Наран Аутомотив е една од најновите работилници на планетава, дури е понова и од таа на Мате Римац, но отприлика имаат иста цел, само што новата компанија ја тера класиката, не оди во делот на електрификацијата.
Моделот „наран наран (2+2 хипер купе)“ е најавуван уште од 2020, но дури сега се остваруваат плановите и стигнува најава дека светската премиера ќе се одржи кон крајот на годинава. Како сите да сакаат да ги претстават своите новитети околу Божиќните празници.
Тоа 2+2 јасно кажува дека купето во себе ќе има две вообичаени седишта и уште две, но не така удобни како првите. Ова е дело на Амир Наран, основач на компанијата и главен конструктор. Тој вели дека неговото купе ќе биде најбрзиот автомобил со четири седишта. Така вели затоа што неговото купе има V8 мотор со зафатнина од 5.0 литри засилен со турбо полнач кој му овозможува на моторот да развие 1.063 КС и до брзина од 320 км/ч стасува за помалку од 16,5 секунди.
Тимот нагласува дека нивното купе ќе биде едноставно за управување со осетливост на управувачот како кај тркачките автомобили од серијата „гт 3“. Всушност тоа е и целта на производителот, да направи друмски болид. Сета идеја на основачот на компанијата е „наран наран“ да биде слично со тие од серијата „гт 3“. Затоа и дизајнот е многу сличен на нив, а моливите за цртање му се доверени на дизајнерот Јовин Вонг, одговорниот за обликот на „аполо ие“ и „де томасо п 72“.
Којзнае што им станало на сите да се ограничат со производството. Исто како и многуте други и Наран ќе произведе ограничен број автомобили и тоа точно 49. Ќе биде занимливо да видиме што ќе се случи со овој производител бидејќи најавува најбрзо купе со 2+2 седишта. Времето ќе покаже дали ќе биде така.