ТАКА ГИ НАРЕКУВААТ ДЕВОЈКИТЕ (ПА И ОМАЖЕНИТЕ), КОИ СЕ ОБРАЗОВАЛЕ ВО НАЈДОБРИТЕ ШКОЛИ, ПОГОЛЕМИОТ БРОЈ ПРИВАТНИ, КАДЕ ШТО СЕ ИЗУЧУВААТ НАВИДУМ СТАРОМОДНИ ВЕШТИНИ, ЗНАЕЊА, ОД ПРАВИЛНО ОБЛЕКУВАЊЕ И АРАНЖИРАЊЕ НА ЦВЕЌЕ, ПРЕКУ ДЕГУСТАЦИЈА НА ВИНО И ЈАДЕЊЕ ОСТРИГИ, ДО ПРАВИЛЕН ИЗГОВОР НА ТРГОВСКИТЕ КУЌИ, КОИ, НА ЕДЕН ИЛИ НА ДРУГ НАЧИН, ИМ ПОМОГНАЛЕ ДА СОЗДАДАТ ПОДОБРА ВЕРЗИЈА ОД СЕБЕ. И ДЕНЕС, КОГА ПРЕОВЛАДУВА НЕЧИСТОТИЈАТА И ПРИМИТИВИЗМОТ, ВО БУКВАЛНА СМИСЛА НА ЗБОРОТ, ИНТЕРЕСОТ ЗА ТАКВА ДОПОЛНИТЕЛНА И НЕФОРМАЛНА ЕДУКАЦИЈА РАСТЕ, ШТО Е ПОЗИТИВНО.
Порано, членовите на високото општество, вклучително и скромните фамилии, кои се стремеле кон подобар живот за нивните деца, ќерките ги запишувале во т.н. finishing school, каде што се изучувале разноразни вештини, знаења, со кои се среќавале во животот – правила на убаво однесување, поставување на трпезата (на пример, за свечена вечера), шиење на рака, на машина, но и конверзација, правилно држење, свирење клавир (пијано) или сликање, во зависност од афинитетот. Посетата на една таква школа претставувало завршен дел од целокупната наобразба на девојките, чиј следен чекор бил мажењето, и тоа за припадници на високиот, аристократски род (благородници) што, како слободни, незафатени сопруги, требале да се занимаваат со прием на гости, аранжирање цвеќе и слични „префинети“ занимации, а никако со, да речеме, предавање физика, проектирање мостови или управување со банка.
Меѓу популарните одредишта била космополитска Швајцарија, каде што девојките можеле да го изучуваат францускиот јазик и да спортуваат на свеж планински воздух. Така на пример, леди Дијана пред да стане принцеза го посетувала Institut Alpin Videmanette во Rougemont, во швајцарскиот кантон Vaud. Тоа било идеално место за скијање и за изучување кулинарски вештини, шиење и слично. Таму се усовршувала дадилката на Вилијам и Хари, како и Tamara Mellon, иако не потекнува од благодорничко семејство. Нејзиниот татко бил каскадер, дублер на филмската ѕвезда Рок Хадсон, кој сакал неговата ќерка да влезе во високото општество. Тоа и го сторила, но не со мажачка, туку на поинаков начин, со деловната способност што ја покажала како соосновач и креативна директорка на „Jimmy Choo“. Camilla Rosemary Shand, подоцна Parker Bowles, го посетувала Mon Fertile, исто така, во Швајцарија, во учебната 1963/64 година, каде што, заедно со уште четириесетина девојки, изучувала француски јазик, шиење, чукање на машина за пишување и етикета (етикеција). Наоружана со разноразни вештини, знаења стекнати таму, се вработила како секретарка во Лондон со скратено работно време, а останатиот дел од денот го поминувала забавувајќи се во високото општество, на бал, матине, лов, јавање, поло, каде што судбински го запознала принцот Чарлс. Кога се венчале, многу години потоа, таквата наобразба й помогнала да се снајде полесно во улогата на војвотката од Cornwall. Но, времињата се смениле, борбата за рамноправност меѓу половите отворила нови патишта и кариери, па така, школите во кои се учело како да се извезе монограм на шамиче, како да се јаде портокал со виљушка и нож итн., веќе не побудувале интерес. Institut Alpin Videmanette не работи од 1991 год., а затворен е и Mon Fertile.
Денес е поинаку. Без оглед на нечистотијата и примитивизмот, кои преовладуваат во буквална смисла на зборот, интересот за таква дополнителна и неформална едукација расте, што е позитивно. Една од школите која сè уште работи во Швајцарија е Institut Villa Pierrefeu во Montreux, на Женевското Езеро, каде што „ученичките“ не се само Европејки, туку и Азијки, Африканки, Латиноамериканки, па и жителки на Блискиот Исток. Освен девојки, кои се подготвуваат за мажење, школата ја посетуваат и бизнисменки чија цел не е склопување брак, туку склучување деловни договори, како и жени од 20 до 50 г., што се омажени, а кои сакаат да им помогнат на своите сопрузи во кариерата преку вештините стекнати таму. „Не ги учиме да бидат добри сопруги, туку да знаат учтиво и смислено да комуницираат, било со мажот, било со децата, било со клиентите“, вели директорката Viviane Neri, која е и авторка на неколку учебници за школата, како на пример книги за меѓународна етикеција, готвачи, прирачник за водење домаќинство, едновремено истакнувајќи ја важноста на курсевите што ги организира Institut Villa Pierrefeu, од еднодневни, преку шестнеделни, до годишни. Цената на шестнеделниот курс изнесува 30.000 франкови (31.000 долари, 27.000 евра). Додека европските школи се малку старомодни, изгледаат како да заостанале во минатото, азиските се одличен избор за новите кинески богаташки на пример, кои не сакаат да изгледаат како неизделкани скороевци што не знаат да се снајдат на „теренот“, во новонастанатата ситуација, со новостекнатото богатство. Една од нив е Institute Sarita во Пекинг. Најпознатата кинеска школа за усовршување нуди два вида курсеви, за девојки над 16 години и за жени што се во брак. На курсот за „дебитантки“, кој трае десет дена, се изучуваат обичаите во разни делови на светот, и народни и кога е деловноста во прашање, правилата на облекување и однесување на маса за јадење, потоа историјата, психологијата и, неизоставно, аранжирањето цвеќе. Омажените, пак, учат како да бидат домаќинки на место, вклучително и вештината на дегустација на вино, толкување на говорот на телото и правилата на протоколот (во дипломатијата). И едните и другите ги разработуваат сите можни ситуации во комуникацијата, од размена на визит-карти, преку давање соодветен подарок, до јадење остриги. Внимание се обрнува и на правилниот изговор на трговските куќи. Нејзина сопственичка е Sara Jane Ho од Хонгконг, која дипломирала на Georgetown University, Harvard Business School и на Institut Villa Pierrefeu. Цените на курсевите се движат околу 15.000 долари (по курс), што е скапо, имајќи го предвид фактот што се изучува аранжирање цвеќе и лупење портокал, но сопственичката не мисли така. Напротив, смета дека секој треба да изучува етикета, без оглед на статусот бидејќи, како што вели: „Тоа ни овозможува да бидеме подобра верзија од себе“. Оттаму и оправданието за високата цена. Очигледно така мислат и повеќето Кинезинки затоа што сите места се пополнуваат во рок од еден ден.
Современ пристап, исто така, има и раководителката на Minding Manners International во Лондон, каде што можете да научите како да се „извлечете“ кога ќе заборавите нечие име („Драго ми е што ве гледам, можете ли да ме потсетите како се викате?“), како да го претставите гостинот на пријателите (во зависност од статусот, возраста), како да се ракувате (стегнете со рака во знак на срдечен поздрав, благодарност и сл., ни пресилно ни преслабо). Еднонеделен курс чини околу 1.500 долари, а широкиот спектар на можности кои ги нуди меѓу другото ќе ве научат и како да се однесувате на забава, кога ќе дојдете – штом влезете во просторијата, застанете десно, во рок од пет до десет секунди пронајдете ги домаќините и пристапете им, како да ја поставите трпезата за шест лица итн.
Tamiko Zablith, која и самата се школувала за етикеција и протокол во Брисел, Вашингтон, Женева и во Париз, смета дека угладеноста (убавото воспитување) ни помага да се претставиме себеси во најдобро светло. Таа е наполно согласна и со мислењето на курсистките дека совладувањето на старомодните (но само навидум) правила, прописи во сите области на општествениот живот им дава чувство на самодоверба и сигурност. А дека етикетата не е мртва, туку само се смени, покажуваат и бројните веб-страници, каде што се пишува за правилата на однесување во „модерните“ активности, како на пример јадење во канцеларија, зборување на мобилен телефон, објавување „статус“ на Фејсбук, пишување текстови на блог, возење со подземна железница, вежбање во фитнес-центар, вежбање јога, каде што првото правило гласи: „Мојата простирка не е продолжеток на твојата“. Една од нив е и американската www.finaltouchschool.com, која нуди он- лајн-курсеви чија цел е совладување на етикецијата, што, пак, дава сигурност и самодоверба во текот на деловните вечери во кои често тешко се снаоѓаме. Нејзината основачка Deborah King е авторка на повеќе книги за етикета, а на блогот советува и како да постапиме во ситуации за кои не ги знаеме прописите. Со надоместок, се разбира.