КРУНИСУВАЊЕТО НА ЧАРЛС ТРЕТИ ЗА КРАЛ НА 6 МАЈ ЌЕ БИДЕ ПРОСЛЕДЕНО СО ГОЛЕМИ СВЕЧЕНОСТИ. КАКО ШТО НАЈАВУВА ПИАР-СЛУЖБАТА НА БАКИНГЕМСКАТА ПАЛАТА, ПОКРАЈ ИНВЕСТИТУРАТА ЗА КОЈА, НЕМА СОМНЕВАЊЕ, ИНТЕРЕСОТ Е НАЈГОЛЕМ, ЌЕ СЕ ОРГАНИЗИРА И СВЕЧЕН РУЧЕК, А ЌЕ ИМА И ЗАБАВА ШТО ЌЕ ТРАЕ НЕКОЛКУ ДЕНА…
По смртта на кралицата Елизабета Втора (8 септември 2022- ра), согласно процедурата (установениот, примен редослед на дејствата) – престолот го наследи Чарлс Трети, кој стана новиот, едновремено и најстар монарх во историјата на Британија. Седумдесет и четиригодишниот престолонаследник ќе го крунисаат за крал на 6 мај, заедно со неговата сопруга Камила, еден до друг, со највисоки државни почести. Секако, протоколот е востановен уште пред неколку месеци, за истиот на денот на крунисувањето само да се испочитува. Бидејќи паѓа во сабота, викендот ќе биде исполнет со разноразни хепенинзи, а кодно име му е „Операција златна кугла“.
Согласно правилата на церемонијалот, ќе започне со инвеститурата, свеченото поставување на тронот или ставањето круна на главата како симбол на владетелската моќ, но и на високото достоинство, со што и официјално ќе почне владеењето на Чарлс Трети со Британија – Обединетото Кралство. Тој инаку е роден во Бакингемската палата (14 ноември 1948-ма), кога на престолот се наоѓаше дедо му Џорџ Шести. На негова тригодишна возраст (во 1952-ра), мајка му стана кралица. Неговото полно име всушност е Чарлс Филип Артур Џорџ. Кога имаше 21 година, ја доби титулата принцот од Велс. Денес таа ја носи син му Вилијам, додека Хари ја има титулата војводата од Сасекс. Обајцата се родени во бракот со принцезата Дијана. Неколку години по разводот и трагичната смрт, во 2005-та се ожени за Камила со која беше во љубовна врска и претходно, во младоста.
ИНВЕСТИТУРАТА ВО СОГЛАСНОСТ СО ПОВЕЌЕВЕКОВНАТА ТРАДИЦИЈА, НО И СО СЕГАШНОСТА, ИДНИНАТА…
Крунисувањето е закажано за 11 часот, во Вестминстерската опатија. Дотаму кралот и неговата сопруга ќе пристигнат од Бакингемската палата со златната кочија направена за дијамантскиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора, по повод шеесетгодишнината од нејзиното владеење, во 2012-та. Последен пат е употребена лани, во јуни, за платинестиот јубилеј на кралицата. Обично се користи за специјални пригоди. Така е од 1760-та, кога за потребите на Џорџ Трети се нарачала и првата воопшто, да се направи за тој да се вози до парламентот, на неговото отворање во 1762-ра. Позлатената круна на покривот е дабова, од HMS Victory. А интарзијата внатре, пак, е инспирирана од Британија и нејзината историја, знаменитостите… Кочијата ќе ја влечат 6 виндзорски греј-коњи, додека процесијата ќе минува низ неколку поважни улици на Лондон. Армијата исто така ќе биде дел од поворката, вклучително и кралската гарда.
Богослужбата во рамките на крунисувањето, бидејќи се смета и за црковен обред, ќе ја води надбискупот од Кантербери. Свеченото одбележување ќе биде пропратно, забавата и слично. Повеќевековната традиција во голема мера ќе се задржи, со мали измени, согласно времето во кое живееме и погледот на иднината, кон неа. И раскошот ќе биде составен дел на инвеститурата која последните 900 години се одржува во Вестминстерската опатија. Литургијата речиси секогаш ја служи првиот бискуп во Кантербери, од 1066-та. Откако ќе се изврши помазанието, кое јавноста нема да го види на телевизија во целост, ќе следи благословувањето и ставањето круна на главата со што ќе се устоличи официјално. Во свечениот акт ќе биде вклучен и деветгодишниот Џорџ (првото чедо на Вилијам) кој, заедно со уште неколку деца, ќе ја носи одората.
Регалиите, пак, меѓу нив и жезлите и куглата, й припаѓаат на ројалистичката колекција изложена во лондонската кула. Цело време ќе свири грчка ортодоксна (православна) музика во чест на татко му, војводата од Единбург. Химната на крунисувањето ја напиша лордот Ендру Лојд-Вебер, по избор на монархот, а ќе ја изведува осумчлен хор – „Вознесение“. Останатите изведувачи кои ќе учествуваат во инвеститурата се членови на пејачкиот колектив на опатијата, вклучително и на кралскиот оркестар, меѓу другите.
ЦЕЛА БРИТАНИЈА ВО ЗНАКОТ НА КРУНИСУВАЊЕТО, ПРОСЛЕДЕНО И СО ЗАБАВА
За разлика од инвеститурата на Елизабета Втора за кралица, кога на церемонијата присуствуваа повеќе од 8.000 гости, покани за крунисувањето на Чарлс Трети се испратени само на 2.000 луѓе. Изборот се сведе на минимум, тесен круг на пријатели, соработници… Сепак, во организацијата на прославата се ангажирани вкупно 1.250 волонтери. Со цел да ја гледаат што повеќе Британци, но и пошироката (светската) јавност, „Би-би-си“ ќе врши телевизиски пренос. Огромен број екрани ќе бидат поставени во населените места ширум Британија за жителите да можат да го следат оттаму. Во Лондон, граѓаните ќе се збираат во „Хајд парк“, „Грин парк“ и „Сент Џејмс“, каде што ќе се пренесува директно и неделниот концерт во Виндзор. Информативно, устоличувањето на кралицата Елизабета Втора го следеа 27.000,000 Британци на телевизија, 11.000,000 на радио. Маршрутата на враќањето од Вестминстерската опатија ќе биде поголема, поширока. Цело време кралот ќе ја носи круната (Едвардовата), изработена од злато, украсена со повеќе од 400 скапоцени камења: гранати, рубини, сафири… За време на церемонијата, ќе смени неколку одори. По пристигнувањето во Бакингемската палата, новоустоличениот крал, кралицата и членовите на нивното семејство ќе ја поздрават британската нација од балконот со што и официјално ќе заврши крунисувањето. Патем, Вилијам ќе се здобие со други, нови титули, формализирајќи ја и веќе постојната принцот од Велс.
Утредента, во недела, ќе се приреди ручек за обичните луѓе, соседите и слично, проследен со забава. Ќе се раздава киш со боранија, естрагон, сирење и спанаќ, инспириран од француската кујна, по избор на кралот и кралицата. И британскиот премиер ќе организира ручек на Даунинг стрит, за државната заедница и пошироко. Исто ќе биде и во населените места, гозбите ќе ги приредуваат локалните власти, но и самото население, индивидуално – во кругот на семејството, пријателите… Занаетчиите ги покажаа своите вештини во изработката на сувенири по повод крунисувањето, дуќаните веќе се полни со нив. Цела Британија ќе биде во негов знак, така и ќе пулсира. И неколкучасовниот концерт ќе придонесе за доброто расположение. Андреа Бочели, Кети Пери, Лајонел Ричи, „Тејк дет“ и Фреја Ридингс, заедно со останатите перформери, актери…, ќе бидат всушност ѕвездите на „Осветлувањето на нацијата“, како што е насловен концертот. Нема да изостануваат ни дисплеи ни дронови ни ласери. Прославата ќе продолжи и наредниот ден, во понеделник.