АВСТРАЛИСКИОТ ПИЛОТ МАТ ХОЛ ГО РАЗБРАНУВА СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ НА RED BULL AIR RACE СО УБЕДЛИВА ПОБЕДА НА ИСТОРИСКАТА ПРВА ТРКА НА НАЈГОЛЕМОТО ЕЗЕРО ВО СРЕДНА ЕВРОПА, БАЛАТОН, ВО УНГАРИЈА.
Поранешниот „топ-ган“ пилот од кралските воздухопловни сили на Австралија, Мат Хол, по подолга пауза се покажа во најдобро светло и стигна до нова победа која за него ќе значи нов обид да стигне до шампионската титула. Овој пат, Хол триумфираше на трката во Унгарија, откако минатата сезона беше речиси незабележлив, што поради промената на авионот, а што поради болките во грбот кои му задаваа проблеми.
Британецот Бен Марфи заврши како втор, освојувајќи го својот прв подиум во својата скорозапочната кариера во светското првенство, а на трето место беше Канаѓанецот Пит МекЛеод, за кого ова беше прв подиум по 2018 година. Во меѓувреме, раното испаѓање на Јапонецот Јошихиде Муроја му овозможи на актуелниот светски шампион Мартин Шонка од Чешката република да скокне на врвот од табелата и покрај тоа што удри во воздушен столб при настапот во финалето на последните четири пилоти.
Унгарија се смета за лулка на модерните авионски трки, бидејќи првиот настан од Red Bull Air Race беше организиран во Будимпешта во 2003 година, а идеен творец беше пилотот Петер Бешењи. Наместо препознатливото летање под мостот „Ланчид“ на Дунав, оваа година патеката беше поставена над езерото Балатон, кое е прочуено по неговите привлечни плажи и околните лозја.
Околу сто илјади гледачи на плажите на туристичкиот град Замарди на 13 и 14 јули имаа возбудлив вовед во спортот каде се лета со 370 километри на час, додека четиринаесет пилоти им одолеваа на променливите ветрови на трасираната патеката над езерото Балатон во третата трка од светското првенство Red Bull Air Race кое е акредитирано од светската аеронаутичка асоцијација ФАИ. Откако победи на првите две трки во сезоната, Муроја се надеваше дека ќе ја обезбеди титулата од светското првенство во Унгарија, но не му било судено, затоа што изгуби во првата рунда против Хол, трикратниот освојувач на второ место во генералниот пласман кој ја искажа својата намера да победи на последните две трки и да ја освои титулата.
Веќе во финалните четворица, Шонка знаеше дека ќе го превземе водството на табелата од Муроја, но со колкава разлика? Хал, Марфи и МекЛеод успеаја да постигнат времиња под 59 секунди, а Хал беше најдобар со 58,839, на само 0.118 секунди пред поранешниот тимски лидер на Ред Ероус, Марфи. Во редок недостиг на концентрација, Шонка не успеа да ја искористи шансата да освои максимален број бодови, удирајќи во воздушен столб кај четвртата порта, па доби казна од три секунди и заврши со време од 1:02.391.
– Ова беше добро. Се трудев со сета сила, и ги фаќав сите агли кои можев. Чувствував како капиите поминуваат покрај мене, можев да ги почувствувам како шушкаат покрај крилата. Тоа беше сè што имав на оваа патека. Знаев дека мора да дадам сè од себе, зашто нема поента да се биде втор со поените какви што се во моментов. Му се прикрадов на Мартин, и дефинитивно му се прикрадов на Јоши. Тоа значи дека враќањето на трката во Чиба ќе биде… не забавно, туку возбудливо. Ќе биде „тесна“ трка,- изјави победникот Мат Хол од Австралија.
Сега сè ќе се решава на последната трка од 2019, финалето на сезоната во Чиба, Јапонија, на 7 и 8 септември. На домашната трка на Муроја можно е да се освојат 28 поени: 3 поени за победникот во квалификациите, плус 25 поени за победникот на трката. Водството на табелата на Шонка е несигурно, со вкупно 65 поени на првото место, додека Хол сега има 61, а Муроја 55 бода. Исто така, неколку претенденти, меѓу кои и Марфи и, пилотот кој заврши на подиумот во генералниот пласман во 2018, Мајкл Гулијан од САД, се во позиција да освојат место меѓу првите тројца. Муроја има победено на 50 насто од неговите претходни трки во Чиба, но минатата година Хол беше тој што триумфираше таму, додека Шонка беше трет, а Муроја, за изненадување, на последно место.
Резултати Мастер класа
Натпреварувач | Земја | Позиција |
МАТ ХОЛ | Австралија | 1 |
БЕН МАРФИ | Велика Британија | 2 |
ПИТ МЕКЛЕОНД | Канада | 3 |
МАРТИН ШОНКА | Чешка | 4 |
ХУАН ВЕЛАРДЕ | Шпанија | 5 |
КИРБИ ЧЕМБЛИС | САД | 6 |
МАЈКЛ ГУЛИЈА | САД | 7 |
КРИСТИЈАН БОЛТОН | Чиле | 8 |
ПЕТР КОПФСТАЈН | Чешка | 9 |
МИКА БРАЖО | Франција | 10 |
НИКОЛАС ИВАНОФ | Франција | 11 |
ЈОШИХИДЕ МУРОЈА | Јапонија | 12 |
МАТИЈАС ДОЛДЕРЕР | Германија | 13 |
ФРАНСОА ЛЕ ВОТ | Франција | 14 |
Табела (по 3 трки)
Натпреварувач | Земја | Поени |
МАРТИН ШОНКА | Чешка | 65 |
МАТ ХОЛ | Австралија | 61 |
ЈОШИХИДЕ МУРОЈА | Јапонија | 55 |
БЕН МАРФИ | Велика Британија | 37 |
МАЈКЛ ГУЛИЈАН | САД | 37 |
НИКОЛАС ИВАНОФ | Франција | 33 |
ХУАН ВЕЛАРДЕ | Шпанија | 32 |
МИКА БРАЖО | Франција | 31 |
ПИТ МЕКЛЕОД | Канада | 30 |
КИРБИ ЧЕМБЛИС | САД | 26 |
КРИСТИЈАН БОЛТОН | Чиле | 24 |
ФРАНСОА ЛЕ ВОТ | Франција | 21 |
ПЕТР КОПФСТАЈН | Чешка | 10 |
МАТИЈАС ДОЛДЕРЕР | Германија | 4 |