Колумна своерачно-ДАЛИ ФОРМУЛА 1 СТАНА ПОГОЛЕМА ОД МОНАКО?

25/06/2024

ТРКИТЕ ВО МОНАКО ПРЕТСТАВУВААТ УНИКАТНА ПРИКАЗНА ВО ФОРМУЛА 1, БИДЕЈЌИ НИТУ ЕДНА ДРУГА ПАТЕКА ВО КАЛЕНДАРОТ НЕ Е ПОДЕДНАКВО СЛАВНА КАКО НЕА, ИАКО УЛИЦИТЕ НА КНЕЖЕВСТВОТО НАЈМАЛКУ НАЛИКУВААТ НА ТРКАЧКИ АВТОДРОМ

 

Со текот на годините, Формула 1 се возеше низ истите улици и напредуваше, како технички, така и возачки. Фактот дека нема зони за излетување престана да биде оправдание и возачите научија да преживуваат на улиците на кнежевството. Голем дел од тежината на возачката професија замина во историјата со воведувањето на полуавтоматските и автоматските менувачи, затоа што оваа трка беше ноторно тешка за овој дел од возилата и системот требаше „да опслужи“ по 2.000 менувања на степенот на пренос во една трка.

Концентрацијата на возачите се подобри и нивната работна периферија ,исто така, се модернизираше од аспект на безбедноста што ги прави похрабри, како и посигурни во болидите кои ги управуваат. Нивното око и натаму тешко се привикнува на темнината во тунелот, како и на блесокот на сонцето на излезот од истиот, но некогаш доволно е и кога „возат на слепо“. Тежината и натаму е присутна, низ шиканите, низ свиоците, но добрата стратегија во квалификациите може да заврши многу работа. Но, последниве години во целиот спектакл започна да недостига драма.

Од аспект на гламурот, нема кој не дојде во Монте Карло, од Џорџ Лукас до Џеј Ло, корпорациите и натаму организираат забави и закупуваат јахти за своите драги клиенти, но телевизиите и гледачите имаат поинакви проблеми. Недостигаат престигнувања!

Престигнувањата во Формула 1 се подеднакво важни како давањето голови или кошеви, бидејќи од позицијата во трката и бројот на направени престигнувања зависат бодовите. А бодовите ги задоволуваат и возачите, и екипите и спонзорите. Според табелата кај конструкторите се делат и парите од ТВ правата.

Во ред, има и други трки на кои возачите ќе тргнат онака како што ќе стартуваат и нема да има борба за победа, со тоа проблемот станува глобален. Но, од 2009 до денес во Формула 1 беа воведени и КЕРС и ДРС и тоа значително го подобри шоуто, дури може да се рече дека му помогна да стекне поголема популарност. Но, во Монако тој рецепт не работи.

Сосема друга приказна е дека трката во Монако не плаќа концесија на Формула 1. Единствен, привилегиран статус кој некогаш „се компензираше“ бидејќи таму не важеа законите за забрана на рекламирање цигари, па сите ја гледаа најпопуларната трка со болиди обоени во препознатливите колорни шеми на тутунските брендови. Денес, кога цените за концесија надминуваат 50 милиони долари, а цигарите се отстранети од комерцијалниот бекграунд на спортот, Монако живее на стара слава како еден од најредовните организатори на трките покрај Монца и Силверстоун.

Вака како што се развиваат нештата, прашање на денот е кога некој нов директор, кој не ја почитува традицијата, ќе рече „или пари или трка“. Освен ако не се смисли некаков лек за престигнувањата со правилата за 2026 година, кои освен што ќе донесат технички новитети, содржат и предлози за унапредување на спектаклот.

Болидите ќе имаат помало меѓуоскино растојание за 200 милиметри и ќе бидат потесни за 100 милиметри, додека подот на болидот е стеснет за 150 милиметри. Со еден збор, возилата ќе бидат покуси и потесни! Дополнително, она што сега го знаеме како ДРС (или Drag Reduction System) во иднина ќе биде познато како Z-mode или дозвола за намалување на воздушниот отпор на болидот преку подвижни предно и задно крило, но внимавајте во свиоците! Наспроти тоа, ќе има X-mode со цел како и ДРС, да овозможи поголема брзина на правците.

Пакетот содржи уште новитети, но за мене ова е јасна порака дека се бара начин како дополнително да се влијае на спектаклот. Убеден сум дека големите умови кои стојат зад овие решение ќе успеат да направат поинтересни трки на некои локации како Абу Даби или Џеда, но за Монако времето ќе покаже! Таму улиците ќе останат истите оние од 1928 година, кога се возела првата трка и кога Ф1 не постоела како првенство, ниту телевизијата и публиката низ светот како фактор.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ