Машки вечерни аксесоари-ЕСЕНЦИЈАЛНИОТ ДЕЛ НА ОФИЦИЈАЛНАТА, ФОРМАЛНА ОБЛЕКА

30/01/2024

ВО ПРЕСРЕТ НА ПРАЗНИЦИТЕ, И НОВОГОДИШНИТЕ И БОЖИЌНИТЕ, КОГА СЕ ИНТЕНЗИВИРААТ ПРОСЛАВИТЕ, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГО И ДОЧЕКОТ НА НОВАТА ГОДИНА, ДОКОЛКУ СЕ РАБОТИ ЗА ГАЛА, ИЗБОРОТ НА ОБЛЕКАТА НЕ ТРЕБА ДА ВЕ ЗАМОРУВА БИДЕЈЌИ СЕ СВЕДУВА НА ЕДНО НЕШТО, А ТОА Е ОФИЦИЈАЛНОСТА. СЕКАКО ДЕКА СМОКИНГОТ Е ЗАДОЛЖИТЕЛЕН, А МОДНИТЕ ДОДАТОЦИ ЌЕ ПРИДОНЕСАТ ДА ЈА ЗАОКРУЖИТЕ ПРЕТСТАВАТА ЗА СЕБЕ, ВРЗАНА СО СТИЛОТ

 

Непогрешен е изборот на формална облека и кога се другите свечености во прашање, кои се одржуваат во вечерно време. Како што наближуваат празниците, и новогодишните и божиќните, така и прашањето за изборот на гардеробата зачестува – што да облечеме. Ако сте маж кој држи до себе, внимавате и на својот изглед меѓу другото, сигурно ќе ве засега. Поканата за гала-вечера, па и за дочек на Новата година, би можела да ви делува инспиративно кога се работи за изборот на облеката и без сомневање да се одлучите за смокинг. Впрочем, така наложува и етикецијата. Нормално, заеаксесоарите или модните додатоци кои ќе го комплетираат и него и впечатокот за вас, т.е. сликата во врска со стилот што го негувате. Се разбира, треба да бидете и достоен за вашата придружничка. Секако дека во едно од наредните изданија ќе се осврнеме и на женските вечерни аксесоари, на пример во февруарското. Зошто да не. Иако модните креатори препорачуваат и други бои (темносина, бела), црната е идеална за смокинг чиј материјал (100 проценти волна) исто така е особено важен за изработката, да изгледа како слеано со телото. И правилно избраните аксесоари се значајни, кои го дополнуваат, претставувајќи едно цело. Кошулата секако е бела, исто како и џебното шамиче, додека останатите се црни. Кога во прашање се украсите, можат да бидат и сребрени.

ПРАКТИЧНИ, А И ЕСТЕТСКИ

Трегерите или ремените за држење на панталоните не само што се практични, туку се одликуваат и со естетика. Тие се замена за каишот. Многумина грешат кога го носат со смокинг. По правило не се ни става на панталони од костум. Изберете квалитетни, од свилен сатен и кожа, телешка поради мекоста. Појасот е моден додаток за кој често се кршат копја бидејќи мнозина мислат дека е старомоден (по старата мода). Напротив, се карактеризира како класика. Допадливоста е и во наборите од свилен сатен, исто така. На задната страна обично има ластик што го помага држењето на панталоните, затоа нема потреба од трегери. Обата се црни, без исклучок.

Како водечка кога се работи за есенцијалниот дел на официјалната, формална облека е кошулата во боја на снег, на млеко итн. Останатите ја надополнуваат, суштински. За поголема софистицираност, изберете висококвалитетна, 100 проценти памук што гарантира чувство на пријатност, мекост – со јака „барон“, пластрон и француски манжетни, се разбира. Нека биде удобна, фит. Вообичаено, на кошулата й парираат чевлите чиј квалитет не смее да изостанува во никој случај.

Копчињата на манжетните се подразбираат, особено кога се француските во прашање, кои во исто време се сметаат за многу важен детаљ. Покрај тоа, имаат за цел на вечерната облека што се карактеризира со проформа да й дадат извесна доза модерност благодарејќи на дизајнот. Сребрените се прав погодок, изработени рачно, како на пример со ковање. Нивната убавина, привлечност е и во рефлексијата, одбивањето на светлината од кој било аспект, без оглед на релјефноста.

СО ПОСЕБЕН ШМЕК, ЕЛЕГАНТЕН ПРВЕНСТВЕНО

Лептир-машната или папилотката, пеперутката (како-годе) всушност е условен знак, симбол на официјалната, формална облека. Направена од 100 проценти свила, можете да ја врзувате самите доколку сте умешни, а и готовите (врзаните) се исклучително добри, само треба да ја закопчате одзади. Едноставноста, минимализмот й е битна карактеристика, без оглед на нејзината свечена нота, составка за која обично се врзува кичот. Елеганцијата е неприкосновена, во смисла на отменост, префинетост, па дури и вкус во облекувањето.

А белото шамиче, пак, дали ќе го ставите во горниот преден џеб или не, зависи од реверите на смокингот. Ако се заоблени, нема потреба од него. Класичните, односно реверите со остри рабови се идеални за џебно шамиче, во бела боја. Изработено од 100 проценти свила, со форма на квадрат чии димензии се 33×33 см, само треба да наѕира, да не стрчи. На облеката ѝ дава посебен шмек, во секој случај – елегантен.

Доколку сте љубител на бразлетни, можете слободно да ставите, но не смее да биде нападна, премногу уочлива. Од тие причини се препорачува дизајн што се одликува со чистота, без компликуван механизам на закопчување. Гривната е совршен избор, направена од тежок метал: платина (родиум), сребро… Изработката е особено важна, би требало да се наоѓа во соодветство со копчињата на манжетните.

Ако се одлучите за рачен часовник, избегнувајте бразлетна. Претрупаноста со аксесоари, модни додатоци би можела да изгледа кичесто. Машките се многу на број и онака. Секако дека саатот се однесува и на статусот, а истовремено е и престижен, говори за угледот, авторитетот. Високите цени се оправдани, сосем. Швајцарските предничат во поглед на квалитетот, нема сомневање. Имињата на брендовите кажуваат сè, нивните хронометри, хронографи се на врвот, како своевидни преседани. Нормално, комбинацијата на црна и бојата на среброто најубаво ќе се вклопи во целината на официјалната, формална облека – свечената, вечерна.

Светски познатите модни креатори, куќи не се штедат кога се работи за машките вечерни аксесоари, без оглед на нивната класичност. Основата е иста, различни се само формите, кои секогаш делуваат инспиративно, не само да ги купите, туку и да ги искомбинирате најдобро што можете, како на пример со смокингот и другите модни додатоци. Сакаме да признаеме или не, изгледот е посебно важен за впечатокот кој го оставаме, со тенденција да биде силен, па дури и за време на празниците, и новогодишните и божиќните, кога се интензивираат прославите, вклучувајќи го и дочекот на Новата година со придавката „гала“.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ