PORSCHE MACAN-„МАКАН“ ВТОР ДЕЛ (2024)

01/02/2024

Еве ја втората генерација од моделот „макан“ најпродаваниот од семејството Порше на континентов. Откако се појавија сув возилата, легендарниот „911“ го изгуби приматот и сега орото го водат „макан“ и на нему сличните, како на пример „каенот“. Од појавувањето во 2014 год. до денес продадени се повеќе од 800.000 примероци – годишно по околу 85.000. Новите времиња носат нови облици и нови купувачи, нови вкусови и нови барања.

Првата генерација си го одработи своето, а сега е ред на вторава да го оправда своето постоење и да го надмине резултатот на претходната. Дали тоа ќе биде така, ќе видиме, затоа што сегашниов „макан“ е чисто електричен, нема вградувања на ото или дизел мотори.

Нова генерација носи нов облик и како што најчесто бидува нови димензии, поголеми. Новиот „макан“ има 4.784 мм во должина (за скоро 5,0 см повеќе), 1.938 во ширина и 1.622 мм во висина и меѓуоскино растојание од 2.983 мм односно подолго за точно 86 мм. И одделот за товар сега има повеќе литри зафатнина, 540, а со соборена задна клупа зафатнината се зголемува до 1.348 л.

Сегашниве автомобили не можат да се замислат без монитори, екрани или како сакае наречете ги. Првиот е сместен пред возачот и покажува сѐ што се случува со возилото, следниот е сместен на средина и е повеќе наменски, а сега има и трет пред совозачот, да се занимава со некои игри и гледање филмови ако му е досадно. И да не заборавиме, многу е битно колкава е дијагоналата – редоследно, 12,6, 10,9 и 10,9 инчи. „Порше макан“ има 800 волтна технологија, позајмена од „тајканот“, а батеријата е 100 kWh и од 10 до 80 отсто се полни за 20 минути, со полначи од тие најбрзите.

Производителот подготви две изведби, „макан 4“ и „макан турбо“, и двете имаат погон на сите тркала, а таа со ознака „турбо“ располага со дури 639 КС доволни за 3,3 сек. од 0 до 100 км/ч. Електричен погон со турбо, но производителот не нагласува какво турбо користи, дали „гарет“ или „ккк“. Но, моделот само носи придавка „турбо“, а всушност нема ни трага ни глас од турбо полнач. Останало од некогашните ото мотори (и дизел, вградувани во „каенот“ и „панамерата“).

Од електронските уреди кои го контролираат возилото, има речиси сѐ. Од тие уреди за избегнување судир, до помош при тргнување на нагорнина, сигнализирање при појава на возило во непокриените агли, предупредување за појава на пешак на коловозот (или нешто друго од типот на предмет или животно), самостојно вклучување на сопирачките во случај возачот да задоцни со реакцијата итн.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ