ОРЕ-ЗА ЉУБИТЕЛИТЕ НА НОРДИСКИТЕ СПОРТСКИ ДИСЦИПЛИНИ, ВО АЛПСКА КОМБИНАЦИЈА

13/02/2024

БЕЗ ОГЛЕД НА НИВНАТА ОДДАЛЕЧЕНОСТ, НОРДИСКИТЕ ЗЕМЈИ СЕКОГАШ СЕ АТРАКТИВНИ ЗА ТУРИСТИТЕ, ОСОБЕНО ВО ТЕКОТ НА ЗИМАТА. СКИЈАЧКИТЕ ЦЕНТРИ КОИ НУДАТ БЕЗБРОЈ МОЖНОСТИ ЗА ЉУБИТЕЛИТЕ НА СПОРТСКИТЕ ДИСЦИПЛИНИ ШТО ПОТЕКНУВААТ ОД ТАМУ, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГИ И АЛПСКИТЕ, ВАЖАТ ЗА НЕНАДМИНЛИВИ КОГА Е ПРИРОДНАТА ХАРМОНИЈА ВО ПРАШАЊЕ, УСЛУГАТА И СЛИЧНО. ЕДЕН ОД НИВ СЕКАКО Е И ШВЕДСКИОТ – ОРЕ

 

Далечината од 2.000 километри (воздушно), т.е. 3.000 км (по земја и вода) можеби ќе ве натера да размислите добро во врска со посетата, престојот во него, ама не ги занемарувајте предностите на воздушните сообраќајни врски меѓу Охрид, Скопје и Стокхолм, заедно со беспрекорната инфраструктура (железничка итн.) што го поврзува главниот град на Шведска со скијачкиот центар, оддалечен 520-тина километри. Хармонијата на природата е вистинита (реална), исто како условите и покрај тоа што сликите повеќе делуваат како фантазмагорични. Кога ќе се додаде и брзата и добрата услуга во ски-центарот, нема причина да смените мислење.

Оре (шв. Åre) сигурно ќе предизвика силна возбуда и кај децата, се разбира – доколку решите да ги земете со себе. Патеките за скијање се идеални за сите возрасти, без оглед на дисциплината која повеќе ја претпочитате: нордиска или алпска, но и комбинирано, а не се исклучува можноста и за другите зимски спортови, како на пример санкањето, скејтбордингот и слично. Често во друштво со ирвасите. Тамошните специјалисти по физиотерапија ќе ви укажат на предноста со која се истакнува првата – нордиската спортска дисциплина. Телото станува појако, пофлексибилно. Погледот на околината, дивите предели што изобилуваат со благи кривини, угорнини…, често ù пркоси на умората и го комплетира впечатокот за ски-центарот. Истото важи и за втората – алпската дисциплина. Благодарејќи на спортските патеки, единичните во планината Åreskutan чија висина достигнува до 1.420 м, скијачите на сите можни начини се обидуваат да ги остварат своите цели, стремежи…, често надминувајќи се себе(си). Нема сомневање дека и слободата на волјата игра важна улога во тоа.

ПАТЕКИ СО ВКУПНА ДОЛЖИНА ОД 100 КМ, 88 ПАДИНИ ЗА СПУСТ, 46 ЛИФТОВИ…

Едноставноста по која се познати жителите на Шведска и Скандинавија воопшто е присутна буквално секаде, како филозофија до која се држат во животот. Иако минимализмот подразбира и отфрлање на емоционалната содржина – за сметка на формата, повеќе од забележливи се нивните чувства кои неприкосновено ги насочуваат кон природата, уживањето во неа и можноста за соединување со истата. Без исклучок на грижата, свеста за околината. Оре изобилува и со многу знаменитости уште од средновековјето, атракции, па дури и адреналин. Понудата е голема и кога се работи за сместувачките капацитети, угостителските дуќани, шопингот… Природно, зимската сезона се врзува со скијачкиот спорт, додека летната ги збира љубителите на велосипедизмот, кајакарството, кросот, параглајдерството, планинарењето, риболовот… Повеќето стази предвидени за нордиските спортски дисциплини (скијањето пред сè) во текот на зимата се користат и за велосипедизам, планинарење, трчање во природа на лето, напролет или наесен. Функционални се 5, односно 6. Нивната должина се движи од 2 до 7,5 километри. Вечерното скијање побудува голем интерес, поради осветлувањето (наместа сино), како и самото качување на врвот – групно, индивидуално. А другите, пак, се приспособени за алпските дисциплини.

За да се избегнат долгите редици, компјутеризирано е буквално сè, од резервации до купување билети за жичарница, паркиралиште, пасови за сите 3 ски-подрачја, области: Åre Village, Björnen и Tegefjäll/Duved. Децата до 7 години не плаќаат ништо. Инаку, најдолгата спортска патека изнесува 15 км, од вкупно 100. Сепак, меѓу најпривлечните се вбројува и 5-километарската на езерото Åresjön, кога е замрзнато. Нордиското скијање по него има посебна драж, особено заради погледот на Åre и планината Åreskutan. Рекреативците обично го комбинираат со алпското. Сменувањето на скијачката опрема им е добро увежбано, како вистински професионалци. Можат и да ја изнајмат, ако не се подготвени. Има 5 школи, со дури 600 инструктори. Бројот е импресивен и кога станува збор за лифтовите – 46, падините – 88.

Сноупаркот се истакнува со дизајнот на скијачот Jesper Tjäder и вратоломиите кои ги изведува со иста, вратоломна брзина. Децата го гледаат со постојана возбуда. Неговата школа веројатно е и најпосетена. Деновите им се исполнети максимално, со попатни паузи за топла чоколада и вафли, на пример – „фика“, еден вид награда за постигнатите резултати, т.е. мотивирачка причина. 4 стази комплетно се адаптирани за детската возраст.

Народните приказни во голема мера се врзани со знаменитостите на Оре, своевидните атракции по кои е познат. Нивните раскажувачи секогаш ја потенцираат вистинитоста, како на пример за развојниот пат на ски-центарот, некогаш имало земјоделско стопанство.

Жителите на неколкуте раштркани села во 1882-ра почнале да ја менуваат својата идеолошка концепција за целата планинска област, искористувајќи ги сите погодности. Лека-полека се претворила во една од најпосетените, чиј раскош не се однесува на луксузот, материјалната страна на животот, богатството…, туку на нејзината убавина. Швеѓаните и Скандинавците воопшто имаат поинакви сфаќања за него. Филозофијата им е поразлична. Дизајнот е типичен – скандинавски. Меѓусебната поврзаност на едноставноста и практичноста ја дополнуваат исклучиво фолклорните мотиви.

ВОЗБУДЛИВО ДОЖИВУВАЊЕ НА САНКИ ШТО ГИ ВЛЕЧАТ КУЧИЊА

А, меѓу автентичните сведоштва за духовната култура на тамошните луѓе се вбројува секако и црквата. На истото место е од крајот на 1100-тите години, била двојно помала, но доволна за жупанијата. Нејзиното проширување започнало во 18 век, заедно со модернизацијата. Оттогаш е и сликата (иконата) на викиншкиот крал, Свети Олав. Се разбира, во популаризацијата на храмот помогнале и верниците, поклониците бидејќи оттаму врвел патот по кој оделе на поклонение, од Selånger до Trondheim. Сепак, изложените артефакти во музејот датираат од тоа време, 12 век. Големиот број предмети обликувани од човечка рака сведочат и за ловот со кој се занимавало месното население. Таму, од 1880-та до 1915-та, се изградиле многу ловечки домови. Од 1910-та е и 800-метарската жичница со вагони што се претставува монументално, како еден од 90-те знаменитости, атракции на Оре. Туризмот почнал да се развива во 1970-тите, продолжението е со молскавична брзина, до денес. Истиот е условен од изобилството активности за сите возрасти, проследени со адреналин во големо количество, на кои не може да им се одолее. Авантуризмот е појдовен критериум, ловот на среќата. Но, сигурноста има приоритет и покрај тоа што нивната цел е разонодата. Возењето на санки што ги влечат кучиња е возбудливо доживување кое останува во меморијата, без оглед на турата: вечерна, двочасовна, тура со вечера, со ноќевање. Возбуда предизвикуваат и возењето на моторни санки, скејтбордингот…, во текот на зимата и возењето на трицикли, зиплајнот, кросот, параглајдерството, рафтингот, риболовот…, лете – па и напролет и наесен, кога љубителите на велосипедизмот, планинарењето се и најбројни. Спортската опрема е задолжителна.

Разновидноста на сместувачките капацитети, јадењата кои се приготвуваат и служат во рестораните, пекарниците во извесна смисла произлегува и од различните желби, вкусови на туристите. И покрај тоа што скијачкиот центар изобилува со хотели (бутик, дизајнерски…), не може да се занемари ни бројот на хостели, дрвени колиби, апартмани во центарот на Оре, близу до патеките на планината Åreskutan, во околните села. Рестораните, меѓу нив и гостилниците на самите падини, пекарниците во кои се гледа како лебот и печивата се подготвуваат и печат, вклучително и кафетериите, секогаш се полни со гости, уживајќи во порција гулаш, вафли, кафе… Подоцна и во шопингот.

Дуќаните се мали, автентични. Уметничките производи го одразуваат секојдневниот живот – сликите и другите мајсторски дела на Anna Cronheden и стаклените вазни, чаши, чинии, украси „олимпија“…, кои се прават на лице место, каде што е и печката за топење стакло, па и скијачката опрема „мејд ин Оре“ со висококвалитетни својства.

На 9 и 10 март ќе се одржи Светскиот куп во алпско скијање, а на 15-ти, 16-ти и 17-ти, пак, децата на возраст од 7 до 16 години ќе се натпреваруваат во слободно скијање на врлежи, односно стрмнини.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ