Светско првенство во Формула Е-АУТСАЈДЕРИТЕ ГИ ИЗНЕНАДИЈА ФАВОРИТИТЕ

08/04/2024

СЕМ БИРД СО МЕКЛАРЕН СЛАВЕШЕ НА ЧЕТВРТАТА ТРКА ОД ФОРМУЛА Е ВО БРАЗИЛ, ДОДЕКА МАКСИМИЛИЈАН ГУНТЕР ОД МАСЕРАТИ ГО ОСВОИ ПОБЕДНИЧКИОТ ТРОФЕЈ ВО ЈАПОНИЈА

 

Откако на почетокот од сезоната видовме дека минатогодишните фаворити повторно го водеа главниот збор на првите три трки од 2024 година, следуваа две трки од календарот на Формула Е во кои победниците успеаја да им ги поматат сметките на потенцијалните шампионски кандидати.

 

Сем Бирд од Мекларен кој од годинешните пет трки има финиширано само на две, победи во Бразил, додека за разлика од него, Максимилијан Гунтер на секоја трка освојува поени и во Јапонија имаше одличен викенд во кој покажа победнички менталитет. Тесната и свиоклива патека во Токио однапред им стави на знаење на сите возачи дека престигнувањето нема да биде лесно, како и дека стартните позиции ќе имаат големо значење.

Возачот на Нисан, Оливер Роуланд, успеа да донесе радост за тимот на нивното домашно гран при и да стигне до пол позицијата, откако во последната рунда од квалификациите беше побрз од Максимилијан Гинтер, а претходно во полуфиналето со најбрзo време на денот го елиминираше Едоардо Мортара. Со тоа, овие двајца пилоти се етаблираа како рани фаворити за висок пласман, што подоцна се докажа и во пракса.

Самата трка во пракса донесе и бавен ритам поради што колоната болиди беше долго време заедно. Роуланд ја поведе трката од пол-позицијата, но Мортара направи сензација пробивајќи се на второто место за тимот на Махиндра.

Максимилијан Гунтер падна на трето место, но успеа постепено да напредува и на 10 круга пред крајот да го преземе водството, по што почна да создава предност и да се одвојува од ривалите. Во последниот круг Роуланд направи неколку обиди за да го престигне, но победничкиот трофеј заврши во рацете на возачот на Масерати.

Имам впечаток дека го изненадив во свиокот број 10, а тоа ни отвори пат во трката за нас. Се обидов да направам разлика и не можев тоа да го сторам, бидејќи требаше да активирам „Атак мод“ и тоа беше клучно за победата. Бевме изедначени со Оливер, но и со возачите на Порше кои ни се приближуваа, па и двајцата моравме да се браниме, но на крајот се исплатеше,- рече победникот Гунтер.

Бев во позиција кога ако останев подолго во водство, веројатно подоцна повеќе луѓе ќе ме престигнеа. Знаев дека Гунтер ќе се обиде да ме нападне кога ќе ја има потребната енергија. Тоа е едно од оние нешта што дури и кога би требало да го направам повторно, не би бил сигурен дека би постапил поинаку. Дали требаше порано да се откажам од водството и да останам да возам во заветрина? Мислам дека извадивме максимум. Победата беше „на маса“ и тоа е она што ме фрустрира, анализираше Роуланд.

 

Мислам дека Роуланд на чело од трката не диктираше брзо темпо и групата остана компактна, а таквите трки се најлоши за нас. Мошне сме ранливи во таквите моменти, но и покрај тоа мислам дека имавме добра трка. Мора да бидеме креативни за да освоиме добри поени, односно потребна ни е ефикасност за време на трките. За несреќа, во финишот при поминување на целната линија имавме проблем со софтверот и тоа доведе до повисока потрошувачка на енергијата. Мислам дека во прашање беа само последните 15 метри од целта, но секако е наша грешка. Правилата се исти за сите и оваа дисквалификација е заслужена, самокритично изјави Едоардо Мортара по суспензијата од трката во која заврши на шестото место.

Актуелниот шампион Џејк Денис стигна до третото место откако во финишот искористи шанса која му се даде по дуелот на Антонио Феликс да Коста и Паскал Верлен во болидите на Порше со второпласираниот Роуланд од Нисан. Тие беа на чекор до подиумот, особено Португалецот напредуваше од осмото до третото место и во финишот го нападна и второпласираниот Роуланд, но не беше успешен во тој обид бидејќи тоа проба да го направи од надворешна страна, па „заглави“ пред бетонскиот ѕид. Иако немаше контакт, стјуардите го разгледуваа овој случај поради тврдењето на Да Коста дека морал да ги притисне сопирачките за да избегне инцидент.

 

Долги години сум во трките и знам каков е ризикот кога престигнуваш од надворешна страна. Но, не може туку така да оставиш некој да удри во ѕид, поради тоа морав да сопирам. Барав да знам од ФИА дали тоа е дозволено, бидејќи и јас во иднина ќе се тркам на тој начин. Но, еден ден таквото возење е океј, друг ден не е океј. Моето предно тркало беше до неговото и тој сосема ме притисна до ѕидот. Доколку се удрев, ќе го казнеа, но бидејќи го избегнав контактот нема да биде казнет. Тоа не е во ред, порача поранешниот шампион на Формула Е, Антонио Феликс да Коста, кој на крајот беше четврти.

Ова не беше единствената контроверзна одлука на стјуардите, бидејќи и при дуелот на Роберт Фријнс и Норман Нато првично му дадоа казна на вториот од пет секунди, за подоцна да ја повлечат откако ја прегледале снимката и востановиле дека нема вина.

По пет извозени трки на табелата се издвоија пет возачи, односно Ник Касиди и Паскал Верлен со по 63 бода, додека зад нив се Роуланд кој има три подиуми во низа и шампионот Џејк Денис со 54 и 53 бода. Победникот од оваа трка, Максимилијан Гунтер стигна до 48 бода, додека Мич Еванс во вториот болид на Јагуар, исто така, важи за фаворит во сенка со досегашните 39 бода.

Во текот на април Формула Е ќе ги започне и трките низ Европа, најпрво на патеката во Римини, Италија, со две трки на 13 и 14 април, како и уште едно гран при во последниот викенд од месецот, кое што ќе се вози низ улиците на Монако. Во мај ќе се возат две трки во Берлин, по што повторно следуваат возбудувања преку океанот, со трки во Кина и САД. Крајот на сезоната е планиран со две трки во Лондон на 20 и 21 јули.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ