Колумна своерачно-ТРАНСФЕРИ

21/10/2024

ПРОМЕНАТА НА СРЕДИНАТА Е ЧЕСТ ФЕНОМЕН, ТИПИЧЕН ЗА 21 ВЕК И СУШТЕСТВЕНО РАЗЛИЧЕН ОД ТРАДИЦИИТЕ КОИ ПОРАНО БИЛЕ НЕГУВАНИ КОГА ЗАНАЕТОТ СЕ ПРЕДАВАЛ ОД КОЛЕНО НА КОЛЕНО, А ДУРИ И ОНИЕ НАДВОР ОД МАЛИТЕ СЕМЕЈНИ БИЗНИСИ КОИ РАБОТЕЛЕ ВО ГОЛЕМИТЕ ФИРМИ СО ГОРДОСТ БИЛЕ НАГРАДУВАНИ И ЦЕНЕТИ ОД СВОИТЕ РАБОТОДАВЦИ СПОРЕД ДОЛЖИНАТА НА СТАЖОТ. И ВО СПОРТОТ БИЛО СЛУЧАЈ НЕКОЈ ИГРАЧ ДА ЈА ИГРА ЦЕЛА КАРИЕРА ВО ЕДЕН КЛУБ, НО ВРЕМИЊАТА СЕ СМЕНИЈА. ТАКВИТЕ ТРАДИЦИИ СЕ САМО УБАВИ ПРИКАЗНИ, А ДЕНЕС СИТЕ РАСКАЖУВААТ ЗА ПОНУДИ ОД ПОВЕЌЕ МЕСТА, ЛИЦИТИРААТ СО ВИСИНАТА НА НАДОМЕСТОКОТ, КОЈ ЌЕ ЗЕМЕ ПРОЦЕНТ, КОЈ ЌЕ БИДЕ ОВА, А КОЈ ЌЕ БИДЕ ОНА …

 

Ваквите современи тенденции не го заобиколија ниту авто спортот. Порано се знаеше дека одредени возачи имаат „цементирани позиции“ благодарение на својата националност (на пример француски возачи во француски тим) или поради интересот на некои спонзори (партнери) на тимовите – пример БМВ додека го снабдуваше Вилијамс со мотори бараше од него да ги ангажира најпрво Ралф Шумахер, а потоа Ник Хајдфелд, итн. Но, пазарната економија секогаш беше посилна на крајот и ги диктираше трансферите на главните протагонисти.

Кога започна сезоната, Мекларен го продолжи договорот на Норис, а Ферари на Леклер, додека отворено остана само прашањето околу Саинц. Меѓутоа, и тоа се случи набрзо, со тоа што Ферари го потврди ангажманот на Луис Хамилтон. И потоа уследи мирен почеток и развој на сезоната, сè додека не беше објавено дека ќе се случи можеби трансферот на деценијата: оној на инженерот Адријан Њуи. Во 2005 година се основаше Ред Бул преку купување на екипата Јагуар (сопственост на Форд), по што тој им се приклучи и од просечна екипа направи шампионски тим кој доминираше прво со Себастијан Фетел, а потоа и со Макс Ферстапен. Иако постојат повеќе шпекулации зошто Њуи одбра да замине, неговата официјална верзија е дека сака да биде дел од тим кој работи по старински принцип, со еден доминантен сопственик, а не за мултинационални корпорации и непознати инвеститори.

Сезоната во Формула 1 веќе одамна не е доминација на Ред Бул, а како минува времето, ривалите стануваат се посилни. Ферари, Мекларен и Мерцедес се достојни ривали за Ред Бул, а некои веќе и го престигнаа. Доколку се повтори историјата, Адријан Њуи и во Астон Мартин ќе го направи истото „чудо“ и ќе донесе уште еден тим во борба за врвот.

Пазарната економија таа чудна и несфатена „ѕверка“  очигледно го води спортот напред. Со жал морам да констатирам дека во македонски услови пазарната економија не функционира во авто спортот, бидејќи немаме државни првенства и трки, а без помош од државата невозможни би биле и настапите на нашите возачи на меѓународната сцена. Зошто е тоа така можат да одговорат оние засегнатите кои најдобро ја чувствуваат ситуацијата „на свој грб“. Мое наоѓање е дека можеби и нема предуслови за пазарно функционирање ако немаме квалитетен спорт, трки и автомобили. А кој би требало да го овозможи тоа е уште потешко прашање, бидејќи сите „ја ишкаат мувата од капата“.

Како резултат на таквата нефункционaлност, сè повеќе македонски возачи се натпреваруваат со странски лиценци и за странски федерации. Очигледно, таму има и трки, и предуслови за пазарно функционирање. Загрижува податокот дека оваа сезона речиси десетина возачи побарале да возат со лиценца на една наша соседна земја, бранејќи ги боите на тамошен клуб. Таквите трансфери не можат да бидат спречени ако имаме пазарна нефункционалност. А верувам сите би биле многу посреќни и позадоволни ако таквите трансфери се случуваа на локален план, меѓу наши клубови и носеа „драж“ во нашите трки. Нели, „цело е кога има сè“!

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ