Јубилејно 45. издание на релито Дакар-УПОРНИТЕ И ОВОЈ ПАТ НАЈДОБРИ

13/02/2023

ОД ЦРВЕНОТО МОРЕ ПРЕКУ ПУСТИНАТА ДО ПЕРСИСКИОТ ЗАЛИВ. ПРВИТЕ 15 ДЕНА ОД 2023 ГОДИНА САМО НЕБО И ПЕСОКЛИВИ РАМНИНИ, ДИНИ И ПОВЕЌЕ ОД 8.500 КИЛОМЕТРИ БЕЗ АСФАЛТ. ТОА Е ГОДИНАШНОТО РЕЛИ ДАКАР, НАЈТЕШКОТО ШТО ГО ПОЗНАВА СВЕТОТ

 

На 15 јануари заврши 45. издание на најтешкото рели што се вози на планетава. Ова рели беше прво во сезоната 2023 година од Светскиот шампионат во Рели рајд. И годинава пустинската „бркотница“ се одржа во Саудиска Арабија, односно четирипати едноподруго. Најчесто сe возеше низ неколку земји, но последниве четири изданија организаторот решил да ги одржи во само една држава. Стартот беше закажан за 31 декември 2022 година, со тоа што дента се возеше почетниот дел, како за загревање, а наредниот ден, односно на 1 јануари карванот од ентузијасти, сонувачи и авантуристи тргна со возилата низ пустинските предели на Арабискиот Полуостров. Најдолго и најтешко, како за учесниците, така и за новинарските екипи и снимателите, секако најмногу за возилата чија задача е да ги издржат сите малтретирања во бесконечниот прав на секаков вид подлога, само не на асфалт.

Прво учесниците ја завртеа 10 километарската етапа со која се претставија, а потоа следуваа 14 етапи по една секој ден,14 дена, плус еден ден одмор на 9 јануари и заедно со денот од промотивната етапа, вкупно 16 дена. Учесниците имаа задача да поминат 8.549 км, од нив 4.706 се од посебните километри, кога се мери времето за пласман.

Oд 355 возила што стартуваа на 31 јануари на целта пристигнаа 235. Од нив 80 мотоцикли (121 на стартот), 10 квадрицикли (18), 46 т1 и т2 возила (67) и 38 лесни прототипови (47). Оваа година круната ј доби Насер Ал Атија со совозачот Метју Баумел на „тојота хајлукс“, кралот на Светскиот шампионат во рели Себастијан Лоеб со совозачот Фабијан Луркин беше втор на „продрајв хантер“ од тимот на Бахреин Рајд Екстрим, а третото место на подиумот го заслужи двоецот Лукас Моралес и Тимо Готшалк од тимот на Оувердрајв Рејсинг. Ова е петта титула за Н. А. Атија, надминувајќи го со четири победи Ари Ватанен, вечната легенда на релито Дакар. Ватанен ги освои титулите од пет учества, а на Атија му беа потребни 20 учества. Досега никој не го надминал рекордот на А. Ватанен. За рекордите треба да го споменеме Себастијан Лоеб. Оваа година тој победи на шест етапи едноподруго, а досега не е забележан таков успех. Главните конкуренти за прво место С. Петерхансел и К. Саинц не го завршија релито. Нивните возила откажаа послушност во шестата етапа и тоа беше крај за тимот на Ауди.

 

Во класата на „две тркала“ неколкумина возачи водеа остра борба за освојување на титулата: Пабло Куинтанила, Рики Брабец, Сем Сандерленд, Даниел Сандерс, Мартин Мичек, Тоби Прајс, Руи Гонкалвес и други. Најнеизвесно беше помеѓу Тоби Прајс и Кевин Бенавидес. Овие двајца одлучуваа кој ќе биде победникот со оглед на временската разлика што се мереше во секунди. Решавачка беше последната 14. етапа што се возеше од Ал – Хофуф до Дамам. Прајс имаше 12 секунди пред Бенавидес.

Сепак, малите малери што го следеа Т. Прајс беа решавачки да не ја освои титулата. К. Бенавидес беше поупорен и со повеќе среќа дојде до втората титула со предност од само 43 секунди. Засега Кевин Бенавидес е единствен натпреварувач што го освои релито Дакар двапати со различна марка мотоцикли, во 2021 година со хонда, а годинава со КТМ. Кога на целта го прашале третопласираниот Скајлер Хауис за релито и неговиот прв подиум, меѓу другото, рекол: „Сакам да видам како изгледаат и другите две места на тој подиум.“ Тоа покажува дека водечкиот во шест етапи сака да биде дел од релито и наредната година за да се искачи повторно на подиумот, но овој пат на првото или второто место. Класата камиони годинава остана без легендарниот Камаз и МАЗ, иако овие две марки беа на списокот на учесници. Малку повеќе е чудно што најтрофејниот не доби учество на јубилејното 45. издание од релито Дакар. Во оваа класа победија Јанус ван Кастерен, Дарек Родевалд и Марсел Снајдерс од тимот на Де Рој со Ивеко.

Второто место на подиумот го освои чешката тројка, Мартин Мачик, Франтишек Томашек и Давид Сванда, од тимот на ММ Технологи. На третото место се пласираше вториот тим на Де Рој – Мартин ван ден Бринк, Ерик Кофман и Ријк Моув. И на ова рели учествуваше тимот Сугавара со камионите на производителот Хино. Легендарниот и најстариот учесник Јошимаса Сугавара, кој учествуваше во дури 37 изданија, сега само е консултант во тимот, а на негово место е синот Терухито Сугавара со совозачите Хироказу Сомемија и Јуџи Мочизуки, кои се пласираа на 10. место. Возилата на учесниците беа поделени во седум класи. За наредната година организаторот навестува повторна петта средба во Саудиска Арабија.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ