Работилницата на Мерцедес во која „обичните мерцедеси“ добиваат поинаква димензија, читај спортска, но и тркачка, не мирува. Цело време сѐ нешто прават, вртат, преработуваат, доправаат, фризираат и што уште нѐ. Најновото што излегло од таа работилница наречена АМГ е „гт 2 про“, односно „мерцедес – амг гт 2 про“. Ова чудо е продолжение на минатогодишниот „мерцедес – амг гт 2“, но какво продолжение кога има повеќе коњски сили и не е правен по ниту една мерка од ФИА. Тоа значи најновиот модел не е тркачки, а директно потекнува од нив, има повеќе силина и не е наменет за трки, но не е наменет ниту за обичниот асфалт. Ако е така тогаш за каде е наменет „мерцедес – амг гт 2 про“? Наједноставно кажано, тоа е модел наменет за „терање ќејфови“ на тркачки патеки.
Цената за една ваква играчка е скоро 500.000 евра, а за тие пари добивате 4,0 литарски V8 мотор со двоен турбо полнач кој развива максимални 750 КС, односно 707. Има еден уред наречен, „пуш ту пас“, односно притисни да претркаш. Кога сакате да претркате друг автомобил на патеката, го притискате копчето и во наредните петнаесетина до 20 секунди од 707 добивате крајни 750 КС – еден вид катапулт. Во комплетот производителот ќе ви даде и заштитен шлем (кацига), комплетна тркачка облека, посебни обувки и ракавици, а за уживањето да биде поголемо, конструкторите вградиле и клима уред, нешто што го нема во тркачките автомобили. Цел пакет за уживање возејќи првокласен автомобил наменет само за тркачкиот асфалт.