LANCIA YPSILON-КОНЕЧНО СВЕТСКА ПРЕМИЕРА ЗА „ИПСИЛОН“

09/02/2024

Еве ја новата „ланча ипсилон“, предолго очекуваната. И како што е правило кога е во прашање моделот „ипсилон“, секоја нова генерација не личи воопшто на претходната, односно секоја си има своја филозофија. Досега гледавме неколку затскриени фотографии, но производителот одлучи деновиве да објави официјални фотографии иако некои од нив веќе се вртеа по интернетот. Првичното претставување пред светската јавност ќе се случи на 14 февруари во Милано, а грандиозната автомобилска манифестација во Женева е подзаборавена. Најчесто таму беа приредувани премиерите, но тоа веќе е минато.

Според најавите од производителот, најнапред е електричната, а веднаш потоа и тие со хибридни погонски единици, кои ќе бидат релативно кусо во продажба, само четири години, а потоа од 2028 год. на сцена стапуваат исклучиво изведбите со чисто електричен погон – хибридните одат во пензија. Автомобилот ќе располага со силина во распон од 90, 136, 156 и изведбата „хф“ со 240 КС. Бидејќи „ипсилон“ отсекогаш бил класа за себе и овој пат ќе биде така. Внатрешноста ќе поседува современ дизајн со ретро детали, а Ланча склучила договор со компанијата Касина да подготви внатрешност за ограничена серија од 1.906 примероци. Бројката не е случајно избрана, туку е годината кога е формирана компанијата Ланча.

 

Велат ќе има и рели изведба по 2025 год. со која ќе ја враќаат славата на „ланча делта хф интеграле“, но да видиме што од сето тоа ќе стане јаве. Новиот „ипсилон“ ќе ја користи платформата „цмп“ и ќе се произведува во Шпанија, во фабриката во сопственост на групацијата Стелантис. По „ипсилонот“ ќе следат моделите „гама“ и легендарната „делта“.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ