Киклади-ОМИЛЕНИ МЕЃУ ХЕДОНИСТИТЕ

26/07/2024

БЛИЗУ 220 ОСТРОВИ СО РАЗЛИЧНА ГОЛЕМИНА, ПОЗНАТИ ПО ПРЕУБАВИТЕ ПЛАЖИ ОД СИТЕН ПЕСОК, АРХИТЕКТУРАТА ВО СИНО-БЕЛА КОМБИНАЦИЈА, ИДОЛАТРИЈАТА, КАМЕНИТИТЕ РИДОВИ НА ЧИИ ТЕШКО ПРИСТАПНИ МЕСТА СЕ ИЗГРАДЕНИ КАПЕЛИ, ТРАДИЦИОНАЛНИОТ НАЧИН НА ЖИВЕЕЊЕ, НАРОДНАТА МУЗИКА И ГОСТОЉУБИВИТЕ ДОМАЌИНИ СЕ ДЕЛ ОД АРХИПЕЛАГОТ КОЈ ВО ЛЕТО ВРИЕ ОД ТУРИСТИ, А ОПЕРАТОРИТЕ СИГУРНО ЌЕ ВИ ГИ ПРЕПОРАЧААТ И ДВАТА СО ПРЕФИКСОТ „НАЈ“ МЕЃУ ДРУГИТЕ

 

Можеби не ги заземаат првите две места, но дефинитивно се вбројуваат и меѓу островите чија посетеност е завидна. Сепак, предничат кога се населеноста и големината во прашање. Бидете сигурни дека ќе се воодушевите од нивната убавина. Постојаниот епитет на Сирос е благороден, а определбата на островот Наксос, пак, секогаш е врзана со централната местоположба на Кикладите имено, се наоѓа во срцето на самиот архипелаг и згора на сè, располага со чудесни плажи.

Неоспорен е фактот дека Миконос и Санторини предводат кога се работи за посетеноста, особено од странците. Освен жителите на европскиот континент, ревносни посетители се и Американците. Првиот е познат по ВИП-забавите, истовремено важи за најскап остров, додека привлечноста на вториот е резултат и на вулканските карпи, во голема мера. Секако дека убавината е заеднички именител и на останатите, како на пример Аморгос, Анафи, Андрос, Антипарос, Делос, Донуса, Ираклија, Кеа (Ција), Кимолос, Китнос, Куфонисија, Милос, Парос, Серифос, Сифнос, Сикинос, Тинос, Фолегандрос, Хиос… Буквално секој се карактеризира со преубави плажи од ситен песок, архитектура во сино-бела комбинација, идолатрија (идолопоклонство), каменити ридови на чии тешко пристапни места се изградени мали цркви со еден олтар, т.е. капели, традиционален начин на живеење, народна музика и гостољубиви домаќини, ако е населен. Тие се омилени меѓу хедонистите, приврзаниците на сетилното уживање.

 

Името на Кикладите всушност ја симболизира групата острови, која го окружува родното место на Аполон и Артемида, синот и ќерката на врховниот бог Зевс Делос, а бројните археолошки локалитети сведочат дека во антиката биле културно средиште, особено во бронзената доба. Оттогаш е и почитта кон идолите направени од бел мермер. Инаку, архипелагот опфаќа големи димензии 2.572 км². Благодарејќи на директните врски со авион, превозот е олеснет. Аеродром има и Сирос и Наксос. Доколку не сте во можност да патувате така, можете да одите со траект од Атина.

 

ТРАДИЦИЈАТА ВО ПРВ ПЛАН – СИРОС

Благородноста на Сирос меѓу другото се огледа и во поврзаноста на културата со религијата, во часовите на разонода. Се разбира дека забавата во лето е на високо ниво, без сомневање. Туристите секогаш се во жижата на вниманието и покрај тоа што никогаш не се отстапува од квалитетот на истата. Притоа се внимава да се запази традицијата, присутна секаде. И на големите манифестации што се одржуваат во главниот град на островот, како што е „Анимасирос“ на пример. Годинава ќе биде во септември, од 23-ти до 29-ти. Ќе ги собере аниматорите од повеќе држави, а интернационален е и фестивалот на класична музика (10, 13, 16, 17 и 18 август) чија локација е добропозната – театарот „Аполон“. Традиционална е и кујната, приготвувањето на деликатесите „луза“ и „маратолуканика“ (месни производи), сирењето „сан михали“, вклучително и слатките „лукумија“ и „алвадопита“ (нугат). Островјаните навистина се љубезни домаќини, со насмевка ќе ве упатат во најблиската месарница, сирењарница, слаткарница или пак ќе ви препорачаат некој ресторан каде што ќе уживате и во специјалитетите и во народната музика. Нормално, ќе ве посоветуваат и на кои плажи да одите, согласно вашите желби, вкусови. Скоро сите се песочни, само понекоја е каменлива. Можете да изберете и додека талкате по разни места. Бројот на концесионирани плажи е мал, незначителен. Оттаму и спокојството, мир и тишина. Доколку сакате нешто инакво, „CIEL“ во Ермуполи, главниот град на Сирос, ќе ве воодушеви со коктел-барот, првокласниот ресторан и со можноста да најмите лежалка, сонцобран и да се капете во морето, до ниедно време.

Ермуполи всушност е именуван по Хермес, гласникот на боговите, богот на изумите, патиштата и трговијата. Економски напредок е забележан дури во 19 век за што сведочи и изложената поставка во Музејот на индустријата. Благодарејќи на географската поставеност, неговото пристаниште станало водечко на Егејското Море. Архитектурата е многу поразлична од таа на  другите острови. Неокласицизмот е доминантен, со акцент на Градското собрание, царинарницата и театарот „Аполон“. Ермуполи се издига високо над морскиот брег, од врвот на градот со голо око може да се гледа во далечина од 2 км. Попатно се црквите „Агиос Николаос Плусиос“, „Метаморфозис Сотирос“ и „Успение на Света дева Марија“, кои говорат за придонесот на организацијата која го раководи религиозниот живот на христијаните во естетиката на Ермуполи. Горе во Ано Сирос живеат католици, архитектурата е во венецијански стил од 13 век и покрај тоа што градежните објекти се варосани. Тесните змијулести улички ќе ве одведат директно до „Агиос Георгиос“ на самиот врв.

Близу е малото населено место Азолимнос, на линијата меѓу копното и водата. Токму таму се наоѓа и т.н. златна плажа, оддалечена 5 км од градот, а западно од него, на оддалеченост од 9 км е селото Галисас, познато по остатоците од антиката – акрополот. И малото населено место Кини е сместено во близина. Има неколку рибници каде што може и да се руча во паузата меѓу сончањето и капењето на плажите „Лото“, „Делфини“, „Грамата“, „Варваруза“ и „Аето“, кои се истакнуваат со својата убавина.

Големата посетеност на Халандријани произлегува од археолошките ископини, откритијата кои се поврзуваат со името на познатиот археолог од 19 век – Христос Цунтас. Атрактивноста е одлика и на Кастри, праисториска населба окружена со ѕидини. Во една од пештерите живеел филозофот Ферекиди (6 век пр. н.е.). И на Сирига, секако. Поради погледот, а вреди да се појде и на јужната страна, заради плажите во непосредна близина на Мегас Гиалос – идеални за семејства. Дотаму се стига за половина час, прекусила. Меѓу нив е и заливската „Ампелас“. Најпознато село на Сирос дефинитивно е Посидонија (Делаграција), оддалечено 13 км од Ермуполи. Малото населено место привлекува со велелепните куќи во неокласичен стил, посебно вилите на богатите. Попатно можете да го посетите и Паракопи. Малку повисоко над околината се издига Вари каде што има остатоци од градби, меѓу кои и римски гробници. А во Хруза, пак, можете да одите заради плажите. Шетањето искомбинирајте го со сончање, капење за комплетен впечаток. Има време за сè.

КАДЕ ШТО СЕ НАЈУБАВИТЕ ПЛАЖИ, ЗАРАДИ НЕОСКВЕРНЕТОСТА – НАКСОС

Во народните преданија за боговите често се споменува и островот Наксос бидејќи таму Дионис ја запознал Аријадна, ќерката на критскиот крал Минос и Пасифаја, откако била оставена од Тезеј, основачот на државата со главен град Атина. Островот е најголем во групата, кој се издвојува и по плодородноста на земјата.

Примамлив за туристите секако дека е и поради неговата местоположба, во срцето на Кикладите. Понудата соодветствува на побарувачката. Огромна е, со безброј можности.

Хора ќе ве дочека на своето пристаниште и ќе ве воодушеви со неговата белина. Се разбира, неизоставно и со Портара, мермерната капија на недовршениот старогрчки храм во чест на Аполон, симболот на младешката убавина, која всушност се наоѓа на соседното островче Палатија.

Утврдените делови што датираат од времето на историскиот град држава Венеција, бидејќи островот бил седиште на Егејското војводство, придонесуваат за Наксос да раскаже и една поинаква прикaзна, во своја полза. Неколкуте кули се вредни за обиколка, посебно Глезос-Криспи и Дела Рока-Бароци во градот, Базаиос кај Сагри и Белонија во Галанадо.

 

Поради големината, екосистемот на островот е шаренолик. Организаторите на туристичките маршрути ќе ви препорачаат неколку, меѓу нив и патот до плажата „Муцуна“, кој поминува покрај старите рудници за шмиргла. Доколку сакате да планинарите, да возите велосипед на угорница, планините Зас и Фанари ќе ги задоволат вашите желби. Првата е највисока на архипелагот (1.004 м), каде што наводно живеел Зевс, господарот на небото и земјата. На левата страна од пештерата има капела, посветена на Богородица, Мајката Божја. А втората, пак, достигнува до 908 м.

И сето тоа во комбинација на културните настани кои налето ги има во изобилство. Смотрата на уметноста е под покровителство на општината и трае до втората половина на септември, кога се одржуваат уште два фестивала, на рибарите и на виното. Без оглед на тоа што фреквенцијата е најголема во Хора, голема е посетеноста и на Агиа Ана и на Агиос Прокопиос и на Апеирантос (Аператос) и на Аполонас и на Галини и на Меланес и на Плака и на Сагри и на Филоти. Неретко прошетките се спојуваат со обедувањата за да се искористи буквално секоја минута. И секако, времето за сончање, капење на една од преубавите плажи кои, за среќа, на Наксос ги има на претек. Некои се именувани по местата каде што се наоѓаат, по храмовите во близина. Како и да било, неосквернетоста им е заедничка особеност. Покрај „Агиос Прокопиос“ и „Плака“, со својата убавина ќе ве воодушеви и „Агиос Георгиос“ и „Алико“ и „Амитис“ и “Микри Вигла“ и „Микролимано“ и „Оркос“ и „Сахара“ и „Панермос“. Без исклучок, сите се песочни. Нешта кои секогаш остануваат во меморијата се вкусовите, заедно со мирисите. Доста често знаат да нè потсетат на патувањата, макар и да се работи за ваканција. Летниот одмор на Наксос меѓу другото сигурно ќе го запаметите и по ликерот „китро“ направен од лисјата на цитрусите чија пријатна арома ќе ги освои и оние што генерално не сакаат дестилати, иако навистина е јак (дури 36% вол.). Додека го испивате во раат, пред вечерата – како аперитив. За потоа да продолжите со „замбони“ (пршута)… Зошто да не и со морски риби или ракчиња „саганаки“, па дури и со „росто“ (свински нозе полнети со лук). Залеани со вино – бело, црвено… По избор, но сепак домашно, како и сè останато. Типично хедонистички.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ