Купра како име почна да постои од 1996 година кога шпанската марка на автомoбили Сеат реши своите спортски изведби да ги именува со „купра“, како на пример „сеат леон купра“. Тоа во некоја друга марка би било нешто како „гти“. Нештата беа такви се до 2018 кога сопственикот на Сеат, Фолксваген АГ, реши тие спортски изведби да бидат самостојни, односно „купра“ да стане самостојна марка, пред сѐ луксузна од премиум класата.
На почетокот од последниот летен месец Купра го претставува „терамар“, сув модел кој многу скоро ќе стане еден од најпосакуваните меѓу купувачите. Сув линија сега е во подем насекаде во светот и нема причина „купра терамар“ да биде исклучок, затоа велиме дека ќе постигне добар продажен резултат.
Осветлено лого, а од прагот зрак кој испишува „купра“ на асфалтот, но и напред со тоа што„купра“ го читате на сидот од гаражата или на вратата. Како што напомнува производителот, кога ќе отворите врата се случува вистинско шоу во внатрешноста предизвикано од светлосните уреди како за добредојде, а филот на тортата се 12 звучници од марката Сенхајзер кои го заокружуваат амбиентот. И се разбира, внатрешноста е дотерана со квалитетни материјали, така што чувствувате дека конструкторите посветиле големо внимание на деталите.
Спортската нота треба да излегува од моторите „тси“. Ќе има чист бензински, потоа бензински со умерена хибридна технологија и бензински со приклучок односно „е хибрид“ чија батерија од 0 до 80 отсто се полни за 26 мин. „Тси“ 1,5 со 150 КС, потоа 2,0 тси со 204 КС и изведбата „вз“ (велоз на шпански е брзо) („террамар вз“) располага со фантастични 272 КС. Овие две изведби имаат погон на сите тркала и автоматски менувач наречен „дсг“ со седум преноси. Тој ист менувач го има и изведбата со 1,5 л мотор. За разлика од останатите од дивизијата кои имаат дизел мотори, Купра такво нешто нема.
Сето ова напишаово е сместено во следниве димензии: должина 4.570 мм, ширина 1.863 мм и висина 1.587 мм. Во одделот за товар имате на располагање простор од 602 л. Производителот нуди девет бои, но засега не нуди како опција вие да изберете боја по ваш вкус. Штом Купра е внесена во луксузниот свет, премиум класата, тогаш мора да има и некоја слична опција со доплата. Цена од 41.000 евра и нагоре.