Ако сте кампер можеби знаете, или сте слушнале, но ако не сте кампер, еве еден занимлив податок. Добро познатиот производител на автомобили Цитроен е втор на континентов по производство на преуредени комбиња наменети за туристички патувања. Застанувате каде сакате и колку сакате, спиете таму каде што ќе ви текне и одите на места кои ги нема на ниту една карта, а случајно сте ги приметиле при патувањето. Голема е предноста на ваквите возила. Тие што биле на одмор со вакво возило, многу добро им се познати благодетите, а тие што не биле, еве им можност одблиску да се запознаат со едно такво возило и тоа од марката Цитроен, една од европските најдобри производители на комбиња кои ние ги именувавме како мал дом на тркала.
На основа од „спејс турер“, а дизајниран по примерот на легендарниот модел од пред половина век „тип х“, деновиве Цитроен на изложбата „Дизелдорф караван шоу“ го претстави концептот „тип холидејс“. Внатрешноста на возилото е дело на компанијата Каселани со која Цитроен соработува со децении наназад при подготовка на сериските камперски возила. Како што најавуваат од Цитроен, изложеното возило „тип холидејс“ наскоро треба да влезе во производство, но не беше прецизирано кога. Ем старовремски дизајн, ем правен со најнова технологија, а останатите детали се позајмени од современиот „спејс турер“ – три во едно.
Во внатрешноста има место за петчлено семејство, мала кујна со простор за готвење, мал мијалник и веднаш до него фрижидер, но и многу фиоки и долапи.
Не е само летото за патување, туку и есента, пролетта и секако зимата со својата убавина во бело. За пријатните мигови при патувањето и спиењето во студените денови се погрижи кој друг ако не Вебасто со одличното греење во цело возило. Погонските единици сигурно ќе бидат во согласност со современите светски текови, односно ќе имаат електрификација, а можеби и целосна.