Осмомартовско женско рели 2022-ЖЕНИТЕ ПОКАЖАА ДЕКА СЕ ВНИМАТЕЛНИ И ВЕШТИ ВОЗАЧИ

01/04/2022

ГОДИНАШНОТО ЖЕНСКО РЕЛИ ЌЕ БИДЕ ЗАПОМНЕТО ПО ВОЗЕЊЕТО ПО СНЕЖНИТЕ СКОПСКИ УЛИЦИ, А 18 УЧЕСНИЧКИ ПОТВРДИЈА ДЕКА РАМНОПРАВНО И ПОДЕДНАКВО СЕ ВЕШТИ КАКО МАЖИТЕ ВОЗАЧИ ДА ВОЗАТ ПРИ НЕПОВОЛНИ УСЛОВИ, ПОТЕНЦИРААТ ЗА АМСМ-МОБИЛИТИ ОРГАНИЗАТОРИТЕ ОД АВТОМОБИЛИСТИЧКАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

 

По повод меѓународниот  празник на жените 8  Март, Автомобилистичката федерација на Република Северна Македонија во соработка со Меѓународната федерација, под покровителство на Агенцијата за млади и спорт и голем број спонзори, на 6 март на улиците на Скопје традиционално третпат  го организираа Осмомартовското женско рели 2022. Учествуваа 18 натпреварувачки, односно 36 со совозачките.

Жените возачи се натпреваруваа во четири класи: К-1 до 1.200 кубици, К-2 до 1.600 кубици, К-3 до 2.000 кубици и К-4 над 2.000 кубици. За учество во настанот им беше потребно исправно возило, возачка дозвола, сообраќајна исправа и жена совозач.

 

Поради неисчистениот паркинг пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ годинава изостана вториот дел од релито,  гимкана –  обележана  патека за вешто возење.

Организаторите и добрите познавачи на автомобилизмот оценија дека учесничките покажаа и потврдија дека се внимателни и вешти возачи и имаат  одлично искуство да се справат со лизгавите скопски улици на снег и на целта да пристигнат со одлично време.

– Дамите учеснички во релито уште еднаш покажаа цврста желба, храброст и умешност со учеството во Осмомартовското рели, велат од АФСМ.

 

 

Во една од салите на СЦ „Борис Трајковски“ на учесничките им беа дадени потребните инструкции за маршрутите и препораките од тимот на АФСМ.

Релито почна од паркингот на СЦ „Борис Трајковски“ и секоја  минута стартуваше  по еден автомобил.

По завршувањето на релито беа прогласени победничките во четирите категории, а беа доделени награди, признанија и пригодни подароци за сите учеснички.

Во оваа пригода организаторот АФСМ им порача на сите жени возачи од државата да се вклучат во поголем број во Осмомартовското рели 2023 и да постигнат повисоки резултати и успеси.

Победничките на ова рели изјавија дека е прекрасно чувството кога на целта ќе се влезе со најдобро време, ќе се освојат највисоки резултати, а добиената награда претставува признание за нивната умешност како возачи.

 

Првопласирани

Во К-1 до 1.200 кубици прва на целта пристигна Олга Цуцулеска со совозачката Сања Донева Тасевска, со време од 45:02:75.

Во К-2 до 1.600 кубици (во која и годинава имаше најголем број учеснички) прва на целта пристигна Сандра Кизова со совозачката Марија Николовска, со време  45:01:14.

Во К-3 до 2.000 кубици прва на целта пристигна Славјанка Станојковска со совозачката Снежана Цветкова, со време 45:01:95

Во К-4 над 2.000 кубици прва на целта пристигна Стефанија Атанасовска со совозачката Александра Ќурчиевска, со време 45:02:41.

 

 

Антоанела Димитриевска

ПОВРЗАНИ СТАТИИ