Повод за нашето интервју во овој новогодишен број на „АМСМ Мегафон“ е јубилеј вреден за почит, кој оваа година го прославува Генералниот секретар на АМСМ Димитар Миновски – 40 години работен век во АМСМ.

Со голема желба и ентузијазам, секако, и со макотрпна работа тој успеа од АМСМ да создаде бренд на кој многумина би му позавиделе. Да се допрат најголемите тајни на традицијата, при тоа да не се затворат вратите на модерното, е она по што тој се разликува од останатите.

 

 

Што најмногу Ви помага во успехот, што би издвоиле како најбитен предуслов за да се биде успешен?

 

Успехот е цел кон кој секој во својот живот се стреми. Тоа значи остварен човек кој чувствува дека е исполнет во себе и пошироко, кој придонел во својата работна околина и семејството. Успехот е мотивација за себе и пример за другите.

Успехот е процес. Тоа јас добро го сфатив бидејќи во АМСМ се остварувам цел работен век, сè до сега.  Организција која има долга традиција и историја на постоење, што временски  нужно наметна потреба од организациони, кадровски движења и веројатно најтешкото, сочувување на брендот „АМСМ“. Да се сочува брендот „АМСМ“ е многу сложен процес поврзан со општественото позиционирање на организацијата што наметнува вештина на многу чекори и постапки кои мора да се доследни од раководството и вработените. Во овој контекст доаѓа до промена на цела плејада на луѓе кои беа вклучени во управувањето и раководењето и кои со своето залагање и искуство оставија свој белег и печат.

Желбата за работа, истрајноста, комуникацијата со раководството и органите, вообичаено во стандардна форма, но и наредбодавачки, се секојдневни моменти согласно природата на мојата работа, но често и применување на тактика на компромис, а во одредени случаи и одолговлекување на донесување на заклучоци и одлуки со цел созревање и правилно детектирање на нужните елементи за донесување на правилна и издржана одлука.

 

 Опишете ја Вашата највпечатлива година…

 

Во ова динамично време секоја година има свои специфики. Сепак, се присетувам на процесот на раздружување на АМСМ од АМСЈ, кој процес паралелно следеше со осамостојување на нашата држава од поранешна СФР Југославија. Буквално се тргна од ,„нула“ во позиционирањето на АМСМ на меѓународен план и зачленување во ФИА, АИТ и ФИМ. Искуство во оваа област недостасуваше и следеше неколкугодишен процес на испитување на постапките и процедурите за зачленување, при што беа извршени повеќе посети на клубовите- членки и пресудното, контактирање и информирање на нашите државни органи и обезбедување на потребната документација. Следеше процесот на лобирање во меѓународните асоцијации кој заврши со успех. Овие моменти се со историска тежина и значење и се темели на натамошниот развој на АМСМ во домашни и меѓународни рамки.

 

Можете ли да направите споредба со работењето на АМСМ некогаш и денес?

 

АМСМ, како и многу други организации, се соочувал со падови и подеми. Во нејзиното основање, во далечната 1945 год. тежиштето беше ставено на повоеното обучување на возачи. Оттука АМСМ е препознатлив по авто –школа со поголем возен парк и инструктори. Функционирајќи во рамките на поранешната АМСЈ се воведе и патната помош, сервиси за поправка и одржување на моторни возила, а подоцна следеше циклус на отварање на станици за технички преглед.

АМСМ работи во доменот на сообраќајот и се моделираше согласно потребите на сообраќајот. Сепак, најголемата компактност и современ начин на работење го бележиме во периодот на осамостојувањето на нашата држава, што природно следи со стекнување на меѓународниот елемент. Во овој период голем број наши кадри се вклучија во различни обуки и пренесоа драгоцено искуство во тековното работење и потребниот развој. Тоа може да се види пластично и преку бројот на вработени, кои во почетокот броеше секогаш помалку од стотина, да достигне бројка и до околу триста, за денес бројката да е околу двеста.

Посебен момент за одбележување е развојот на Сојузот во чиј состав функционираат авто-мото друштвата. Генералната политика на АМСМ бараше да се отворат АМД во сите поголеми градови и со тоа практично се опфати целата територија на државата. Со гордост можам да истакнам дека тој процес е успешно спроведен иако веројатно и ќе продолжи.

Денес можам со гордост да истакнам дека брендот на „АМСМ“ зрачи и е лидер. Сепак уште многу има да се работи да се приближиме до позицијата на поголемите европски клубови како германскиот ADAC, холандскиот ANWB, швајцарскиот TCS, австрискиот ŐAMTC и други.

 

 Кој е Вашиот совет за нас вработените?

 

Главната премиса на раководството е, секако, лојалноста спрема својата фирма. Тоа е императив, кој често пати не е на преден план, особено кај помладите кадри. Секако против тежа на тоа мора да биде соодветното наградување, подобрување на условите за работа, едукацијата и унапредувањето. Да не заборавиме дека се соочуваме со голема и сериозна конкуренција, а често пати таа успева да навлезе, можеби моментно, кај дефицитарните кадри. Во овој контекст препорачувам отворен разговор со раководството за изнаоѓање на можно решение. На тој начин ќе обезбедиме континуитет на многу значајната кадровска политика, која е новиот двигател.

 

 Присетете се на една анегдота која ден денес ја раскажувате…

 

Секако има многу случки кои можат да се раскажуваат и прераскажуваат. Но една од нив е поврзана со доставувањето на документацијата за нашето зачленување во меѓународните асоцијации кое моравме да го направиме во друга држава бидејќи поштата во нашата држава не функционираше на меѓународен план. Ја избравме соседна Бугарија. Во една пошта во Софија стрпливо чекавме на ред, бидејќи имаше многу гужва. Документите препорачано ги испративме со големо задоволство и радост во себе. Но, кога требаше да се вратиме до нашето возило за да го продолжиме патот, не чекаше изненадување – колата ја немаше. Момент спротивен на чувството на задоволство и радост. Колата ни беше украдена. Тоа беше „малата“ цена на идниот меѓународен легитимитет на АМСМ.

 

Click outside to hide the compare bar
Спореди
Споредба ×
Спореди Continue shopping