Претставуваме FERRARI P80/C – НАЈЕКСТРЕМНИОТ УНИКАТ НА СИТЕ ВРЕМИЊА

23/04/2019

ДА СЕ ВПУШТИШ ВО НЕПОЗНАТО СО НАЈГОЛЕМ ЕНТУЗИЈАЗАМ И ПО БАРАЊЕ НА КЛИЕНТ ДА ГО СОЗДАДЕШ НАЈЕКСТРЕМНИОТ УНИКАТЕН АВТОМОБИЛ НА СИТЕ ВРЕМИЊА ГО МОЖАТ САМО РЕТКИ. ВО ПРИКАЗНАТА, FERRARI E ТОЈ ШТО ЈА ПИШУВА ИСТОРИЈАТА.

 

Во 2015 година следејќи го духот на Ferrari исполнет со иновации и амбиции за преземање и исполнување на комплексни проекти, во полн ентузијазам беше зачнат уникатен проект по нарачка на клиент кој ја носи едноставната и навидум неинвентивна ознака P80/C.

Но, иако личи така на прва топка, Р80/С е далеку од едноставен и уште подалеку од неинвентивен. Токму затоа беа потребни 4 години развој за да се дојде до посакуваната цел.

Стилскиот центар на Ferrari соработувајќи со своите инженери, тимот за аеродинамика и напатствијата од клиентот, и споделувајќи ги меѓусебно визиите го создаде најодважниот модел во историјата на марката со апсолутно уникатна и автентична душа. Упатствата од клиентот беа едноставни. Да се создаде модерен спортски прототип кој ќе биде инспириран од иконите од историјата на Ferrari како 330 Р3/Р4 и Dino 206 S од 1966 година. И воедно да биде уникат, да не постои во редовната гама на Ferrari. Уште поголем проблем е што моделот треба да биде чистокрвен тркач со дизајн многу близок на сериски суперспортист.

НАЈДОЛГ РАЗВОЕН ПАТ
Секако на Ferrari не му е првпат да создава уникатни модели за своите клиенти. Но, P80/C е посебен во секој поглед и токму затоа имаше долг рaзвоен пат, најдолг во историјата на Ferrari кога станува збор за уникат. Но, време беше потребно за да се исполнат сите критериуми кои треба да ги задржи P80/C. Без оглед на инспирацијата посочена од минатото Стилскиот центар на Ferrari сепак се одлучил за модерна форма.

Вообичаено е при создавање на вакви модели дизајнот да биде реинтерпретација на веќе постоечкото, но во случајот секој детаљ морал да биде уникатен, а P80/C радикално различен од сето она што до сега го создал Ferrari. За нештата да бидат уште позамрсени P80/C е тркачки автомобил што значи дека инженерите многу внимание требало да посветат на перформансите и на возната динамика. Затоа како основа е земен тркачот 488 GT3 кој за разлика од серискиот 488 GTB има 50 mm подолго меѓуоскино растојание кое дозволува поголема слобода при креирањето и на дизајнот и на ме ханиката.

НАПУШТАЊЕ НА ТРАДИЦИОНАЛНИОТ КОНЦЕПТ
При создавањето на P80/C дизајнерите на Ferrari го напуштиле традиционалниот концепт каде кабината вообичаено е поставена, отприлика, централно на шасијата, со подеднакво долги предна и задна хауба. Користењето на шасијата од GT3 им дозволило на дизајнерите да создадат така наречен ефект на кабина поместена кон напред со издолжен заден дел како кај вистински тркач. Така автомобилот добил компактен карактер со посакувана доза на агресивност. Во профил P80/C делува како клин спремен да пробива и да сече, а во случајот тоа е воздухот со неговиот отпор. Мускулестата форма на предните и задните крилја кои ги покриваат тркалата делуваат како заштита на кокпитот сместен меѓу нив и на вдлабнатата странична линија која визуелно ги сокрива отворите за довод на воздух и масивните спојлери во подножјето.

Вака поставените форми даваат чувство дека кабината е слиена со телото што дополнително е нагласено со предното стакло кое се обвива околу неа како кај спортските прототипи од минатото. Страничните стакла, пак, делуваат како да се слеани со широките отвори на страничните доводи за воздух. Муцката делува како авионско крило спремно да го сече воздухот, а масивниот сплитер го дели токот на воздухот каде дел оди под автомобилот чиј под е скроен како вентуриева цевка со масивни дифузори одзади. Ова помага да се создаде негативен потисок со кој P80/C успева да биде залепен за асфалтот при повисоки брзини. Од горната страна спилитерот го насочува воздухот кон ладилниците сокриени под предната хауба од каде врелиот воздух излегува преку масивните отвори и тече преку предното стакло и кровот на P80/C.

МУСКУЛЕСT, А СКЛАДЕН
Вака скроеното мускулесто, а складно тело на P80/C претставува аеродинамички деликатес кој успева да го снижи отпорот на воздух за околу 5% во однос на вообичаените GT тркачки подобрувајќи ја ефикасноста и перформансите. Како дополнување на мускулестиот настап доаѓа стравичниот задник од каде штрчат формите на масивниот дифузор со јасно видливи издувни цевки. И нагласениот спојлер наречен „T-wing” кое влече корени од дизајнот на болидите од Формула 1 од 2017 година и е преадаптирано за на P80/C. Така овој тркач кој е хомологиран само за на патека го добива својот неприкосновено уникатен стајлинг.

Интересно сопственикот на P80/C се одлучил за две варијанти една за користење во трка, и една за покажување. Секако тоа не значи дека P80/C е изработен во два примероци тогаш би се нарушил епитетот на уникат. Станува збор за игра со бандажите и задното крило. Имено тркачката варијанта носи бандажи од 18 инчи со една централна навртка и масивно крило од карбон-фибер. Додека во верзијата за покажување масивното крило се отсранува со што се нагласува чистината на формите на P80/C, а бандажите се заменуваат со поголеми од 21 инч на кои се поставени гуми со понизок профил.

КОРЕНИ НА ПОБЕДНИК
Сета оваа убавина не би била потполна доколку под извајаното тело од карбон-фибер не би се сокривале корените на еден победник. Имено донорот на шасијата Ferrari 488 GT3 кој дебитираше на тркачката сцена во GT3 трките во март 2016 година до сега има победено на преку 200 трки. Податок вреден за респект. P80/C профитира од подвозје кое може да го менува сетапот зависно од потребите на патеката каде вози.

Понатаму тука се масивните сопирачки елементи составени од дискови 390х35 mm напред и 332х32 mm назад, диференцијалот со ограничено пролизгување, секвенцијален менувач со шест степени на пренос и најважното 3,9 литарскиот твин-турбо V8. Бисерот на Ferrari кај тркачот 488 GT3 е навиен на околу 600 коњски сили заради рестрикциите на класата каде настапува.

Колку остварува овој беснотилак од мотор во Р80/С во Ferrari не откриваат исто како што го чуваат во тајност името на клинетот и цената на овој екстремен уникат.

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ