ГОДИНАВА НИСАН СЛАВИ 110 ГОДИНИ ОД ПРВИОТ ПРОИЗВЕДЕН АВТОМОБИЛ (1914). ПРВО ДАТ, ПОТОА ДАТСОН, ВЕДНАШ ПО НЕГО ДАТСУН И НА КРАЈ НИСАН ВО ПРЕВОД КАКО ПРОИЗВОД НА СОНЦЕТО, НА ИЗГРЕЈСОНЦЕТО
Почетокот на автомобилите Нисан датира од 1911 година кога Масуџиро Хашимото ја основа работилницата (компанијата) Кваишинша Јидоша Коџо (во превод Кваишинша автомото работилница). Врвниот механичар М. Хашимото сакал да произведува автомобили, но за остварување на сонот морал да чека до 1914 година кога работилницата, именувана како ДАТ, почнала со производство. Тогаш од фабриката излегол мал автомобил правен на дрвена основа и мотор од сопствено производство со двоен цилиндар и 12 коњски сили. Автомобилот „дат“ крстосувал со брзина од 32 км/ч, солидна за тоа време. Како е создадено името ДАТ? Тоа е кратенка од првите букви од презимињата на партнерите на М. Хашимото, кои вложиле дел пари и знаење во производството на малиот автомобил – Кенџиро Дан, Рокуро Аојама, Меитаро Такеучи (Дан, Аојама, Такеучи – ДАТ). Тоа се почетоците на Нисан, односно ДАТ, а еве како е дојдено името Датсун. Во 1931 година е претставен уште помал автомобил од првиот направен во 1914 година. Бидејќи бил помал, конструкторите го именувале како „датсон“, со значење, „синот на ДАТ“. Но бидејќи тоа „сон“ на јапонски е „губење“ (или слично), автомобилот е преименуван во „датсун“, „дат“ и сонце, а Јапонија е земја на изгрејсонцето. Затоа „сан“, односно сонцето е вметнато во името и тоа сонце се наоѓа на државното знаме.
Пред да го произведат „синот на дат“ на чело на компанијата дошол Јошисуке Аикава и под негово водство компанијата е преименувана во Нисан во 1932, односно во 1933 година кога компанијата Никон Сангјо се појавува на берзата во Токио под името Нисан, а по наредба на Ј. Аикава. „Ни“ на јапонски е сонце, додека „сан“ е раѓање, но и производ, така што „нисан“ може да се преведе како „производ на сонцето“ или „сончев производ“, но уште поинтересен е преводот „раѓањето на сонцето“, а токму тоа се случува во Јапонија, се раѓа сонцето, изгрева, „земја на изгрејсонцето“. Автомобилите сè уште го носат името Датсун, а не Нисан како компанијата. Одговорните во фабриката одлучиле да продолжат да го користат името Датсун бидејќи го знаел цел свет, а Нисан сè уште не бил познат. Пред малку го споменавме Јошисуке Аикава, кој отишол во САД и наместо да се дошколува, се вработил во фабрика за да види одблизу како се произведуваат автомобили. Откако се вратил во родната земја основал две компании, Нипон Сангјо и Тобата Кастинг, а потоа кон крајот на 1933 година ја формирал и Јидоша Сеизо Ко. лтд. Нисан е спој од повеќе компании и се преплетуваат многу имиња на сопственици на компании. Ако името Нисан служело само за користење на берзата во Токио, од јуни 1934 година името на компанијата е Нисан Мотор Ко. лтд. Таа година производителот успеал да оствари прв извоз не само во соседството туку и во прекуокеанските земји, Централна и Јужна Америка. По една година бил создаден заштитниот знак на компанијата и најверојатно го претставува сонцето, а во неговата средина е испишан зборот „нисан“.
Во периодот пред Втората светска војна Нисан не произведувал само автомобили. Неговата гама била составена од речиси секакви возила, почнувајќи со класични автомобили, потоа камионети, мали автобуси, караван изведби, возила за пренос на материјални стоки карго возила итн. Првиот автомобил бил претставен во 1914 година, а првото комерцијално возило било конструирано во 1918 година за потребите на тогашната армија. Подоцна врз основа на тоа возило биле развиени повеќе изведби, главно за потребите во стопанството. Затоа веднаш по 1920 година ДАТ бил советуван да се спои со тогашниот најголем производител на возила за доставување и камионети, компанијата Џитсујо Моторс. Тоа се случило во 1926 година. Во периодот од неколку години пред војната Нисан почнал да работи за армиски потреби, а произведувал речиси секакви возила, од најобични автомобили до оние за посебна намена и речиси целото производство било наменето за војската, поточно од 1938 година до завршувањето на војната во 1945 година, Нисан покрај најразновидни армиски возила, произведувал авиони и речиси секакви погонски единици.
По војната Нисан се вратил на старата „линија“ и продолжил со производство на семејни и стопански возила. Откако светот ги запознал можностите на посебното возило „вилис“, многу производители тргнале да прават слични такви возила. На современиот човек му било потребно возило што ќе може без поголеми тешкотии да се движи надвор од асфалтот и да не заглави во песок, нива, вир… И Нисан / Датсун бил еден од тие што тргнале да прават теренско возило. Во 1951 година Нисан го претставил првото теренско возило, моделот „4 w 60“ со шестцилиндричен мотор во линија и зафатнина од 3.666 ссм, 75 КС и должина од само 3,6 метри. Ова возило може да го наречеме претходник на легендарниот „патрол“, еден од ретките на кои многу авантуристи му симнуваат капа. „Патрол“ и денес царува на планетата. Сегашниот модел со фабричка ознака „ипсилон 62“ е во производство веќе 14 години со мали освежувања. Се појавија гласови дека „патрол“ ќе биде заменет со друго возило, поради електрификацијата, но и светот најмногу бара „сув“ возила, а типичните теренски ги подзаборави. Бидејќи конкуренцијата ги претстави теренските модели од горната класа, тоа ќе го стори и Нисан со моделот „патрол“, така што годината кога Нисан слави 110 години од појавувањето на првиот автомобил, можно е да го прикаже новиот „патрол“ и тоа со дизајн „кутија“ и две главни погонски единици, со шест и со осум цилиндри. Мора да потсетиме, „нисан патрол“ е едно од најпочитуваните возила во светот, покрај купе моделот со ознака „з“ и скајлајн, а за „гт – р“ има само пофални зборови. На моделот „гт – р“ му е даден прекар „годзила“ затоа што конструкторите од Нисан оставиле простор за доработка на моторот, а виртуозите механичари од него прават чуда, така што сопствениците се презадоволни од фризирањата.
Друг автомобил од семејството на Нисан е легендарната втора генерација од моделот „микра“, мал автомобил со три и пет врати, со мотор од „ферари“, 1,0 л, четири цилиндри во линија, две брегасти во глава и 16 вентили, 55 КС, независно обесени тркала, впечатлив и посебен дизајн, внатрешност осмислена по најсовремени ергономски стандарди. Токму оваа „микра“ победи на изборот за Автомобил на годината во 1993 година и со тоа стана прв јапонски автомобил што се закитил со престижната европска титула. Со многуте нови решенија „нисан микра“ беше неминовно да ја добие титулата – автомобил осмислен и дизајниран на домашен терен, но со производство во Англија. Друг нисанов автомобил сè уште не добил толку голема награда и слава на континентов. Кога зборуваме за автомобилскиот спорт, трките, Нисан со децении учествува на домашните првенства на кружни патеки за туристички автомобили, присутен е на трките на издржливост, како 24 часа Леман и 24 часа Дајтона, но и во Супер ГТ шампионатот и во најновата формула наречена еФормула (со електричен погон).
Тука некаде е смената на името од Датсун во Нисан. Тоа се случувало постепено во период од три години, од 1982 до 1984 година. За некои пазари останало името Датсун, но во поголем дел од светот се користело името Нисан. Во минатите две децении Нисан се обиде да го оживее (внесе) името Датсун во продажба со поевтини модели, но тоа не успеа и името Датсун повторно е ставено во фиока.
Да не го заборавиме учеството на Нисан во релито Дакар, односно некогаш Париз – Дакар. Првпат Нисан учествувал на најпознатото рели во 1982 година со Андре Десо со „патрол дизел“.
Во светски размери славата им припаѓа на „патрол“, „микра“ и сите купе модели со „з“ во името. Меѓутоа, тука е „патфајндер“ заедно со „терано“, две извонредни теренски возила (во зависност од пазарот, тие две имиња се користат за еден модел). По нив следува „мурано“, „икс треил“, „кашкаи“, „јуке“ итн. Нисан има нешто за секого, од врвно теренско возило до спортски купе автомобили и најсовремен сув, но и електричен автомобил, најпродаваниот „лиф“. Во земјата Нисан е втор најголем производител на автомобили, а сега е деветти на планетава. Нисмо? Тоа е спортската работилница на Нисан. Секој модел со нисмо во името значи врвна опрема и многу коњски сили. При создавањето на ДАТ, односно Нисан во периодот пред и по Втората светска војна, учествувале дури 72 компании. Едни со други се купувале, а со други соединувале за на крајот да се добие тоа што денес светот го има и гледа.