MERCEDES-BENZ CLE-КАБРИОЛЕТ НАМЕНЕТ ЗА УЖИВАЊЕ

12/02/2024

Не можеше Мерцедес да седи „мадро“ се додека не направи кабриолет од претходно прикажаното „цле купе“. Така е, за неколку недели пролетта ќе чукне на врата и со тоа ќе започне сезоната за отворените автомобили. Но, овој кабриолет, може да биде удобен за возење и при ниски температури. Сето тоа е дело на конструкторите кои успеале да обезбедат загревање од повеќе страни во одделот за патниците. Во горниот дел од рамката од ветробранското стакло има канали низ кои струи топол воздух кој минува точно над главите од патниците. Некогаш кабриолетите остануваа „дома“ во студениот период од годината, а денес состојбата е сосема поинаква.

 

Овој пат, Мерцедес направил кабриолет четворосед најпросторен во својата класа и сега има повеќе место за патниците на задните седишта. „Мерцедес цле кабрио“ во должина има 4.850 мм, во ширина 1.861, а во висина 1.424 мм и сето тоа стои на растојание меѓу оските од 2.865 мм. Зголемувањето од 25 мм во меѓуоскиното, резултира со повеќе место на задните седишта дури за 72 мм во делот за колената. Удобноста е надополнета и со уште еден детаљ кој се однесува на кожата со која се преслечени седиштата и некои делови од внатрешноста. Мерцедес набавил кожа премачкана со посебна материја која има својство да одбива поголем дел од сончевата светлина и со тоа површината да биде за цели 12 степени пониска отколку кај обичната, стандардната кожа. Овој вид кожа се добива со доплата. Инаку, кожата и таа посебната и обичната е од типот наречен напа, посебно обработувана за да биде поквалитетна и подолговечна.

Црн, сив или црвен платнен покрив, вие избирате, а Мерцедес ја исполнува вашата желба. Платнен покрив затоа што токму таквиот покрив е своевиден заштитен знак за кабриолетите. Денес има и метални покриви, но не е тоа тоа. Употребата на платнениот покрив не може да го наречеме дека е носталгија кон некогашните времиња кога платнените покриви буквално доминирале, најцелосна дефиниција е дека платнениот покрив е заштитен знак за кабриолетите. Потребни се само 20 сек. да го покрие или открие патничкиот оддел и сето тоа може да го прави до брзина од 60 км/ч. Кога покривот е отворен багажникот располага со 295 л корисен простор, а кога го затвора патничкиот оддел се ослободуваат неколку литри и тогаш багажникот располага со 385 л.

За задвижување на отворениот автомобил се грижат четири погонски единици, сите со умерена хибридна технологија, од кои една е дизел (2,0 со 197 КС), а останатите бензински, 2,0 со 204 КС и носи ознака „цле 200“. Изведбата со ознака „цле 300 4 матик“ има 2,0 л мотор со 258 КС, додека „цле 450 4 матик“ има 3,0 работна зафатнина и 381 КС. Сите мотори имаат турбо полнач, сите се со четири цилиндри во линија, а тој со 3,0 л. зафатнина има шест, исто така, во линија.

Нема веќе „ц купе“ или „е купе“ и кабриолети од обата модели, туку само „цле купе“ и „цле кабрио“. Според распоредот на нештата, продажбата ќе започне во април по цена која ја знае увозникот. „Мерцедес цле кабрио“ не е само за возење, да тргнете од точка „а“ и да стигнете до точка „б“, туку е наменет и за уживање.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ