Безбедност во сообраќајот-KAKO ПРАВИЛНО ДА ИЗБЕРЕМЕ ПНЕВМАТИЦИ

13/10/2022

ПНЕВМАТИЦИТЕ НА АВТОМОБИЛИТЕ СФАТЕТЕ ГИ КАКО ДЕЛ ОД ВАШАТА СЕКОЈДНЕВНА ОБЛЕКА. КУПУВАТЕ ОБУВКИ ЗА ДА ИЗГЛЕДАТЕ УБАВО, НЕЛИ? ТОА МУ Е ПОТРЕБНО И НА АВТОМОБИЛОТ, САМО ШТО КАЈ НЕГО ТИЕ ОБУВКИ СЕ НАРЕЧЕНИ „ГУМИ“.

 

ПРИ КУПУВАЊЕ НА ПНЕВМАТИЦИ ЗА ВОЗИЛОТО ВНИМАВАТЕ НА СЛЕДНИВЕ РАБОТИ:

 

* Пневматиците да ја имаа соодветната димензија пропишана од производителот на возилото, а не пошироки како што сте замислиле. Не купувајте пневматици со преголем брзински индекс затоа што тие пневматици се поскапи, а тоа нема да ви користи. На пример, ако вашето возило постигнува крајна брзина од 140 км/ч, нема потреба да купувате пневматици со брзински индекс соодветен на брзина од 180 км/ч или повеќе.

 

* Датумот на производство на пневматиците, исто така, е битен. Не купувајте пневматици што се произведени пред повеќе од три години. Како и за сите производи, така и за пневматиците постои рок на траење. Засега ниеден производител на пневматици не се изјаснил за тоа колкав е рокот на употреба на пневматиците (на тие што се неупотребени, чувани во продавница). Најчесто пневматиците треба да бидат заменети кога шарата не е подлабока од 2 мм, но, исто така, не е добро да возите 10 години стари пневматици со шара длабока, на пример, 4 мм.

* Кога доаѓа студениот период од годината, летните пневматици мора да бидат заменети со зимски. Летните пневматици ја вршат својата работа до температура не пониска од +6 степени затоа што смесата од кои се направени е наменета за високи температури. На температури под нулата најдобро се снаоѓа зимскиот пневматик затоа што смесата од кои е направен е наменета да функционира на студено време, но не е наменета за возење на летни температури.

 

* Несоодветните пневматици имаат подолга траекторија на сопирање и автомобилот е значително повеќе нестабилен, особено на свијоци

Најголема грешка се прави кога купувате стари пневматици што претходно се возени неколку години. И да не помислувате да купувате половни пневматици. Можеби старите пневматици поминале многу километри по лош асфалт. Најлошо е ако пневматиците биле подложени на силни удари на раб од дупки и тротоари или друг вид препрека. Во тој случај може да дојде до искривување на каркасата, а потоа пневматикот при големи брзини над 70 км/ч „фрла“ и не може да се балансира. Каркаса е челичен појас во пневматикот и има иста улога како и скелетот во човековото тело. При искривување на каркасата се нарушува кристалната решетка на металот и на тоа место напаѓа корозијата. Тој дел од пневматикот е најслаб, така што не е далеку мигот кога пневматикот ќе пукне, односно ќе се распадне за време на возење. Затоа не купувајте половни пневматици.

*Нема ништо подобро и покорисно од правилно напумпани пневматици. Производителот пропишал колку атмосфери треба да бидат напумпани пневматиците. Табелата со вредностите е испишана на мала метална табличка или, пак, лепенка поставена на работ на (најчесто) возачката врата или на рамката на вратата. Автомобил со правилно напумпани пневматици е најстабилен, најмалку троши гориво бидејќи триењето со подлогата е оптимално и абењето е симетрично. Ако пневматикот е премногу напумпан, тогаш абењето е присутно само на средишниот дел што допира на асфалтот и автомобилот е исклучително нестабилен. Ако, пак, пневматикот е недоволно напумпан, тогаш триењето со асфалтот е поголемо и затоа се зголемува потрошувачката на гориво, потоа отежнато е вртењето, а поради тоа страдаат и другите делови од системот за управување.

 

*Кога автомобилот мора да биде паркиран повеќе денови на сонце, нема да биде лошо пневматиците да ги покриете, на пример, со картон или некој друг материјал. Малку заштита нема да штети.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ