЗАДОЛЖИТЕЛЕН, БЕЗ ИСКЛУЧОК ВАРИЈАНТИТЕ СЕ РАЗЛИЧНИ, ВО ГОЛЕМ БРОЈ. И ПОКРАЈ ТОА ШТО ВАЖИ ЗА КЛАСИКА, ГОЛЕМО ЗНАЧЕЊЕ ИМААТ МОДНИТЕ ДОДАТОЦИ КОИ ЗБОРУВААТ НАГОЛЕМО И ЗА СТИЛОТ, НЕИЗОСТАВНО

 

Стилистиката го вбројува меѓу парчињата облека што секоја жена мора да го има во својот шкаф, орман. Се работи за црниот фустан чии варијанти едноставно не се добројуваат. Независно дали е „мал“, свилен, тантелен…, па и комбинација на споменатите, нема дилема – тој е идеален за вечерните излегувања, свечените прилики во кои елеганцијата, односно префинетоста, отменоста не само што е пожелна туку и се подразбира. Како своевиден дрес-код. Без оглед на неговата едноставност, секако дека во голема мера ја открива, т.е. покажува и смислата за убавото, на еден или на друг начин – преку аксесоарите, нивниот избор. Сам по себе, минимализмот изискува модни додатоци, за комплетен впечаток. Познатите креатори на пример, во зависност од стилот кој го преферираат, односно фаворизираат, нудат и соодветни аксесоари. Впечатливоста им е императивна, барем во повеќето случаи. Всушност, и накитот и чантата и чевлите важат за есенцијални модни додатоци што го „обојуваат“ платното или подлогата за уметничката слика (црниот фустан), независно од нивниот колорит, па дури и да е само во боја на аглен, саѓи. Контрастите секогаш се добредојдени – розовите нијанси на пример. Во комбинација на златните тонови, зошто да не. Па дури и без нив. Останатите аксесоари – ременот (појас, колан, каиш) и ешарпата (долг шал), вклучително и украсите за на глава – венче, капа, шнола…, можат и да изостанат, но и не мора. Доколку се дел од избраната комбинација, треба да се внимава со цел да се избегне пренатрупаност, кич.

КОНТРАСТИРАЈЌИ, СО ДРУГА БОЈА – ТЕМАТСКИ

Монотонијата на еднобојниот фустан, особено ако е црн, секако дека ќе ја разбиете со друга боја, исто како и тематски. Понекогаш ви треба само една силна внатрешна инспирација за тоа и сигурно ќе предизвикате внимание, оставајќи добар, силен впечаток. Исто така и оригиналноста, уникатноста игра важна улога. Без разлика дали ќе одите на гала-вечера, прием…, советите на креаторите, стилистите благодарејќи на нивните мудроштини, трикови ќе ви се најдат во безизлезните ситуации, навидум. Следејќи ги, место за грешка нема да има.

Внимателно избраниот накит е особено важен за дополнување на визуелниот ефект, држејќи се до правилата. Од самото деколте зависи должината на ѓерданот. Ако е високо, ставете кратка ниска од бисери, скапоцени камења… И обратно. Доколку изрезот е низок, ѓерданот нека биде подолг, максимум 80 см. Нема да погрешите и ако се одлучите за впечатлив, со крупни, големи камења, украси. Долгите обетки делуваат гламурозно, а истовремено ќе ви го издолжат (визуелно) и вратот и лицето, свртувајќи го вниманието на нив. Тие најубаво се спаруваат со горедолу иста гривна (белезица), но и со малку инаква. За пренатрупаноста да ја избегнете, мора да постои заемен однос меѓу накитот и фустанот. Доколку едниот има повеќе украси, другиот нека се карактеризира со минимализам. Не комбинирајте различни материјали, а фокусот, пак, не го ставајте и на накитот и на чантата и на чевлите, за да не дојде до дискрепанција.

За есенцијалноста на обувките не треба да се полемизира, тие се сублимен дел од гардеробата за секоја прилика. Чевлите со високи потпетици ќе ве издолжат, секако – илузорно. Притоа не ја жртвувајте удобноста за сметка на изгледот. Нема да згрешите и ако се решите за ниски потпетици. Златно правило е висината на потпетиците да биде обратнопропорционална со должината на фустанот. Исклучоците знаат и да изненадат, во добра смисла. Не се препорачува металик боја, нека се црни со розови детали на пример. Нијансите би требало да соодветствуваат на другите, во целина. Битно прашање всушност е и рамнотежата, мора да ја има во сè. Класиката е незаобиколна кога се работи за настани со формални содржини.

Обувките и чантата се дополнуваат меѓусебно. Изборот секако е прашање на вкус, но и спарувањето има големо значење. Дисбалансот е можен само во релаксирана атмосфера, мислејќи на боите. Мора да биде мала, колку што е потребно да ги збере личните документи, карминот, мобилниот… Се држи в рака, под мишка или на рамо. Деталите се важни, пожелно е да кореспондираат со истите на другите модни додатоци, вклучително и фустанот. Ако изобилува со апликации, украси…, ташната нека биде поедноставна. И никогаш не ја претрупувајте со излишни работи, за да не се изобличи.

КОГА СОФИСТИЦИРАНОСТА ЌЕ ГО ДОСТИГНЕ СВОЈОТ ЗЕНИТ…

Ременот (појас, колан, каиш) и ешарпата (долг шал), вклучувајќи ги украсите за на глава – венче, капа, шнола…, играат споредна улога во целокупната облека за вечерните излегувања, свечените прилики (гала-вечери, концерти, претстави). Заедно со гореспоменатите би биле премногу. Сепак, доколку се одлучите за нив, редуцирајте ги останатите, но не сите – исклучок е венчето на пример. Место него, ставите капа или пак шнола, изборот е ваш. За истакнување на струкот, ако фустанот е широк, обично се става ремен, иако не се занемарува ни појасот чии апликации (везени) можат да го збогатат фустанот ако е минималистички, без украси. Како и да било, внимавајте на неговата ширина. Тесниот делува ненаметливо, а широкиот е подраматичен. Ускладете го со накитот и чевлите, макар и да се во металик боја.

Благодарејќи на ешарпата, софистицираноста ќе го достигне својот зенит. Долгиот шал околу вратот ќе го стопли метафорично и црниот фустан. Во исто време ќе се одликува со уште поголема елеганција и покрај тоа што неговата отменост, префинетост е јасна, разбирлива сама по себе. Ткаенината од која е изработен (кашмир, свила) во голема мера влијае врз воспримањето на луксузот. Нема сомневање, поради нејзината мекост и леснина, свилата асоцира на нешто разиграно. Пријатен за сетилата е и кашмирот, идеален за ладно време. Обете се носат на различни начини: заврзани, наметнати…, постигнувајќи кохезија, поврзаност и со фустанот и со другите аксесоари. Вечерни, се разбира.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ