ПОДАРУВАЊЕТО ЗА НОВОГОДИШНИТЕ, БОЖИЌНИТЕ ПРАЗНИЦИ ВЕЌЕ НАСЕКАДЕ СЕ ВООБИЧАЈУВА, ПА И ОВДЕКА. МНОГУМИНА ВЕЛАТ ДЕКА ДАВАЊЕТО НЕКОМУ ПАРФЕМ НА ДАР Е КЛИШЕ, НО… МИРИСОТ ГИ ОЖИВУВА СЕЌАВАЊАТА, ОСОБЕНО НА ТОЈ/ТАА ШТО ВИ ГО ПОДАРИЛ/А. НЕ СЛУЧАЈНО БИДЕЈЌИ ПАРФИМЕРОТ ИНДИРЕКТНО ВИ ЈА КАЖУВА И ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАСТА, НАСТРАНА СЕТА МАГИЈА ВО КРЕИРАЊЕТО ИЛИ СОЗДАВАЊЕТО УМЕТНИЧКО ДЕЛО
Нема сомневање, парфемите (мирисите, ливантата) се мајсторски дела на врвните уметници парфимерите чии согледби пак се резултат и на улога нивната во креирањето на истите, меѓу другото. Дали некогаш сте се запрашале кои се тие што ги создаваат, соединувајќи ги различните ноти на егзотичните зачини, цвеќиња, дрва во нешто истоветно, хармонизирајќи го едновремено? Нивниот склад, кој несомнено ќе ве освои, придобие во зависност од вашето чувство, смисла и мерило за убавото, ќе ве мотивира, вдахне…, во голема мера се должи и на врската меѓу науката и уметноста, вклучувајќи го и сето волшепството за кое доста често и нема објаснување. Парфимерите не се само занаетчии. За нив, креирањето уметничко дело какво што е парфемот во исто време е и страст и патување и начин на живеење. Од милост ги нарекуваат и носови, пред сè поради истанчениот, префинет вкус и вештината на компонирањето создавањето мирисна композиција. Истото важи и за мирисливите свеќи. Последните неколку години владее помама и по нив. Ароматерапијата зема сè повеќе замав, обично се одлучуваме за мирисот кој е идентичен со омилениот парфем.
СИСТЕМАТСКО ШКОЛУВАЊЕ КОЕ ТРАЕ 10-ТИНА ГОДИНИ
Како што сликарите, уметниците ги предаваат предметите и појавите со помош на бои, така парфимерите ги користат своите знаења, вештини за да креираат мириси, ливанта кои ќе ве привлечат, никогаш не заборавајќи ги. Обучени се да направат хармонизација на состојките природните, синтетичните. Добрата подготвеност се однесува и на концептот за естетиката на парфемите, не само апстрактно. Нивната цел е всушност да влијаат на расположението, да го подобрат. Секако, за тоа е неопходно да ги познаваат речиси сите или повеќето елементи, состојки да ги распознаваат, но и да знаат какви ќе бидат по извесно време, дали ќе се променат итн. Слично на ароматичарите во прехранбената индустрија. И најважно, да знаат како се спојуваат. Можеби ќе поминат десетина години додека не заврши систематското школување, иако надградувањето никогаш не престанува. Вклучително и истражувањето. Преданоста, љубовта кон работата компонирањето, создавањето мирисна композиција и волјата за (до)усовршување, брусење на своите знаења, вештини, се особено важни и за напредувањето, да се биде главен парфимер е голема чест, вистинско признание, па дури и општествено уважување. Парфимериските школи се темел, основа на секое патување до крајното одредиште звањето парфимер. Освен теоретска настава, дел од систематското школување е и практиката, доста често во производствените фирми на добар глас, од светски размери. Обично се во траење од 6 години. Престижот им е другото име. Француските се издвојуваат, особено Grasse Institute of Perfumery, ISIPCA и Givaudan’s Perfumery School. Првата е лоцирана во Грас, позната по широката програма, без оглед на тоа што нуди и шестмесечни курсеви. Втората се наоѓа во Версај и редовно соработува со Osmothèque, најголемата архива на мириси во светот. Третата е дел од Givaudan, швајцарската компанија за производство на аромати и мириси, која датира од 1895-та. По нивното завршување следи втората фаза чиракувањето и конечно, работа во парфимериската индустрија прво како почетник. Напредувањето е во тесна врска со (до)усовршувањето.
ДОБРО ПОЗНАВАЊЕ НА СЕКОЈА ФАМИЛИЈА СО СВОЈА ОЛФАКТИВНА УНИКАТНОСТ
Рамнотежата меѓу креативноста и знаењето, вештината резултира со изработка на парфем кој секако дека ќе се најде во парфимериите, на тоалетите…, независно дали се работи за комерција, за масовна продажба или пак за нарачка на некој важен клиент, со утврден лимит. Потребно е да се разбира хемијата на ароматичните молекули, да се има познавање на својствата на мирисливите супстанци, соединенија. Имено, светот на мирисите е класифициран во фамилии (цветна, ориентална, зачинета, дрвенеста), секоја со своја олфактивна уникатност. Мешањето е строго определено, согласно правилата. Всушност, парфимерискиот акорд е резултат на комбинирањето ароматични молекули, поради што се добива мирис со специфични својства. Парфимерот мора да знае како си делуваат меѓусебно. Јантарот е средишната нота на повеќето мириси кои се карактеристични за Ориентот, на пример. Обично се меша со ванила, миро, мошус, темјан… Пробивноста на парфемот Chanel N°5 се должи на користењето синтетични елементи во создавањето единствен, уникатен акорд. Неговото иконично значење произлегува од фактот дека бил прв што во себе вклучувал синтетични алдехиди поради кои се одликува со свежина (чистота) и покрај мошусната сладникавост. Имено, акордот на синтетичните алдехиди e причината за модерниот пресврт во класичниот цветен мирис како дел од парфимериските согледби. Го креирал Ernest Beaux, мешајќи и ружа, јасмин, иланг-иланг.
Мајсторството се должи и на големото искуство, наспоредно. Создавањето мирисна композиција не значи само мешање различни мириси. Освен добро познавање на состојките, потребна е и стрпливост. Без исклучок на времето процесот е долготраен. Урамнотежувањето на 3-те ноти е ретка способност, па и одговорност. Горната ја образуваат почетните мириси што ги чувствувате кога првпат се прскате со парфемот. Долната е основата поради тоа што трае долго, а средната, пак, се идентификува со срцето како средиште на чувствата. Во тоа предничат и Французите Francis Kurkdjian, Jean-Claude Ellena и Calice Becker. Првиот ги потпишал Le Male (Jean Paul Gaultier) и Narciso Rodriguez (for Her). Во 2001-ва се здоби со Prix François Coty, високо признание за секој парфимер. И денес продолжува со исто темпо, бришејќи ја границата меѓу сонот и јавето. Истовремено е сосопственик на Maison Francis Kurkdjian. Вториот се школувал на Givaudan во Женева. Работел за Hermès, 10-тина години. Негови се Un Jardin sur le Nil и Terre d’Hermès. Потоа е повикан да соработува со Frederic Malle. Ставил потпис на Bigarade Concentree и Heaven Can Wait, додека третата ги креирала Deep Red (Hugo Boss), J’adore (Dior) и Tommy Girl (Tommy Hilfiger). Позната е и по соработката со Kilian Hennessy. Заедно ги потпишале Love и Cruel Intentions, кои се дел од L’oeuvre Noire.