НЕКОЈ ГО ИЗМИСЛИЛ ЗА ДА ВОСПОСТАВИ РЕД И ДА ЈА ЗГОЛЕМИ БЕЗБЕДНОСТА НА УЧЕСНИЦИТЕ ВО СООБРАЌАЈОТ. ЗА ЖАЛ, МНОГУ ВОЗАЧИ НЕ ГО ПОЧИТУВААТ ПЕШАЧКИОТ, НЕ ЈА НАМАЛУВААТ БРЗИНАТА НА ВОЗИЛОТО И НЕ ИМ ДАВААТ ПРЕДНОСТ НА ПЕШАЦИТЕ. ТИЕ ВОЗАЧИ СЕ ГЛАВНИ ПРЕДИЗВИКУВАЧИ НА СООБРАЌАЈНИ ТРАГЕДИИ
Појавувањето на автомобилите, на моторните возила, предизвикало многу проблеми бидејќи сопствениците возеле без некаков ред. Возеле по патиштата по кои се движеле и запрежните коли, но без правила за однесување во тогашниот „сообраќај“. Безредието морало да биде отстрането, а за тоа се погрижил Вилијам П. Ено во 1909 год. Тој е творецот на „Правила на патот“, првиот правилник за однесување во сообраќајот. Њујорк е прв град во кој биле воспоставени сообраќајни правила, потоа биле прифатени во Лондон и Париз, а малку подоцна во целиот свет. Оттогаш тие правила се надградуваат и важат за цел свет. Може да се каже дека дури 90 отсто од правилата се исти, а само 10 отсто имаат некои минимални измени и се разликуваат од држава до држава.
Правилата мора да бидат почитувани за да бидат отстранети безредието и недисциплината. Патниот сообраќај е збир од многу детали што мора да бидат усогласени. Поради несовесноста и недисциплината на дел од учесниците во сообраќајот има катастрофални последици со човечки жртви.
Пред воведување на пешачкиот премин пешаците секаде ги минувале улиците. Првиот пешачки премин со познатата „зебра“ е исцртан на 31 октомври 1951 година во Лондон на улицата „Слоут Хај Стрит“. Во 30-тите години од минатиот век на британските патишта пешачките премини биле обележани со столбови високи 3,2 м обоени црно-бело, а на врвот имало жолта светлосна топка. Вакви столбови со жолти светлечки топки и денес има на британските улици, дури и во Хонгконг, Малта и Сингапур, секако покрај „зебрата“, со цел подобро да се воочување на пешачкиот премин и пешаците.
Пешачката „зебра“ мора да биде почитувана од возачите, но и од пешаците. Тоа значи дека пешаците мора да ја минуваат улицата на „зебрата“, а автомобилите мора да ја намалат брзината или да застанат пред пешачкиот ако некое лице ја минува улицата. Сепак, дел од учесниците во сообраќајот не го почитуваат пешачкиот премин , како пешаците, така и возачите. Исто така, не се почитува и црвениот семафор. Во градските центри каде што метежот е најголем, на раскрсниците се поминува на црвено, а пешачките премини се полни со пешаци. Во тие мигови возачите стануваат потенцијални убијци. Очигледно за сите што не ги почитуваат правилата на пешачкиот премин потребни се ригорозни мерки и казни.