КЛИМА-УРЕДОТ ВО АВТОМОБИЛОТ ПРЕТСТАВУВА ПРЕДНОСТ ОСОБЕНО ВО ЛЕТНИОТ ПЕРИОД ПРИ ШТО ПАТУВАЊЕТО, ОСОБЕНО НА ДОЛГИ РЕЛАЦИИ, ГО ПРАВИ ПРИЈАТНО. НЕКОНТРОЛИРАНАТА УПОТРЕБА НА СИСТЕМОТ ЗА ЛАДЕЊЕ МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКА ЗДРАВСТВЕНИ ПРОБЛЕМИ ШТО ПРОИЗЛЕГУВААТ ОД РАЗЛИКАТА МЕЃУ ТЕМПЕРАТУРАТА ВО ВОЗИЛОТО И НАДВОР ОД НЕГО
Клима-уредот служи за ладење на воздухот, a во кабината на автомобилот се вградува повеќе од четири децении. Денес речиси нема автомобил што во сериската изведба нема вградено клима уред. Неговата предност е голема особено кога се патува на подолги релации кога дневната температура надминува 40°С. Клима-уредот се состои од компресор, кондензатор и инсталација. Влегува во функција со притискање на копчето А/С при што моторот на автомобилот задолжително треба да работи. Количината фреон или течноста за ладење во клима – уредот е значајна за да функционира нормално. Нивото на течноста за ладење лесно се проверува. Во близина на компресорот има прозорче каде што се контролира течноста каде може да се види нивото на количеството фреон. Нивото на фреон во клима-уредот се контролира додека тој е во функција, а течноста се менува според препораките на производителот. Одржувањето на клима уредот е едноставно. Потребно е редовно чистење на кондензаторот и тоа со вода под голем притисок по можност со прскалка. Поради нередовното или неправилното чистење многу возачи се жалат на непријатен мирис што доаѓа од вентилациониот отвор кога уредот е вклучен. Причина на непријатната миризба не е филтерот, туку микроорганизмите што се размножуваат во системот поради неправилното користење. Кога клима-уредот е вклучен многу брзо се создаваат поволни услови за размножување на микроорганизми и во тој случај недоаѓа до создавање на кондензанти кои го прочистуваат ѕидот на системот. Притоа доаѓа до создавање влага која е погодна за развој на микроорганизми што ја создаваат непријатната миризба. За да се спречи тоа по исклучувањето треба да се вклучи вентилаторот и да се остави неколку минути да дува со најголема брзина, со што ќе дојде до сушење.
Ќе ви препорачаме неколку совети за правилна употреба на клима уредот:
• редовно менување на филтерот, најмалку два пати во годината;
• контрола на состојбата на ременот на компресорот;
• проверка на нивото на фреон, зошто вишокот или недостигот од фреон е подеднакво штетно за компресорот;
• цевките на системот на клима-уредот не смеат да ја допираат каросеријата, бидејќи може да предизвика корозија и нивно напукнување;
• не е препорачливо да се дополнува системот за фреон освен во случај кога ќе се намали нивото при механичко оштетување;
• при миењето на автомобилот да се прегледа состојбата на битните елементи на системот и доколку е потребно и тие да се измијат;
• не треба уредот да го користите помалку од 10 минути и
• користете деодоранс за клима но откако ќе го вклучите системот.
Користењето на клима-уредот ја зголемува потрошувачката на гориво, за околу 10 проценти или поточно за околу 1 литар гориво. Со користењето на системот за ладење не смее да се претерува дури и во најжешките денови. Се препорачува разликата меѓу внатрешната и надворешната температура да не биде поголема од 5°С.