Моделот „корвета“ од надалеку познатиот производител Шевролет отсекогаш привлекувал внимание каде и да се појави. Неколку автомобили се култни во Америка, „форд мустанг“, „доџ челинџер“, „доџ чарџер“, „ац кобра“, „понтијак транс ам“, а од странските производители многу го почитуваат „нисан гтр“. Во овој список отсекогаш била и „корветата“, душата на американските љубители на купе автомобилите.
Деновиве производителот се огласи со изведба која е нај, нај од сите досегашни. „Корвета“ со V8 мотор со двоен турбо полнач и со завидни 1.064 КС. Со оваа бројка од коњски сили „корвета зр 1“ влегува во јатото на хипер автомобилите. За таа бројка да биде поубедливо поткрепена, зборуваат следниве докази, од 0 до 100 км/ч за 2,3 сек. и крајна брзина од 374 км/ч. Сето ова ја сместува најновата „корвета зр 1“ на врвот од најбрзите сериски автомобили и воедно најскапите на домашно тло. И покрај сѐ, цената не е над 175.000 долари. Американската автомобилска индустрија отсекогаш била поевтина од европската, но и од многу други. Ако сакате да купите друг спортски автомобил со толку многу силина ќе треба да издвоите дополнителни, најмалку, 70.000 долари на пример за „порше 911 гт 3 рс“. Ако сакате да купите „мекларен 765 лт“ ќе треба да доплатите уште 200.000 долари, а за „ламборџини ривуелто“ доплатата изнесува „забегани“ 430.000 долари. За релативно малку пари Шевролет нуди далеку повеќе од неговите европски соперници, а силината, забрзувањата и крајната брзина се тука некаде.
Кога зборуваме за врвната технологија употребена во автомобилите, Шевролет воопшто не заостанува зад спомнатите соперници – композитно (јаглеродни влакна) керамички сопирачки, покривот и капакот од моторот („хаубата“) се произведени исто така од јаглеродни влакна, а и спојлерите го делат истиот материјал, така што сѐ има во најновата „зр 1“ исто како и во европските купе автомобили од класата хипер. Разликата во цената е очигледна и затоа слободно можеме да кажеме дека некој претерува.