Тесла и неговиот „сајбертрак“ – многу пати најавуван и уште повеќе спомнуван. Беше дигната толкава прашина, а всушност е само возило на електричен погон во вид на класичен „пикап“, со малку видоизмената линија која е многу блиска до цртежите на мајсторот на дизајнот Џорџето Џуџаро. Колку за споредба видете ги неговите нацрти за „лотус есприт“ и ќе ви стане јасно за што зборуваме.
Покрај многуте податоци, се спомнува и коефициентот на отпор на воздухот, 0,335, скоро ист како на „ланча ипсилон 10“ претставена во 1985 год. Димензиите се во рамките на класата, должина 5,68 м, ширина 2,2 м висина 1,79 м, а пак тежината од 3.104 кг. е цената која треба да ја платат електричните возила поради батериите. Нивната тежина е далеку поголема во споредба со блиските роднини со дизел и ото мотори.
Има изведби и со погон на една, но и на две оски. „Тесла сајбертрак“ со едно полнење на батеријата изминува 547, 515 и 402 км, но подготвуваат изведба со дополнителна батерија која ќе може да извози помеѓу 750 и 800 км. Тие 402 км се за основната изведба која се продава по цена од 60.000 долари, а најобемната и најснажната, за неа се плаќа безмалку 100.000 долари. Оваа изведба поседува 845 КС и од 0 до 100 км/ч потребни и се само 2,7 сек. Покрај брзината и теренските способности на возилото, вредна за спомнување е воздушната амортизација со чија помош возилото може да биде подигнато за 101,6 мм ако го напуштате асфалтот. „Тесла сајбертрак“ најнапред ќе се продава на американскиот пазар, значи на домашен терен, а дури потоа на другите пазари. Според сегашните извештаи, за европските купувачи „сајбертракот“ ќе стаса дури во 2025 год.