Лидерство-ВЕШТИНА КОЈА ИЗИСКУВА ПОСТОЈАНО НАДГРАДУВАЊЕ

28/10/2024

БЕЗ ОГЛЕД НА СФЕРАТА, КРУГОТ НА ДЕЈСТВО ИЛИ ОПШТЕСТВЕНАТА СРЕДИНА, ВО ПРИВЛЕЧНОСТА НА ЛИДЕРСКАТА ПОЗИЦИЈА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИМА СОМНЕВАЊЕ, ТАА ДЕФИНИТИВНО Е НАЈПОСАКУВАНА. ОБИЧНО СЕ ДОБИВА ПО ЗАСЛУГА, ИСКЛУЧИВО БЛАГОДАРЕЈЌИ НА СПОСОБНОСТА ЗА ПРЕДВОДЕЊЕ И СЛИЧНО, А КЛУЧНА Е И ПОТРЕБАТА ЗА ПОНАТАМОШЕН РАЗВОЈ

 

Независно дали се работи за политика, бизнис…, лидерството е главната карика од синџирот. Има големо значење, пресудно за успехот. Вештината или способноста за предводење се добива со годините, како резултат на искуството, големите квалитети што ги поседува и надградбата која никогаш не прекинува, за општонародно, јавно и добро на поединецот. Лидерската позиција се заслужува, исто како и почитта. Обично се споредува со фигурата на кралот во шахот. Дејноста на тој што е лидер во голема мера зависи и од неговите карактеристики, суштествени својства меѓу кои се вбројуваат и менаџерските способности и самосвеста и склоноста кон воведување на иновации (заедно со креативноста) и комуникативноста и упорноста и храброста да ризикува, отворен за промени, вклучувајќи ја и реактивацијата после криза на пример. Експертите ги споменуваат и благодарноста, интегритетот и умеењето да се одговори адаптабилно на предизвиците, сожалбата, интегритетот. Впрочем, на лидерите се гледа како на лица што имаат јасна визија за иднината, кои ги остваруваат целите, а во исто време на следбениците им обезбедуваат и алатки за тоа, преку проширување на нивните знаења. Секако дека здравиот разум во донесувањето неретко и на тешки одлуки се подразбира. На лидерската позиција ù претходи доста често и понизок ранг, хиерархиски. Во бизнисот е разбирливо напредувањето на лицата со претходно споменатите умешности, до извршен директор чија обврска е да ги надгледува сите активности во компанијата (CEO), директор за информатичка технологија (CIO), претседател. Основачите на „Амазон“, „Епл“ и „Мајкрософт“ – Џеф Безос, Стив Џобс и Бил Гејтс важат како лидери пар екселанс, кои се изучуваат и во школите.

ПОДЕЛБА ВРЗ ОСНОВА НА НАЧИНОТ, СТИЛОТ НА ПРЕДВОДЕЊЕ

Значењето на лидерството за успехот на компанијата, фирмата е пресудно. Самостојната деловна организација е обусловена од самата дејност на тој што е лидер, неговата мисија јасната визија која ја има, целите кон кои се стреми, вклучително и способноста да го обедини тимот во нивното остварување. Посебно во кризни ситуации. Донесувањето на тешките одлуки воопшто не е лесно. Бара компетенција, но и интелигенција. Довербата во него влијае позитивно не само врз работната атмосфера туку и на продуктивноста, зголемувајќи ја. И сето тоа во комбинација на подготвеноста за промени, воведувањето новини што е добро за конкурентноста. Оттаму и испреплетеноста на термините „лидерство“ и „менаџерство“, за доброто на претпријатието. Од голема корист е лидерите да поседуваат и менаџерски способности, па и обратно – менаџерите да се поставуваат и лидерски. Прашањата од типот на „што“ и „зошто“ да се заменат со „кога“ и „како“. Се разбира, и во спротивен правец. Во светот на бизнисот е забележлива разновидноста на лидерствата, која произлегува од начинот, стилот на предводење. Афилијативните лидери се сосредоточени на групната работа, динамички. Насоката на работата што ја даваат лидерите со придавката „авторитетни“ е прилично јасна и бараат да бидат почитувани. Автократските го држат под контрола одлучувањето, а во тоа е и нивната моќ. Харизматичните ја користат привлечноста, големиот шарм во убедувањето на следбениците. Коучлидерите се фокусираат на обучувањето за да се постигнат целите, мотивирајќи. Принудувачките ги тераат вработените во колективот да дејствуваат според нивните инструкции, упатства. Бирократските се за строга дисциплина, во согласност со прописите, правилата кои ги воведуваат, командувајќи. Демократските лидери се концентрираат на постигнувањето компромиси, донесуваат решенија со консензус. Иновативните се за креативен пристап кон сите прашања, лесно се приспособуваат. Лидерите „laissez-faire“ не се мешаат, ги оставаат работите да се случуваат спонтано. Темпоралните внесуваат многу емоција за да ги наведат следбениците да ги постигнат целите за кусо време.

Трансакциските се служат и со наградувања и со казнувања. Сервуслидерите ù служат на групата, нејзините потреби секогаш се спремни за давање помош. Ситуационите лесно се приспособуваат и на ситуациите и на луѓето, а фокусот на стратегиските лидери е во различното предводење, приспособено на стратегијатадо која се држат. И секако, трансформативните лидери што ги мотивираат другите да растат и професионално и персонално, т.е. лично. Се разбира, предвид се зема и теоријата на големиот човек од 19 век, според која лидерството е вродено или се носи од раѓање. Хипотезата за родените лидери е (не)прифатлива, според убедувањето.

ЛИДЕРСТВОТО Е УМЕТНОСТ…, ВО СТИЛОТ НА ДВАЈТ АЈЗЕНХАУЕР

Лидерите кои држат до себе, внимаваат на своето достоинство, прават сè за да станат уште подобри. Секогаш го земаат предвид убројувањето, исто како и различноста и еднаквоста, во поширока смисла. Заради тоа и постојано се надградуваат, во поглед на квалитетите, позитивните својства. Без прекин работат на самосвеста. Навиките за доброто однесување ги пренесуваат и на останатите во фирмата, компанијата. Притоа ја подобруваат и комуникацијата, не само да бидат разбирливи, прецизни туку и да сослушаат. Општењето се темели врз отвореноста (искреноста), почитувањето и транспарентноста. Истовремено се поврзуваат со своите тимови, членовите. Така се стекнува доверба, сигурност. Покрај тоа ги поттикнуваат и на прогрес, во секој поглед. Не се плашат од промени, сметаат дека тие се составен дел на работењето, не можат да се избегнат. Од таа причина секогаш се отворени за нив. Позитивната енергија надвладува, таков е и пристапот кон решавањето на сè што е негативно. И стално бараат можности да се доусовршат, читајќи книги за лидерство, присуствувајќи на конференции, комуницирајќи со ментори.

Големите лидери во исто време се и вдахновители, едноставно инспирираат, ги поттикнуваат другите да ги остварат нивните и целите на претпријатието, самостојната деловна организација. Во контекст на горенаведеното, Двајт Ајзенхауер кој претседателствувал со САД од 1952 до 1956 година рекол: „Лидерството е уметност да наговорите некого да направи нешто што вие сакате да го стори бидејќи тоа и го пожелува“.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ