Трките на издржливост отсекогаш биле привлечни како за учесниците така и за гледачите. Ламборџини како марка која произведува исклучиво спортски купе автомобили, најавува учество во Светскиот шампионат во трките на издржливост и тоа во највисоката класа, класата на хиперавтомобили со хибриден погон. Првата сезона ќе ја пропушти, односно 2023, но ќе учествува во втората половина од шампионатот и тоа во американската ИМСА каде ќе го развива и подготвува тркачкиот автомобил за сезоната во 2024 год. Во таа сезона Ламборџини ќе учествува во двата шампионати, и во ИМСА и во ВЕЧ.
За таа цел Ламборџини се договара со Лижије, компанија која ќе ги води сите работи околу трките, вклучувајќи, се разбира, и развој на шасија. Моторот го развива спортскиот оддел Сквадра Корса – осум цилиндри во V под агол од 90 степени со вкупна комбинирана силина од 681 КС заедно со силината од електромоторот. Во создавање на таа силина учествува и двојниот турбо компресор. Болидот на Ламборџини развива максимална брзина од околу 340 км/ч и користи седум степен секвенцијален менувач од производителот Икстрак. 5,1 м долгиот и 2,0 м широкиот тркачки автомобил тежи само 1.030 кг, додека неговото меѓуоскино растојание изнесува 3.148 мм.
Ќе биде густо во трките на издржливост. Според списокот на учесници слободно можеме да кажеме дека двата шампионати и ИМСА и ВЕЧ ќе бидат едни од најпривлечните за посетителите и гледачите крај малите екрани.