НЕОСПОРЕН ФАКТ Е ДЕКА ТЕНДЕНЦИИТЕ ВО МОДАТА ЧЕСТО СЕ ГРАНИЧАТ СО НЕВКУС, Т.Е. КИЧ, НО ИМА РАБОТИ КОИ ЕДНОСТАВНО НЕ МОЖАТ ДА СЕ ОТФРЛАТ ЗАСЕКОГАШ, ПА ОДНОВО СЕ ВРАЌААТ И ТОА НА ГОЛЕМА ВРАТА, КАКО БРОШОТ НА ПРИМЕР. И ПРОЛЕТВА И НАЛЕТО ЌЕ БИДЕ ГОЛЕМ ХИТ, НАКИТ БЕЗ КОЈ НЕМА ДА СЕ МОЖЕ
Неговото актуализирање всушност започна во текот на зимата, како неизбежен детаљ одозгора, на капутот, шалот, капата чија големина воопшто не е занемарлива – напротив, во мода се кабасти, крупни. Трендот продолжува и оваа пролет, но и претстојното лето, ако се има предвид накитот кој го препорачуваат светски познатите модни куќи, нивните и самостојните дизајнери, вклучително и стилистите. Брошот е апсолутен победник чиј триумфализам кога е модата во прашање за тековната и сезоните што следуваат не е ни малку спорен. Занимлив е фактот дека накитот кој е наменет за жените, но го носат и мажите во одредени пригоди модернистите пред сè, помодарите, отсекогаш се соочувал со неправедно занемарување, запоставување во тенденциите на модата и покрај тоа што важи за класика, но не и кога се работи за поединците кои држат до себе, внимаваат на својот изглед, како на пример жените членови на кралските семејства, политичарките и другите, сите оние што на стилот гледаат со инакви очи, поаѓајќи од свеста за пораката која ја испраќа во поширока смисла. Нема сомневање дека од памтивека успевал да им одолее на предизвиците во врска со модните трендови, кога почнал за првпат и да се носи – во бронзената доба.
МИНАТОТО СЕКОГАШ Е ИНСПИРАТИВНО, А ПОСЕБНО АНТИКАТА
На почетокот го нарекувале фибула – името наводно било староевропско, врзано за археологијата, кое се употребувало до средниот век, од времето на бронзата кога е всушност и направен, т.е. измислен. Легурата на бакарот, железото и цинкот се покажала како најсоодветна за нејзината изработка поради свитливоста, но и адекватната тежина, можноста да се комбинира со останатите материјали што биле на дофат. Келтите на пример за украсување го користеле емајлот (црвен пред сè), коралот и секако, додатоците од него. Се разбира дека намената била двојна – практична, со цел да се спојат одвоените делови од гардеробата, обично во пределот на градите и разубавување, дотерување. Британија е првата земја каде што фибулата служела и за накитување, не само на жените туку и на мажите. Најчесто се леела во едно парче, имала вообичаена форма – полукружна, плочеста и во облик на машна. До ренесансата, епохата на преродбата во Европа, изработката на фибулата не се разликувала многу и во периодот на миграциите и кога се Англосаксонците во прашање и Скандинавците, па и кога се работи за естетиката, била горедолу иста се одликувала со студенило. Топлината во обете е присутна од 14 век, иако се навестила уште во доцниот среден век, благодарејќи на златото, жолтата боја и полудрагите, скапоцените камења во бојата на крвта, неретко во комбинација на плавата. Оттогаш се и тридимензионалните брошови чија уметничка вредност е исклучителна, посебно ценета. И ден-денес важат за антика, од кои се инспирираат и сегашните, дизајнерите на модерното време.
Современоста започнува со преродбата, како што инаку се вика ренесансата. Во однос на брошовите, за потребите на аристократите, благородниците за кои се врзувал раскошот, луксузот, нивното елаборирање го опфаќало и облагородувањето со аметисти, бисери, дијаманти, рубини, смарагди, топази не само поради живите бои туку и заради нивната заштитничка моќ, наводно – од уроци. Верските, односно религиските мотиви преовладувале, но подоцна, кога Англија ја владееле четирите кралеви со исто име Џорџ, фигурите се менувале, надвладувале животинските, портретите и слично. Неокласицизмот ги донел фигурите, шарите инспирирани од Грција и Римската Империја. Секое време оставило трага на изработката, естетиката во брошевите, меѓу нив и викторијанското, едвардијанското.
Во меѓувреме е забележливо и влијанието на уметничкото движење арт нуво, чија впечатливост е сеприсутна (брошовите елаборирани во Америка, Белгија, Германија, Франција се вистински ремек-дела), потоа и на стилот познат како арт деко.
ГОДИНАВА КРУПНИТЕ БРОШЕВИ БЛЕСТАТ ВО СИОТ СЈАЈ
Враќањето на истите, преку вдахновението, па и новините во изработката (најмногу се цени рачната, што е разбирливо), вклучувајќи го и севкупниот концепт, заедно со материјалите кои се употребуваат, ги карактеризираат брошовите на модните куќи, нивните и самостојните дизајнери, веќе најавени за пролетва и летото што ни претстои. Разноликоста е во повеќе конотации. Освен што се прават од дрво, кожа, метал (можат да бидат и филигрански – од метални жици), срма…, украсени со полудраги, скапоцени камења, кристали, мониста, пердуви…, често се поставува и прашањето за нивната големина која, пак, во најголема мера е врзана и за вкусот. Како правило, без оглед на тоа што не е строго определено, помалите се покласични, постарински, потрадиционални, додека поголемите се помодерни, потрендовски, а годинава блестат во сиот сјај. Нема дилема, во текот на оваа зима, која си оди полека, се носат одозгора, на капутите, шаловите, капите, но со затоплувањето на времето се дислоцираат на блузите, кошулите, кусите палта… Мотивот соодветствува на годишното време, сè што асоцира на него – цветови, школки, морски раци, коњчиња, бродови… Стилизирањето кога е брошот во прашање, во комбинирањето со облеката е особено важно. Факт е дека овој накит сигурно ќе го облагороди секое, па и најдосадното парче, претворајќи го во омилено. Стилистите се согласни дека брошот не е резервиран само за возрасните жени, туку и младите треба да го носат, а најновите модели сведочат за тоа. Се закачува и на марама при што може да се носи како ѓердан и на чанта, па дури и на обувки. Еднобојното сако и брошот во боја со која ќе му контрира на палтото, заедно се полн погодок. Истото важи секако и за монохроматскиот фустан, особено ако е црн – за некоја свеченост. Доколку имате два идентични, можете да ги ставите и на чевлите, нема да погрешите. Ни ако со нив, може и само еден, ја украсите косата.
Мажите, исто така, не се заобиколени во врска со брошовите, нивната понуда, избор. Поинакви се, повеќе личат на игли со мали украси, од крстови до царски круни со синџирчиња и претставуваат своевидно надополнување на елеганцијата или нејзино истакнување.