Најверојатно Фолксваген ќе го одбере месец март за светска премиера на „ид тројката“. Компактниот електромобил и при првото појавување имаше добар прием кај публиката поради електричниот погон, но најмногу поради солидниот дизајн. Таа успешна формула не се менува туку се надоградува, така што обновувањето на „ид 3“ е во завршна фаза и се чека пролетта за негово првично претставување пред јавноста.
Според скиците, надворешниот дизајн е притаено сменет, односно измените се минимални. Сличен дизајнерски потег како и кај другите модели од семејството. Велат внатрешноста ќе биде многу поизменета и повеќе приспособена на потребите од возачите и патниците. И јасно е дека обновената изведба ќе има повеќе опрема, а за нештата да бидат во склад со денешниот живот, производителот веднаш го нагласува 12 инчниот екран, мултимедијален, осетлив на допир, во кој е собрано речиси сѐ што може да се собере. Веднаш потоа се спомнуваат електронските безбедносни системи потпомогнати од сензори и по некоја камера.
Нема некои позабележителни податоци. Фолксваген ги чува за светската премиера која не се знае каде ќе биде. Можно е дома, а ништо чудно да се случи во Катар затоа што организаторот на манифестацијата во Женева го пресели саемот на Арапскиот Полуостров за 2023 год. „Фолксваген ид 3“ ќе се произведува на домашен терен како и претходно, во Цвикау, Дрезден, а отсега и во Волфсбург. За крај да напоменеме дека возилото е направено на платформата наречена „моб“, посебно наменета за конструирање електромобили.