Хиспано Суиза-120 ГОДИНИ ШПАНСКО ШВАЈЦАРСКИ РОДЕНДЕН

09/08/2024

АКО ФЕРАРИ И КОМПАНИЈА СЕ ПОЗНАТИ И ВО КРУГОТ НА ДЕЦАТА, ХИСПАНО СУИЗА Е СОСЕМА ПОИНАКВА МАРКА, ДА РЕЧЕМЕ СКОРО НЕПОЗНАТА. И ПОКРАЈ ГОЛЕМИТЕ ПРОБЛЕМИ ЗА НЕЈЗИНО ВРАЌАЊЕ ВО СЕКОЈДНЕВИЕТО, СЕПАК СЕМЕЈСТВОТО МАТЕУ НАОЃА СИЛИ ДА СЕ СПРАВИ СО СИТЕ ТИЕ ПОЈАВИ, А НАЈНОВ РЕЗУЛТАТ ОД СЕТО ТОА Е НЕОДАМНА ПРЕТСТАВЕНИОТ ЕЛЕКТРИЧЕН СУПЕР МОДЕЛ „КАРМЕН САГРЕРА“

 

Годинава една марка автомобили слави 120 годишнина од своето постоење. Тие автомобили се толку многу ретки што ќе ги сретнете само во музеј или на некоја престижна изложба како на пример, Конкорсо ди Елеганс Вила Д Есте. Марката е „Хиспано Суиза“ или преведено на македонски, „Шпанско Швајцарска….“. Едниот е Шпанец, а другиот Швајцарец, а обајцата се основачи на истоимената шпанско швајцарска компанија. Оттаму доаѓа името, од нивните националности. Кон крајот на XVIII и почетокот од XIX век младиот конструктор Марк Биркиг тргнал на пат во земјата на тореадорите да работи на проектот наречен трамвај. Работата со трамвајот ќе остане само на хартија, а Биркиг оди во водите наречени автомобил каде ќе се сретне со шпанскиот стопанственик Дамиан Матеу кој сака да произведува автомобили. И така обајцата во 1904 год. ја основаат компанијата Хиспано Суиза. Три месеци подоцна првиот Хиспано Суиза автомобил ќе биде внесен во трките и ќе го освои првито место, што е голем поттик за понатамошната работа. Нивната работа ќе биде потпомогната лично и од кралот.

Во тое време автомобилската индустрија била многу нестабилна, така што Марк Биркиг конструирал и авионски мотори кои беа вградувани во авиони од следниве марки: „спад“, „неупорт“, „сопвит делфинс“ и други. И колку за информација, авионите опремени со моторите од марката Хиспано Суиза биле поуспешни од германските во Првата светска војна. Во таа војна штркот станал заштитен знак на Хиспано Суиза.

 За време на војната Марк Биркиг се сретнал со младиот и талентиран скулптор и дизајнер Франсоа Базин. Тоа се случило на бојното поле, но веднаш по завршувањето на војната, М. Биркиг го поканил Ф. Базин да се сретнат. Знаејќи дека тој е еден од тогашните врвни скулптори, нему му ја доверува задачата да направи статуетка во вид на штрк која ќе биде поставена на врвот од ладилникот на автомобилите Хиспано Суиза.

Повоениот период за Хиспано Суиза започнува со моделот „х 6“, кој доживеал светска премиера во октомври 1919 год. на Салонот за автомобили во Париз. Шест цилиндри во линија, 6.597 ссм, 135 КС и крајна брзина од 130 км/ч. Во период од 1919 до 1931 биле произведени 2.151 примерок од овој луксузен модел.

ПРИКАЗНАТА ЗА ШТРКОТ

Авионите од марката Нупорт биле опремени со мотори од Хиспано Суиза. Во тоа време, неколку летачки асови заедно со Жорж Гинемер ја именувале својата група како „Штрк ескадрила“                    (Ескадрила штркови). Пилотот Гинемер на својот авион исцртал штрк во лет, не само поради името на нивната летачка дружина, туку воедно тој штрк е еден вид заштитен знак и за покраината Алзас од каде потекнувал пилотот. Легендарниот пилот успеал да победи во 54 воздушни дуели, а кога бил погоден, сопствениците на Хиспано Суиза решиле штркот да биде заштитен знак на марката и на компанијата.

Тркачкото педигре марката го гради со победа 1-2-3 на Булоњ трката во јули 1923, но и на познатата Тарга Флорио (трка на издржливост), а на патеката Бруклендс возачот Жоел Волф Барнато поставува рекорд во постигнување најголема просечна брзина од 147,38 км/ч со моделот „х 6“. во 1924 год.

Во периодот од 1926 до 1930 год. Хиспано Суиза соработувала со Шкода и од таа соработка произлегла луксузната лимузина „шкода хиспано суиза“, а првиот произведен примерок бил резервиран за тогашниот претседател на Чехословачка, T. Г. Maсарик. Автомобилот му бил врачен на 10 мај 1926 год.

Од создавањето во 1904 год. до крајот на 1946 год. компанијата Хиспано Суиза произвела над 12.000 луксузни автомобили и 50.000 авионски мотори. Натамошното производство било премногу мало, по неколку примероци во годината. Најголемиот дел од производството се одвивал во одделот за авионски мотори и други делови за авионите. Тука некаде автомобилите со штрк на врвот од радијаторот го губат секој допир со секојдневието и полека одат во заборав. Сепак семејството Матеу сиве овие децении на отсуство работело напорно да ја доведе марката на старите добри патеки, да се врати во секојдневието, да се вратат светските премиери. Во 2000 год. Хиспано Суиза претставува концепт на луксузно купе двосед познато под името „хс 21“, за првпат претставено истата година на Салонот за автомобили во Женева. По „хс 21“ производителот ги претстави моделите „к 8“ и „хс 21 гтс“ во 2001 и 2002.

Пред неколку недели Хиспано Суиза повторно ја разбранува светската јавност со претставување на целосно електрифицирано хипер купе со екстравагантен дизајн. Најнапред во 2021 беше претставен моделот „кармен“ именуван по името на правнуката на основачот, а сега најново од компанијата е „кармен сагрера“. Во најновото купе вметнато е името Сагрера така е наречен квартот во Барцелона во кој е отпочнато производството на првиот автомобил во 1904 год.

Колку и како оваа марка ќе заздрави и ќе биде постојан член во соврмениот свет на автомобилите, останува да видиме и да бидеме сведоци на збиднувањата. Со оглед на тоа што во изминативе три децении супер луксузните автомобили најбрзо напредуваат на светскиот пазар, ќе треба да очекуваме позитивни движења во спомнатата компанија. Најголемите производители на супер луксузни лимузини и купе автомобили во годините на најголемата криза направија резултати за кои дотогаш сонувале. Обичната (конфекциска) автомобилска индустрија беше фрлена на колена, а луксузната од типот на Ламборџини, Ферари, Бентли, Ролс Ројс и останатите, цветаше, автомобилите од овие марки се продаваа во голем број. Со добра организација во работењето, Хиспано Суиза може многу лесно да влезе, односно да се врати во секојдневието.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ