MERCEDES-MAYBACH SL-И „СЛ“ СО ОЗНАКА „МАЈБАХ“

03/09/2024

Секако дека моторот е еден од најбитните во сиот тој систем, но кога името Мајбах ќе биде ставено на некој од моделите, тогаш тој модел мора да им овозможи на сопствениците не врвна, туку луксузна удобност, не прва класа, туку удобност вон класата. Не е луксузот само во материјалите, изработката и завршната доработка. Има „еден дел“ присутен во автомобилската индустрија наречен „загадување од бучава“. Кој умее да ја скроти бучавата во возилото што ја создаваат: моторот, пневматиците и струењето на ветрот околу каросеријата, добива автомобил во кој патниците имаат врвна удобност при патувањето. Затоа „мајбах сл“ е малку потежок бидејќи во себе има материјали кои ја неутрализираат бучавата од спомнатите причинители. Конструкторите оделе дотаму што и држачите од моторот се поинакви, односно помеки за подобро да ги впијат и онака малите вибрации.

И додека речиси сите производители на луксузни спортски купе автомобили забрзано работат да ги достигнат магичните 1.000 односно 2.000 КС, Мерцедес и неговиот луксуз прават нешто сосема поинаку. Не дека Мерцедес нема „илјадарки“ изразени во коњски сили, но во овој случај со моделот „сл“ сака да постигне друга димензија. Сега напишаново мора да го поткрепиме со соодветни чинители.

Најновото од серијата Мајбах е „мерцедес мајбах сл 4 матик“. Класата „сл“ е мал, но луксузен кабриолет и производителот сега за првпат од тој модел прави полуксузна изведба. Името Мајбах досега сме го виделе на една лимузина и „сув“ модел, а малиот кабриолет со две седишта е нов во тоа друштво. Иако е „мајбах“, иако е најскапиот во семејството „сл“, располага само со 585 КС, додека изведбата „амг сл 63“ има дури 816 КС, но не е најскапиот „сл“. Моторот е исти како во „амг сл 63“, 4,0 л работна зафатнина, V8, двоен турбо полнач со чија помош ги добива тие 585 КС при 6.500 врт/мин. Таа силина се пренесува на сите тркала преку „9 г троник“, автоматски менувач со девет преноси.

Покрај тоа што го нуди Мерцедес, во тој список од желби има и нешто повеќе. Ако некој од купувачите сака посебна боја, материјал, дезен, посебни седишта и дифузорите да бидат во облик на квадрат, а не елипсовидни, сето тоа може да се среди со соодветна доплата. Ќе седнат заедно со дизајнерите и ќе се договорат за желбите. За цената нема да зборуваме, затоа што е релативна и мошне променлива…

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ