Колумна своерачно-ГЕНЕРАЦИЈА 2023

22/03/2023

ВЕРОЈАТНО ПОСЛЕДНИ ДОБРИ ПРИМЕРИ ЗА МЛАДИ ВОЗАЧИ КОИ ГИ ОПРАВДАЛЕ ОЧЕКУВАЊАТА СЕ СЛУЧАИТЕ СО ШАРЛ ЛЕКЛЕР, ЏОРЏ РАСЕЛ И ЛАНДО НОРИС

 

Веќе неколку сезони во Формула 1 немаме видено сериозен напредок на возачите кои добиле шанса како дебитанти да бидат дел од најбрзиот циркус на светот, но нивната кариера не се одвивала на посакуваниот начин. Веројатно последни добри примери за млади возачи кои ги оправдале очекувањата се случаите со Шарл Леклер, Џорџ Расел и Ландо Норис. Сите тројца споменати дојдоа од Формула 2 и постепено успеваа да ја оправдаат довербата и да бидат унапредувани: Леклер преку седиштето на Алфа Ромео стигна до Ферари, додека Расел преку Вилијамс дојде до Мерцедес, а Норис се покажа како доволно добар ривал за искусниот Даниел Рикиардо и покрај големата разлика во искуството, па оваа 2023 година стана лидер на тимот и сега тој има дебитант крај себе.

Горната анализа дава за право да заклучиме дека од 2018-та година немало други дебитанти што успеале толку добро да се вклопат во светското првенство на Формула 1, а за потсетување продефилираа имиња како Сергеј Сироткин, Александар Албон, Николас Латифи, Мик Шумахер, Никита Мазепин, Јуки Цунода и Жу Гуанју.

Очекувањата за 2023 се големи, пред сè затоа што случајот на Оскар Пјастри ја разбранува јавноста минатото лето, кога тој одби да потпише договор со Алпин и потоа беше промовиран како возач на Мекларен. Подемот на Пјастри е сличен на оној на Леклер и Расел, затоа што во две години стана шампион на Формула 3, а потоа и на Формула 2, но за разлика од нив има уште една титула освоена во 2019 година со Формула Рено. Но тој не е единствениот дебитант што високо котира бидејќи второто седиште во Алфа Таури му беше дадено на Холанѓанецот Ник де Врис. Ник де Врис кон своето име веќе на двапати има додадено шампионски наслов, еднаш во Формула 2, а еднаш во Формула Е со тимот на Мерцедес.

За контраст, негов тимски колега беше белгиецот Стофел Вандордн, кој ги има истите успеси, со единствена разлика што после титулата во Ф2 имаше неколку сезони со апатичниот болид на Мекларен како тимски колега на Алонсо, по што отиде во Формула Е за таму да ја освои шампионската титула во 2022 година.

Де Врис минатата година технички ја доби својата прва шанса кога на италијанското гран при седна во болидот на Вилијамс како замена за Алекс Албон и во првиот настап успеа да освои поени и да биде за цел круг подобар од тимскиот колега Николас Латифи. Најмалку се очекува од Логан Сарџент во Вилијамс, кој минатата година беше четврти во Формула 2, но единствен од таа генерација доби шанса во Ф1. Во негова корист се фактите дека тој е Американец, беше дел од академијата на млади возачи спонзорирани од Вилијамс, како и дека има подиум на ноторно тешката трка во Макао, што се смета за еден од бисерите во пониските категории на формули, а која на пример му недостасува и на еден голем шампион како Луис Хамилтон.

Имајќи предвид дека Хаас оваа сезона го врати во тимот ветеранот Нико Хулкенберг, а минатата година по избивањето на војната во Украина го заменија Мазепин со Кевин Магнусен, може да се теоретизира за прашањето колку се корисни младите возачи за жестоката конкуренција што владее на највисокото ниво во Формула 1. Знаеме дека оваа година Мик Шумахер ќе биде тест возач на Мерцедес, иако можеби примерот на Ник де Врис покажува дека во собирањето искуство преку другите сродни тркачки серии има надеж за возачки развој.

Истовремено, ако знаеме дека на повеќе возачи од Ф1 им се ближи крајот на кариерата, а во тој „кош“ се големи шампиони како Алонсо и Хамилтон, додека други го живеат својот „втор живот“ во елитата како Перез, Магнусен и Хулкенберг, можеме да очекуваме во следните две години да се ослободат некои навистина „жешки седишта“. Во таа ситуација, шанса ќе добијат оние што најмногу ќе покажат во овој период. Со оглед на тоа дека Сироткин, Мазепин и Латифи се надвор од Ф1 (делумно и Мик Шумахер), јасно е дека токму генерацијата од 2023 ќе биде на пол позиција да ги освои тие конкурентни седишта во следните неколку години, а со тоа и да се етаблира меѓу идните „императори“ на овој спорт.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ