Луксузно спортската марка Купра во сопственост на Сеат во првата половина од јули направи смел чекор со претставувањето на моделот „ел борн“ со кој, како што велат, ќе ја изменат динамичката перцепција за електрично задвижуваните возила. Концептот „купра ел борн“ за првпат ѝ е претставен на светската јавност во 2019 година на Салонот за автомобили во Женева. Откако доби оптимистички оценки, конструкторите, дизајнерите и водечките во компанијата не го оставија возилото во некое фабричко депо, туку работеа на негово доусовршување и подготовка за сериско производство. Веќе е решено „купра eл борн“ е сериски автомобил кој ќе се произведува во градот Цвикау, во Германија. За марката ова ќе биде првиот целосен електричен автомобил.
Иако првичните официјални извештаи за техничките податоци се оскудни, сепак има неколку кои ќе бидат од голема корист за читателите. Возилото од 0 до 50 км/ч забрзува за 2,8 секунди. Со едно полнење може да помине 500 километри благодарение на 77 kw батерии, а доколку му се брза на сопственикот, тогаш тие исти батерии за 30 минути можат во себе да складираат доволно енергија да извози 260 километри.
Спортските особини на возилото не доаѓаат само од погонските единици, туку и од шасијата. Системот „Динамик шасис контрол спорт“ е посебно развиен за овој модел на Купра, во заедништво со платформата „меб“. Овој систем го прилагодува возилото за спортско возење според условите на патот и начинот на кој возачот управува со возилото. Со тоа во секој момент возилото може да одговори со супериорно ниво на динамичко возење.
Покрај овие има уште еден податок вреден за спомнување. Поголемиот дел од материјалите од кои е направен автомобилот може да се рециклираат и одново да бидат употребени – мислеле и на животната средина.
Производството на „купра ел борн“ треба да започне следната година, а нејзино сместување во продажните салони ќе се случи на крајот од првата половина од 2021 година.