WRC Рели Хрватска-ВИСТИНСКИ „РЕЛИ-КОСТЕР“ ВО ЗАГОРЈЕ

28/05/2021

СЕБАСТИЈАН ОЖИЕ ЈА ДОБИ БИТКАТА ЗА ХРВАТСКОТО ЗАГОРЈЕ ВО РЕЛИ ДРАМА ОД КОЈА ПАЃАА ВИЛИЦИ, И КОЈА ЗАВРШИ СО ТРЕТИОТ НАЈТЕСЕН РАЗУЛТАТ ВО 49. ГОДИШНАТА ИСТОРИЈА НА СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ.

Конечно! Светската рели сцена осамна на балканот во облик на релито на Хрватска која стана 34-та држава домаќин на настан од Светскиот шампионат. Третото рели во годинашниот календар кое воедно е и прв целосно асфалтен настан од август 2019 година кога се возеше релито на Германија приреди ретко видена драма. Асфалтните патеки кои вијугаат низ Хрватското Загорје исполнети со мазни и на места груби делници прекриени со влажни потези претставуваа вистински предизвик за екипажите. Најмногу заради правилниот избор на гуми кои годинава ги снабдева Pirelli и беа непознаница за екипажите. Со оглед на кусото време за тестирање и временските прилики во текот на зимата беше вистински предизвик дали да се одберат тврди или меки гуми, или комбинација од нив во палетата на Pirelli P Zero. Всушност релито на Хрватска покажа дека токму гумите се пресудниот фактор да се добие овој асфалтен настан. Mудриот одбир на тимот на Toyota им го донесе и големиот успех. Од друга страна, пак, експериментирањето не му донесе слава на Hyundai, а неговите автомобили се бореа за тракција.

Релито започна со сериозното излетување на најмладиот лидер во историјата на шампионатот за возачи Кале Рованпера. Само 5,4 километри во првиот брзинец Рованпера влета пребрзо во свијок. Автомобилот лизна со предницата и се најде во ендек. Среќа Рованпера, и совозачот Јоне Халтунен се извлекоа без повреди. Правилниот избор на гуми помогнаа на Нувил да создаде голема предност во првиот дел од денот. Победи на три од вкупно четири брзинци што беше доволно за да го заврши денот на првата позиција. Зад него заврши Ожие кој беше најбрз на три брзинци од попладневната рута. Сепак, Ожие не успеа да му се доближи на Нувил, но затоа го престигна тимскиот другар Еванс. Во меѓувреме Ожие ја освои и својата јубилејна 600-та победа на брзинец од светскиот шампионат. Еванс кој зад волан на Toyota Yaris WRC првпат вози на асфалтно рели го заврши денот на третата позиција. Танак заради лошиот избор на гуми со бореше за тракција во текот на целиот ден и заврши четврти. Петти беше Крег Брин, третиот возач на Hyundai. Вистинско изненадување беше дебитантот во WRC Адријан Формо кој оствари неколку импресивни времиња зад волан на M-Sport Ford Fiesta WRC и го заврши денот на шестата позиција.

Нувил беше трагичарот на вториот ден од релито. Лошиот избор на гуми го фрли од лидер на третата позиција на крајот од денот. Работите тргнаа наопаку кога пред старт на втората етапа избра тврди гуми за напред, и меки за назад. Со меки гуми одзади неговиот i20 WRC го лизгаше задникот губејќи многу време буквално со секој одвозен свијок. На крајот од денот Нувил падна на третата позиција, а неговите 7,7 секунди предност во однос на Ожие се претворија во 10,4 секунди дефицит. Чуден беше изборот на Нувил, буквално како да го става на коцка исходот на релито. А токму тоа и се случи. Ожие беше јунак на денот. Одбирот на тврди гуми и напред, и назад се покажа исправен. Впрочем овој избор го направија и повеќето возачи. Ожие прелета преку осумте брзински испити, победи на три и го поведе релито.. Еванс беше веднаш зад него. И иако му дишеше во врат на тимскиот другар не успеа да биде побрз од него. Заврши втор крадејќи му ја позицијата на Нувил. Четврти заврши От Танак кој избра ист пакет гуми како и Нувил. Тој не загуби многу време, но сепак не беше воодушевен од изборот. Позиција нанапред скокна и Формо. Тој продолжи со добрите времиња во текот на денот, а постигна и второ најдобро време на првиот брзинец од денот.

Во последениот, драматичен, ден од релито Ожие стигна до втората победа годинава. Иако за него ова беше ден што треба да го заборави Французинот на крај славеше во голем стил. Дури не можеше да поверува на сопствените очи како успеа да биде прв.

Денот му почна со судар во редовен сообраќај на патната делница која води до првиот брзинец од денот. Во сударот беше оштетена аеро-динамиката на автомобилот суштинска за врвни перформансите, а Ожие се здоби со повреда на грбот. Сепак, истраја. Првите два брзинци од денот ги доби Еванс и прејде во водство. Се чинеше дека Еванс е на праг да го добие релито. Но, тоа за жал не му успеа. Драмата доживеа неочекуван расплет во финишот на последниот ТВ брзинец. Иако времињата покажуваа дека Ожие му се доближува на Еванс, Велшанинот сè уште имаше предност и водство за победа. Меѓутоа буквално во последните метри на релито се излизга преку еден потег прекриен со трева и загуби драгоцени секунди. Тие всушност му ја донесоа 51-та победата на Ожие. Нувил беше премногу далеку за да го искористи пехот на Еванс и мораше да се задоволи со третото место. Танак заврши четврти, а Формо петти. Со победата во Хрватска, Ожие се враќа на врвот на табелата во шампионатот за возачи со 61 бод. Нувил е втор со 53, а Еванс трети со 51 бод. Четврти е Танак со 40 бода, до- дека најмладиот лидер во историјата на релито Кале Рованпера останува со своите 39 бода кои не се доволни за повеќе од петто место.

Големиот успех на Ожие и Еванс и донесе нови бодови на Toyota која останува да биде лидер меѓу производителите со 138 бода. Hyundai има 111 бода и е втор, а трет е M-Sport Ford со 42 бода. Следно е исконското рели на Португалија кое на крајот на мај и се враќа на светската рели сцена.

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ