Подводно летало-ПОЗАЈМЕНО ОД ЖИВОТИНСКИОТ СВЕТ

03/06/2024

РИБАТА МАНТА РАЈА ПОСЛУЖИ КАКО ИДЕЈНА НАСОКА ВО КОЈА ЌЕ СЕ ДВИЖИ РАЗВОЈОТ И ПРОИЗВОДСТВОТО НА ПОДВОДНИОТ ДРОН КОЈ ПРВЕНСТВЕНО ЌЕ СЕ КОРИСТИ ЗА ВОЕНИ ЦЕЛИ, НО И ВО СЕКОЈДНЕВИЕТЕ

 

Нова машинерија на повидок, но и не е толку нова, затоа што конкуренцијата веќе има направено прототипови, а според официјалните (и неофицијалните) извештаи најдалеку е отидена кинеската машинерија и инженерија и сè уште вложуваат многу на тоа поле. Во создавањето на ова пловило вклучени се многу сериозни играчи како на пример Нортроп Груман, производител на авиони. За каква направа зборуваме? Тоа е подводно летало. Беспилотно подводно летало во вид на манта раја(ража), риба со облик на видоизменет триаголник (или петоаголник, зависи кој како гледа на рибата). Како што велат од Нортроп Груман подводниот дрон е со „икс л“ големина, но не ги спомнуваат димензиите. Сепак може да насетиме дека дронот има распон помеѓу осум и девет метри, затоа што конструкторите велат дека „леталото“ има способност да ги имитира движењата на рибата манта ража. Ќе се применува како што спомнавме во посебни прилики и на места каде не може човекот да оперира. Подводното летало (пловило) има способност да се задржи во вода со денови, но и да се спушти на дното од морето и да хибернира и на тој начин да сочува енергија за натамошните мисии. При тоа притајување дронот преку посебен уред може да ги искористи движењата на морето (бранови и струи) за создавање електрична енергија која потоа ќе се складира. Искористување на подводните струења на водата за создавање електрична енергија, е најдоброто што го смислиле конструкторите или идејата ја позајмиле од комерцијалните летала. Кога снемува струја во авионите, тогаш мал пропелер излегува од телото (фуселажот) и со вртењето произведува електрична енергија. Нешто како најобично динамо на велосипед. Да го спомнеме следново, дронот не се движи исто како спомнатата риба, да мавта со крилата, туку плови со помош на мали елиси (електромотори), претпоставуваме дека се бесшумни. Подводниот дрон ќе се користи за превоз на најразлични материјални добра, но ќе носи и разновидни експлозивни направи, но и некој вид автоматско оружје. Покрај тоа ќе има и мноштво сензори и камери со кои ќе врши надгледување на сè и сешто што е под вода. Нема да биде чудно ако вградат и перископ со кој ќе набљудува и над вода. Погодувате, новата „машинерија“ е збир од повеќе досегашни направи, пловила, како на пример подморници и на нив сличните алатки со кои досега се истражувал и освојувал подводниот свет.

Производителот го претстави прототипот „манта раја нордтроп груман“ на 8 април во неговата природна големина, значи 1 : 1, со тоа што нагласи дека исцрпувачките тестирања допрва започнуваат. За да стасаат до оваа фаза конструкторите работеле цели четири години, односно од 2020 год. Бојата на подводното пловило (летало) сигурно ќе биде иста како бојата на рибата манта ража, а може да вградат (залепат) филм од лед светилки кои ќе ја менуваат бојата на дронот во зависност од околината. Така прават животните, поим познат под името мимикрија, односно прикривање. Таквиот вид прикривање е од витално значење за една ваква беспилотна направа за да остане што подолго време оперативна и незабележлива.

Производителот со право не даде подетални информации, туку само површни и оскудни, бидејќи во прашање е осетлива направа, нешто како подводен сателит за набљудување или како оружје против подморниците. Со оваа направа повторно се докажува дека природата создала најсоодветни облици за опстанок во животната средина и не случајно конструкторите ја одбрале ражата како идејно решение за нивниот подводно беспилотно пловило, летало или што и да е.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ