110 години Масерати-НЕПТУН, БОЛОЊА И БРАЌАТА МАСЕРАТИ

12/01/2024

АПЕНИНСКИОТ ПОЛУОСТРОВ КАКО ДА Е ПРЕДОДРЕДЕН ЗА „РАЃАЊЕ“ НА ВРВНИ СПОРТСКИ АВТОМОБИЛИ. ДЕНЕС САМО НЕКОЛКУ МАРКИ СВЕДОЧАТ ЗА ОВА, ЗА ЖАЛ, ГОЛЕМ БРОЈ ОД НИВ НЕ ОПСТАНАЛЕ. НА ПРИМЕР, РЕЧИСИ ВО СЕКОЕ МААЛО ВО ТОРИНО, МИЛАНО, ВО ДРУГИ ГРАДОВИ ИМАЛО РАБОТНИЦИ ЗА КОНСТРУИРАЊЕ АВТОМОБИЛИ И ПОВЕЌЕТО ПРАВЕЛЕ ВРВНИ СПОРТСКИ АВТОМОБИЛИ И ТОА ПО НАРАЧКА

 

Приказната за автомобилите од марката Масерати започнува со работното место на таткото Масерати во државната железница.

Дури пет од седумте деца во семејството Масерати биле насочени кон машинството, но најмногу кон автомобилите и трките. Најстариот син Карло прво работел како конструктор на велосипеди во фирмата Афори, потоа во Фиат како пробен возач, но и во Изота Фрасчини. Алфиери бил најмногу преокупиран со автомобилите и работел во компанијата Изота Фрасчини, а по него дошле да работат Еторе и Ернесто. Шасија од хиспано суиса“, менувач од „изота фрасчини“, мотор од трет автомобил, а сето тоа подготвено од тројцата браќа Алфиери, Еторе и Ернесто. Така браќата составувале автомобили и со нив се тркале. Охрабрен од почетните успеси, Алфиери со браќата основал компанија (работилница) „Социета Анонима Офичине Алфиери Масерати“ на 1 декември 1914 година. За генијалноста на браќата говори и следниов податок. Почнале со конструирање велосипеди, во кои подоцна вградувале мотори. Карло, најстариот од браќата, на 17-годишна возраст направил мотор со еден цилиндар и го вградил во возило што сам го направил со шасија од дрво, па затоа велиме дека тоа е првиот Масерати. Неговата умешност да вози тркачки автомобили веднаш ја забележал Фиат и подоцна го вработил како пробен возач. Додека бил во Торино во Фиат, Карло во слободно време правел нацрти и конструирал авионски мотор. Младиот конструктор и иноватор постигнал врвни резултати во машинството и трките, но починал во 1910 година од туберкулозата. Сега сè му останало на Алфиери. Во 1913 година тој отворил мала работилница во која ги поправал автомобилите од марката Изота Фрасчини. Потоа основал своја работилница со една цел да произведуваат тркачки автомобили и со нив да учествуваат на трки, а понекогаш и да најмат возач што ќе вози нивен автомобил. Во 1926 година од работилницата излегол првиот Масерати именуван како „типо 26“, а со тој автомобил Алфиери победил во својата класа на една од најпознатите трки во тоа време, Тарга Флорио. Гран при болидот имал 1,5-литарски мотор со осум цилиндри во линија, обичен менувач со три брзини (со четири од 1927 год.), алуминиумска основа и тело направено од конструкторот на шасии Медардо Фантуци. Тркачкиот автомобил „масерати типо 26“ бил произведен во само 11 примероци, а последниот е направен во 1932 год. Почетокот бил сосема солиден, но како одминувало времето, така работата одела се потешко. Во 1932 починал Алфиери и тогаш во фирмата се вратил Биндо, еден од седумте браќа. Дотогаш работел на раководно место во Изота Фрасчини. Поради севкупната состојба со двете економски кризи, браќата Масерати биле принудени во 1937 год. да му ја продадат компанијата на индустријалецот Адолфо Орси. Под водство на А. Орси, производството од Болоња било пренесено во Модена во близина на една од неговите фабрики.Тоа се случило во 1940 година, а потоа компанијата Масерати морала да работи за тогашната власт, една од силите на оската Рим – Берлин – Токио. За време на Втората светска војна Масерати произведувал свеќички за автомобили, електрични возила за доставување, но и делови за авионски мотори, односно произведувал речиси исто како на почетокот од формирањето на компанијата во 1914 год.

ПЕРИОДОТ ПО ВОЈНАТА Е ПОЗНАТ ПО РЕСТРУКТУРИРАЊЕТО НА КОМПАНИЈАТА МАСЕРАТИ

Според договорот, во 1947 година браќата Масерати се пензионирале и на водечко место дошол Алкесте Џијакомаци (зет за сестра на индустријалецот А. Орси). Тој успеал од Ферари да го земе конструкторот Алберто Масимино во 1944 година, а по неколку години дошол и Хуан Мануел Фанџо, најпознат и најдобар возач. Со него Масерати освоил две титули во современата Формула 1, првата во 1954 и втората во 1957 год. Во годините на двете победи А. Орси договорил стопанска соработка со владите не Аргентина и Шпанија. Од тие соработки Масерати немал добивка бидејќи производите останале непродадени (машини за правење алати). Затоа А. Орси бил принуден дел од акциите да им продаде на разни вложувачи, меѓу кои и Кредито Италијано. До 1968 год. Орси бил главен во Масерати, а потоа своите акции му ги продал на Цитроен. Мошне интересен е периодот во кој се појавува првиот туристички автомобил со име Масерати. Тоа се случило во 1946 год. и дело е на Ернесто Масерати. Прототипот именуван како „а 6“, „алфиери“ (за „а“) во чест на Алфиери Масерати, првпат бил изложен пред светската јавност на Салонот за автомобили во Женева. Јавноста била пријатно изненадена затоа што Масерати отсекогаш произведувал само тркачки автомобили, а одеднаш има светска премиера на туристички купе автомобил.

И еден друг автомобил предизвикал бурни реакции меѓу љубителите на автомобили и луѓето од автомобилската индустрија. Автомобил со специфичен купе облик, наречен „белата дама“. Тоа е еден од најретките и најценетите старовремени автомобили. Купето се појавило во 1961 год. како прототип и наедно е прв со директно вбризгување на Апенините. Дизајнот и технологијата вградена во него биле главна причина „белата дама“ да предизвика восхит кај шахот од Персија. Но тој сакал нешто уште повпечатливо и полуксузно. Тогаш славниот конструктор Џулио Алфиери го зел осумцилиндричниот мотор од болидот на Фанџо и го вградил во „белата дама“. Колку за информација, со тој болид (и мотор) Х. М. Фанџо победил на трката 12 часа Себринг. Во супер купето имало и позлатени површини во одделот за двајцата патници и благородно дрво обработено и изработено до крајни граници – купе со врвен луксуз, но и мотор зајмен од гран при болид, а сето тоа денес е класифицирано како еден вид врв во автомобилската индустрија.

По една и пол деценија Масерати повторно ја шокирал јавноста. Со купето „а 6“ ја изненади, но ја шокира со класичната лимузина наречена „кватропорте“ (во превод „четири врати“), а во неа мотор (V8) сличен како тој во „белата дама“. Лимузина со спортски манири и многу коњски сили. Што му требаше ова на Масерати, било најчесто поставувано прашање во 1963 год. за време на светската премиера. Дотогаш никој не произвел лимузина со премногу коњски сили. Одеднаш Масерати се претставил како производител и на лимузини и тоа со изразена спортска нота. Треба да се знае дека денешните класични лимузини со спортски дух потекнуваат од „масерати кватропорте“, лимузина што годинава слави 60-годишнина. Во тоа време биле лансирани и моделите „мистрал“, „гибли“, „камсин“ и „бора“.

Купувањето на Масерати од Цитрон датира од 1961 год. кога Цитроен тргнал да прави спортски изведби од своите модели. Тој чекор е наречен „проект с“. Цитроен го купил Масерати во 1968 год. и со тоа ја добил формулата за правење врвни спортски погонски агрегати. Како резултат на тоа произлегол „цитроен см“ со најсофистицирано „обесени“ тркала и V6 мотор зајмен од Масерати. Со оваа купе лимузина Цитроен имал светска премиера на Салонот за автомобили во Женева во март 1970 год. Така „цитроен см V6“ застанал рамо до рамо со лимузините на: Масерати, БМВ, Јагуар, Мерцедес и другите.

Масерати банкротирал на 23 мај 1975 година, а Алехандро де Томасо, поранешен тркач и машински конструктор, го купил на 8 август 1975 год. Во негово време Масерати се справувал и со производството и со продажбата, но не како што посакувале челниците. „Битурбо“, „киалами“, „кватропорте III“, „кариф“се моделите што се појавиле додека А. де Томасо бил сопственик на познатиот производител на спортски автомобили. Меѓу нив „битурбо“ имал најмногу произведени единици и затоа ја добил титулата најдобро продаван Масерати. Сепак, нештата во компанијата не оделе како што треба. По подолги преговори Фиат го купил Масерати во 1993 год. Во преговорите 23 историски модели не биле правно заокружени, односно им се заканувало исчезнување во колекционерски гаражи. Тогаш се појавил Умберто Панини и ја спасил колекцијата од музејот на Масерати да не биде распрсната насекаде низ светот.

Дотогашните непријатели Масерати и Ферари со заеднички сили произведувале автомобили. Масерати почнал да ги користи погонските единици од Ферари бидејќи биле техничко-технолошки понапредни. Така моделот „гт“ има ферариев мотор, но и другите модели, на пример сув возилото „леванте“, лимузината „кватропорте“, но и моделот „гибли“, помала лимузина. Денес Масерати повторно е на пазарот, со најмногу купувачи на северноамериканскиот пазар, и засега добро му оди затоа што со години продава околу 15.000 возила, бројка што не е за потценување со оглед на тоа дека автомобилите со „тризабецот“ се луксуз и никогаш претходно не продале ни 5.000 примероци, а не пак 15.000.

КАКО ТРИЗАБЕЦОТ БИЛ ИЗБРАН ЗА ЗАШТИТЕН ЗНАК?

За тој дел од легендарната марка случајно или намерно бил задолжен нивниот брат уметник Марио Масерати. Него не го интересирале автомобилите и трките. Марио почнал да работи на заштитниот знак. Почнал да трага по инспирација за заштитниот знак, а за тоа слушнал и нивниот семеен пријател маркизот Диего де Стерлих. На негов совет Марио го избрал тризабецот на богот Нептун. Неговата статуа се наоѓа на плоштадот Маџиоре во Болоња, така што симболиката би била повеќекратна. Компанијата потекнува од Болоња, а еден од главните споменици во Болоња е токму на богот на морето Нептун. Советот од семејниот пријател и симболиката на споменикот на богот Нептун му се допаднале на Марио и веднаш почнал да ги прави првите скици. Така тризабецот станал заштитен знак на автомобилите со име Масерати, а првичните скици и цртежи се чуваат во музејот на Масерати. Денес Масерати е во сопственост на Фиат Крајслер Автомобили, односно дел е од групацијата Стелантис, основана од Фиат Крајсер Аутомобили и Пежо СА.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ