И ПОКРАЈ ТОА ШТО НЕЈЗИНАТА ПОВРШИНА Е МАЛА, САМО 61,2 КМ², НАЈСТАРАТА ДРЖАВА (ПОСТОЕЧКА) ВО СВЕТОТ, КОЈА СЕ НАОЃА НА АПЕНИНСКИОТ ПОЛУОСТРОВ, ОД СИТЕ СТРАНИ ОПКРУЖЕНА СО ИТАЛИЈАНСКА ТЕРИТОРИЈА, ИЗОБИЛУВА СО МАТЕРИЈАЛНИ ДОБРА И ДУХОВНИ БЛАГА ЧИЈА ПОСЕТА СИГУРНО ЌЕ ОСТАНЕ ВО ВАШИТЕ СЕЌАВАЊА УШТЕ ДОЛГО ПО НЕА. ИСТОИМЕНАТА МЕТРОПОЛА ГО КОМПЛЕТИРА ВПЕЧАТОКОТ, БЛАГОДАРЕЈЌИ НА АВТЕНТИЧНОСТА ПРЕД СÈ, ВО СЕКОЈ ПОГЛЕД
Патувањата во Римини што ги организираат македонските тур-оператори се добра можност да ја посетите и најстарата држава (постоечка) на светот, за која се врзуваат многубројни приказни, вдахнати од блиското и далечното минато, чија вистинитост, автентичност е причина и за нејзината голема посетеност, над 3 милиони екскурзијанти годишно. Секако дека можете да отидете и во сопствена режија, со авион. Близината на градовите во Италија, кои често ги посетуваат и Македонците, благодарејќи на поволните цени за билетите, нивните аеродроми, како и железничката инфраструктура, едноставноста да се стигне дотаму, Сан Марино го прави лесно достапен и за туристите од Македонија.
Неговиот шарм сигурно ќе ве освои, привлечноста му е императивна. Прво затоа што местоположбата му е атрактивна, иако не излегува на море, се наоѓа меѓу италијанската регија Марке, брдата на Емилија-Ромања и Јадранот. Второ, широкиот поглед на воденото пространство не само што предизвикува силен впечаток туку и ја распламтува желбата за мечтаење, вклучително и легендите кои претежно се врзани со дамнината, кога всушност е основана и државата, во 301-ва.
Имајќи го предвид фактот дека е најстара (постоечка) во светот, УНЕСКО пред 15 години ја попиша како светско културно наследство. Има и републиканска форма на управување, на чело со двајца регенти кои ги бираат 60-те претставници во законодавното собрание (парламентот) на секои 6 месеци. Едниот ја игра улогата на претседател, а другиот е премиер. Пратениците се избираат на секои 5 години. Државниот орган, т.е. конгресот брои 10 членови. Сан Марино всушност е поделено на 9 општини (буквално замоци). Секоја ја раководи совет, 560 години.
ОД ЗАСОЛНИШТЕ НА КАМЕНОРЕЗЕЦ ДО МЕТРОПОЛА
Во текот на 1.722-годишното постоење, благодарејќи на основачот – каменорезецот Маринус, наголемо се раскажува приказната за него. Поради христијанската вера бил прогонет, а своето засолниште го нашол во планината Титано каде што изградил и капела. Оттаму всушност започнало проширувањето на метрополата, градот-држава чии регенти за првпат биле избрани во 1243-та. 220 години подоцна, со папски декрет, градовите Монтеџардино, Серавале и Фјорентино й се приклучиле, влегле во нејзиниот состав, а наскоро и Фаетано. Папството го прогласило Сан Марино за независно во 1631-ва, без оглед на неговата конституционалност, уредена во 1599-та. И покрај тоа што кардиналот Алберони ја зазел територијата на метрополата, благодарејќи на граѓанската непослушност и апелите, молбите до Ватикан, папата й ја вратил независноста која се почитувала и за време на Наполеоновите освојувачки походи, но и во текот на Втората светска војна.
Кризата во 1957-ма, кога нетрпеливиот однос меѓу двете најголеми партии во државата ја достигнала кулминацијата, резултирала со аферата Роверета. Кон Советот на Европа се приклучи во 1988- ма. Иако не е членка на Унијата, еврото е платежно средство. За даночен рај важеше до 2002-ра, кога го потпиша договорот со цел да се избрише од т.н. сива листа. Потписник беше и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Сан Марино има околу 33.500 жители чија старост е доста длабока, достигнува до 85 години кај мажи, 89 кај жени. Разговорен јазик секако е италијанскиот. Поштенските марки, монетите се особено важен извор на приходи за граѓаните, се разбира – поради големиот интерес на колекционерите. И туризмот, неизбежно.
ТРИТЕ КУЛИ, СИМБОЛ НА СЛОБОДАТА
Кон жичарницата и видиковецот на Контрада дел Пјанело ќе ве упати секој жител на Сан Марино, заради глетката. Превозното средство со кабини е бесплатно за деца, сите што се пониски од 120 см. Висината на која се искачува е 166 м, горе сте за 2 минути.
Панорамата навистина е прекрасна, погледот досегнува до ривиерата, морето. Пред неа всушност е видиковецот, поширокото рамно место каде што се наоѓа споменикот на Бартоломео Боргес и неколкуте бинокли, за комплетен впечаток. Меѓу атракциите кои не треба да ги заобиколите се вбројува и Кава деи Балестриери во непосредна близина на жичарницата. Денес каменоломот е познат како збиралиште на самострелците, за спортување. Употребата на рачното ладно оружје во најстарата држава (постоечка) на светот е традиционална, повеќевековна.
Се разбира, минатото на Сан Марино најубаво ќе го доживеете во т.н. историски центар, просторот на којшто се трите кули, видливи од патот за планината Титано, музеите (12 државни, 6 приватни)… И првата (Гваита) и втората (Честа) кула е отворена за јавноста, но не и Монтале (третата). Меѓусебно се поврзани со патеката на маѓепсниците, а нејзиното име ги евоцира спомените за младите жени со натприродна моќ, кои танцувале покрај огновите. И другите монументи со нивната величественост, длабоки по содржината
Пјаца дела Либерта, црквите Сан Квирино, Санта Кјара, Порта ди Сан Франческо, Пјеве – Базилика дел Санто ќе ве привлечат, сосема сигурно. Исто како и музеите чија тематика е приспособена за сите возрасти, љубители на филателијата, уметноста, нумизматиката, етнологијата, археологијата…, препарираните животни (па дури и растенија), оружјата, восочните фигури… На пример, во Националниот музеј од втората половина на 19 век, сместен во Палацо Пергами Белуци, се изложени 5.000 дела. Збирката од уметнички слики во Галеријата на контемпорарната уметност ја достигнува бројката од 1.000, а своевиден музеј е и Палацо Публико, срцето на политичкиот живот во Сан Марино, каде што церемонијално се инаугурираат регентите на секои 6 месеци, од 1 април до 1 октомври. Се наоѓа на Пјанело (Пјаца дела Либерта), во зградата на некогашниот Домус Комунис Магна, изградена во периодот меѓу 1380-та и 1392-ра, реставрирана неколкупати.
НЕЗАОБИКОЛНА ШОПИНГ ДЕСТИНАЦИЈА ПОРАДИ НИСКИТЕ ЦЕНИ, МАЛИТЕ ДАНОЦИ…
Доколку се одлучите за патување со деца, воопшто нема да згрешите. Сан Марино е рај за нив. До врвот можете да стигнете или со жичарница или со вовче кое поминува низ тунели. Парковите изобилуваат со дрвја на кои можат и да се качуваат. Музејот на вампирите, акрепите сигурно ќе им предизвика возбуда, не обеспокојувајќи ги. Фестивалот на комиката во лето е идеален за размена на стрипови, па и видеоигри, споделување на искуството со нив. Сепак, надалеку прочуениот авантуристички парк, најголем во Европа, нема конкуренција, убедливо е и најпосетен, околу 30.000 деца годишно. Се работи за многу голема шума каде што дрвјата се поврзани со висечки мостови, 30 на број. Поделбата на игрите, активностите заради забава во секој случај е инспирирана од авантурите на Робин Худ. Безбедноста е на највисоко ниво, како и адреналинот.
Сан Марино важи меѓу другото и за незаобиколна шопинг дестинација. Моловите воглавно се наоѓаат на патот до/од Римини, а останатите дуќани во центарот на стариот град. Поради малите даноци, цените се пониски од Италија. Во 1995-та државата ја воведе т.н. ознака за потекло и типичност (Маркио ди Ориџине е Типичита), за да го заштити домашното производство. Традиционалната рачна изработка може да се види на лице место во повеќето мали занаетчиски работилници, продавници за керамика, производи од ретки минерали, железо, дрво…, тантела, везови… Картичките за попусти се даваат и во хотелите, на своите гости.
Рецепционерите ќе ви ги препорачаат и кафе-рестораните каде што се приготвуваат најубавите деликатеси, специјалитетите на нивната кујна. Забележливо е влијанието на италијанската, кое со текот на времето избледувало. „Пјадината“ се послужува и натаму. Разликата е во густината на тестото, полнето со разни билки, сирења… Комбинацијата на рукола, „стракино“ и шунка е неодолива. Но и палентата е дел од трпезата, и супите (со „бомболоти“) и тестенините („строцапрети“), вклучително и десертите, како на пример обланда-тортите Титано и Тре Монти, чии филови содржат какао, кафе, лешници, чоколада…, и „бустренгото“ и „веретата“ и „пањотата“, залеани со вино (Албана, Бјанкале, Москато и Санџовезе) или пак ликер (од тартуф, тревки…, Тилус и Дука ди Гуелфо), за потполно уживање.