Се сеќавате ли на концептот „де томасо п 72“ прикажан не така одамна, пред неколку години, во 2019 година? Автомобилот во кругот на добрите познавачи и во работилницата е најпознат по неговото кодно име „проект п“, инаку посветен на некогашниот тркачки автомобил „п 70“. Откако Де Томасо беше купен од компанија од Хонг Конг, работите отидоа по нагорна линија.
Егзотичниот автомобил кој всушност е хипер автомобил поседува над 900 КС, а уште позанимлива е неговата (сува) тежина од само 900 кг. Колку килограми толку коњски сили. Ако соодносот е токму таков, тогаш најновото купе од Де Томасо е правено од врвни мајстори. Купето не е сѐ уште хомологирано за секојдневна употреба, туку е наменето исклучиво за возење на тркачки патеки. Дали некогаш ќе биде оспособено за обичниот асфалт, за такво нешто ќе почекаме да се изјасни производителот. Покрај оваа реткост, автомобилот поседува уште неколку, како на пример тоа што ќе се продава по цена од три милиони долари и ќе биде произведен во само 18 примероци. „Де Томасо п 900“ е како измислен за колекционерите.
V12 моторот со работна зафатнина од 6,2 литри е посебно правен за купето на Де Томасо и е сместен веднаш пред задната оска, односно централно, а погонот е на задната оска преку шест степен секвенцијален менувач. Не се спомнуваат други детали, се чуваат за светската премиера, но според озборувањата моторот ќе се „врти“ до неверојатни 12.000 вртежи во минута.