ABARTH 600E-АБАРТ НА СТРУЈА

06/11/2024

Некогашното славно име Абарт кое се потпираше исклучиво на филигрански подготвените бензински мотори, денес современата технологија го натера тоа име да стои и на електричните возила. И кај останатите производители состојбата е иста, не е само Абарт „заразен“ од електромоторите. Каде е тој специфичен звук што го имаат ото моторите? Ќе ставале некаков вид звучници кои ќе произведуваат ист звук. Еве до каде стасавме, звукот од моторите да биде вештачки, снимен на лента, на цд или да бидеме во тек со времето, на усб. Возиш „фиат панда“, а пушташ звук од Масерати или Доџ.

Првото возило со името Абарт кое излегло од работилницата е „204 а роудстер“ („а“ за Абарт), направено на основа од „фиат 1100“. Абарт и Скаљарини ги доработувале моделите на Фиат, ги фризирале, односно ги подготвувале за трки, а подоцна ги продавале како туристички автомобили. Деновиве Абарт ги лансираше фиатовиот модел „600 е“ во негова изведба, Абарт и тоа со два подмодели, 600 е туризмо“ со 240 КС и „600 е шкорпионисима“ со 280 КС. Подмоделот „шкорпионисима“ ќе биде произведен само во 1.949 примероци означувајќи ја годината кога Карло Абарт заедно со Гвидо Скаљарини ја основаат работилницата „Абарт & Ц“.

Од „шкорпионисима“ имаме изведба „стрит“ и „трак“. Нивната крајна брзина е ограничена на 180, односно 200 км/ч, а „туризмо“ постигнува максимални 150 км/ч. Тоа со километрите изминати со едно полнење на батеријата е релативна работа – околу 325 км, плус / минус 10 км. „Шкорпионисима“ ќе биде опремен со посебен диференцијал „лсд“, но и со поширока трага на тркалата напред за 30, а назад за 25 мм. Остатокот од опремата е електрониката и уредите наменети за стабилност на автомобилот, потоа камери за следење на сообраќајот одзади, сензори за паркирање, за дожд, за снег, за мраз и што уште не. Екраните? Да, тука се два, а со доплата може да бидат вградувани и на потпирачите за глава да можат патниците од задни седишта да играат кантерстрајк, да гледаат филмови и сл. Цената на изведбата „туризмо“ е малку над 40.000 евра, додека за „шкорпионисима“ на домашниот пазар бара скоро 50.000 евра.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ