Колумна своерачно-СЕКОЈ ПО СВОЈОТ ПАТ

01/11/2023

НЕ МОЖАМ ДА ПРОГНОЗИРАМ ДАЛИ И ГЛЕДАЧИТЕ ЌЕ БИДАТ ЗАДОВОЛНИ ОД ВАКВИОТ РАСПЛЕТ НА НАСТАНИТЕ, НО ИМАМ ВПЕЧАТОК ДЕКА ОРГАНИЗАТОРИТЕ СЕ ПОСРЕЌНИ КОГА ИМААТ ВАКА РАЗГРАНИЧЕНА СИТУАЦИЈА ВО КОЈА ШТО НИВНИТЕ ИНТЕРЕСИ НЕ СЕ ПРЕПЛЕТУВААТ

 

В ообичаена пракса е календарот на светското првенство во Формула 1 да биде лиферуван во некаква првична верзија за време на летната пауза, што остава период од 3 до 4 месеци за евентуални корекции. По правило, финалната верзија на календарот се усвојува во декември за време на годишното собрание на ФИА, кога заседава и Светскиот совет за моторспорт, односно највисокото тело на федерацијата која ги разрешува сите дилеми од врвна инстанца. Имајќи го сето ова предвид, доаѓа како мало изненадување септемвриската одлука на Мото ГП да објави календар во кој за првпат се вброени 22 трки, но дури 11 од нив се во исти викенди со оние од Формула 1. Зачудувањето се базира на претходно видената пракса овие две серии да не си пречат една на друга, односно да не ја делат истата публика, за која што се верува дека е ентузијастичка по прашање на двата спорта.

Какви заклучоци би можеле да се извадат од новата одлука на мотоциклистичките промотори?

Неминовно е дека потписниците на оваа одлукa обезбедиле добри аргументи за ваквите прашања. Мото ГП веројатно после долги години „стоење во сенка“ имаат сознание дека нивната публика нема да биде повлијаена, а со таквата самодоверба и навестува дека во иднина нема да прави егзибиции со својот календар, за да им угоди на интересите на челниците од Ф1.

Можеби ваквата прогноза звучи премногу грубо и нетактички, но убеден сум дека постојат логички објаснувања, кои всушност ја релативизираат можната тензија. Вистинските љубители на трките со сигурност ги сакаат и двете серии, но во денешно време либерализираниот телекомуникациски пазар е мошне поразличен од ситуацијата што ја имавме пред некои 15-20 години. Тоа значи дека во минатото националните телевизии на одредени земји ги пренесуваа трките за своите гледачи, а сега истите се достапни преку различни интернет стримови, при што и самите организатори имаат свои платформи каде што трките можат да се следат низ ексклузивен, специјализиран канал, како во живо, така и одложно. Со ова промоторите на двете првенства не го потпираат својот бизнис модел само преку продажба на терестеријалните ТВ-права, па не мора да зависат од волјата на телевизиите дали ќе инвестираат средства да ги купат двете серии, односно како нивните гледачи ќе го доживуваат тој конфликт. Со други зборови , поделбата оди глобално, а еволуцијата на платените кабелски канали, каде што воедно има и многу реприза, дополнително го олеснуваат целиот процес.

Втора многу важна стратешка нишка е фактот дека иако двете серии се глобално популарни, сепак во последно време покажуваат различни интереси за ширење на својот бизнис. Формула 1 е „настрвена“ кон американскиот пазар, па откако беше воведена трката во Тексас од лани во календарот е вклучен и Мајами, а од 2024 година таму ќе биде и Лас Вегас. Се става акцент на градски трки, но во исто време се освојува и нова територија на Блискиот Исток. Во 2004 година за првпат се возеше трка во Бахреин, а 20 години подоцна во Ф1 календарот се уште и Саудиска Арабија, Катар и Абу Даби. Спротивно од ова, Мото ГП има 4 трки на територијата на Шпанија и една во Португалија, надополнето со уште толку трки низ поголемите европски земји, од кои 2 во Италија. Паралелно со ова, блокот од трки на Далечниот Исток, исто така, е проширен со воведувањето на настаните во Тајланд и Индонезија.

Трет фактор е тоа што има сè помалку заеднички автодроми кои што се користат од двете серии. Во предложените 22 трки за идната година вкупно 6 биле домаќини на Формула 1, а 5 од нив ќе ги имаат и двата настани во 2024: Каталуња, Шпилберг, Силверстоун, Тексас и Катар. На овој начин уште еднаш се забележува дека двете серии се обидуваат да не ги оптоваруваат своите локални партнери и овозможуваат диверзитет на настаните во земјите каде што тие се одржуваат, а уште поинтересно е дека и новата серија-Формула Е користи сосема трети локации за да ја промовира својата „зелена филозофија“.

Имајќи го сето ова предвид станува јасно дека до оваа ситуација се дошло со постепено развивање на идејата за „независност“, бидејќи за да се дојде до тука, реално потребно е многу време. Не можам да прогнозирам дали и гледачите ќе бидат задоволни од ваквиот расплет на настаните, но имам впечаток дека организаторите се посреќни кога имаат вака разграничена ситуација во која што нивните интереси не се преплетуваат. Реално, една тркачка сезона кај двете серии започнува кон средината на март и завршува кон средината на ноември, што значи дека настаните се поместени во некои 35 викенди, па неминовно е во одреден момент да „бегаат“ едни од други, но бизнис концептот досега ги тераше да „не влегуваат“ во војна и можеби да соработуваат. Сега, секој ќе оди по својот пат…

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ